„Спејс екс“ беше популарна тема во медиумите по неуспешното лансирање на ракетата „Старшип“ на 20 април, но неколку дена претходно се најде во вестите и поради друга причина.
Додека астрофотографите со години прават фотографии од лансирањето на „Спејс екс“, фотографот Тод Салат снимил нешто навистина посебно над врвот Донели Дом на Алјаска. Познат и како ловец на аурори, Салат на 15 април излегол да ја фотографира поларната светлина, кога се појавила мистериозна спирала.
- Бев навистина изненаден кога првпат забележав далечна силна светлина како доаѓа кон мене од северниот хоризонт. Прво мислев дека станува збор за млазен авион кој лета низ облаци. Но, потоа доби спирален облик и растеше брзо - изјави тој.
Салат не можел да поверува што гледа и бил збунет од сето тоа. За среќа, брзо реагирал и успеал да го сними настанот.
- Бев избезумен, но успеав да снимам и да фотографирам знаејќи дека станува збор за уникатен настан - додава тој.
Кога пристигнал дома, почнал да истражува и тогаш сфатил дека она што го видел на небото не е природен феномен. Три часа претходно, во Калифорнија, мисијата „Спејс екс транспортер-7“ била лансирана на „Фалкон 9“, од вселенската база Ванденберг. Спиралата е всушност замрзнатиот издувен гас на ракетниот мотор. Кога ќе ја фати сончевата светлина на голема надморска височина, свети и се создава спирална формација.
Извор:
Mymodernmet.com
Фото: Tod Salat