Во период од 500 години, до изолираниот „бисер“ во Атлантскиот Океан, островот Света Елена, кој се наоѓа под британската круна, можело да се стигне само со брод.
Света Елена е сместена на 2.000 километри западно од реката Куена , која се наоѓа на границата меѓу Намибија и Ангола во југозападна Афика, и 4.000 километри источно од Рио де Жанеиро.
Површината на островот изнесува 121 километар квадратен, а според пописот на населението од 2008 година, има 4.255 жители. Затоа и не е чудно што населението е вонредно љубезно и пријателски настроено кон сите, а тука дури и автомобилите не се заклучуваат туку се оставаат со клучевите во бравата.
Според зборовите на посетителите, за најголем „грев“ таму се смета да не се поздрават случајните минувачи по улиците.
Островот бил ненаселен кога го откриле Португалците во 1502 година, а со векови бил важно пристаниште за бродовите кои пловеле кон Европа од Азија и Јужна Африка.
Познато е и тоа што после поразот кај Ватерло, Наполеон бил прогонет токму на овој остров.
По 500 години изолација, тука работите веќе се менуваат. Додека до неодамна бродовите во Света Елена пловеле еднаш месечно, сега на островот е изграден и аеродром, па за очекување е дека ќе почне многу посеризен туристички развој, затоа што местото има и што да понуди: планинарски патеки низ вулканските ридови, стари камени утврдувања од каде се простира прекрасен поглед на морската шир, два национални паркови, музеи...