Шегачењето е една општа карактеристика на луѓето од сите возрасти и од сите култури. Дали едно лице нешто ќе смета за смешно, зависи од разни работи, на пример, од возраста, културата, образованието, интелигенцијата и сл.
Психологот Реди (V. Reddy) со години го проучувалa раното однесување на доенчињата. Во серија трудови (1991- 2022) таа изнела интересни сознанија.
Уште во првата половина од годината доенчињата се веќе страсни набљудувачи на околината, вели Реди. Перцепцијата на хуморот кај нив започнува рано, околу четвртиот месец од животот и на таа перцепција тие реагираат со смеење.
Шегата на оваа рана возраст се изнесува со задевање. Доенчињата не само што се во состојба да реагираат на задевање, туку и самите задеваат. Тие ги задеваат другите уште пред да ги кажат своите први зборови, во 8. месец и тоа на следниов начин: доенчето ќе понуди предмет и потоа брзо ќе го повлече, прави обид да изврши акција што не е дозволена или ќе се обиде да изврши очекувана акција, или пак спречува акција на друго лице.
Психолозите, а и други научници, доста рано се заинтересирале за прашањето дали помеѓу луѓето и животните има сличност во изразувањето на емоциите. Тие размислувале вака: задевање преку игра кај доенчето се јавува во предвербалниот период, уште пред тоа да го изговори првиот збор. Накратко, за такво однесување не е потребен говор. Но, кај мајмуните не постои говор. Затоа научниците се обиделе да бараат паралелизам помеѓу однесувањето на бебињата во рана возраст и однесувањето на мајмуните.
Поопширно ќе опишам едно ново истражување (јануари, 2024) во кое врз мајмуните се истражувало задевањето преку игра (playful teasing), а кое, според мои сознанија, привлекло многу внимание и е често цитирано.
Група истражувачи од Америка и од Германија, три когнитивни биолози и приматолози со нагласен интерес за когнитивните способности и еден психолог, предводени од Лoмер (Laumer), сметале дека проучувањето на задевањето преку игра кај мајмуните е запоставено. Тие сакале да истражат дали нечовечките примати, мајмуните, манифестираат задевање преку игра какво што е забележано кај предвербалните човечки доенчиња.
Како течело истражувањето
Истражувачите опсервирале четири групи возрасни мајмуни, и тоа девет бонобо (Pan paniscus), четири орангутани (Pongo abelii) и четири горили (Gorilla beringei) во зоолошката градина во Сан Диего и група од 17 шимпанза (Pan troglodytes) во зоолошката градина во Лајпциг, вклучувајќи и младенчиња на возраст од 3 до 5 години. Мајмуните биле сместени во добро опремени простории и биле хранети неколку пати на ден. Истражувањето траело од 2016 до 2019 година и се состоело од набљудување и снимање на однесувањето на мајмуните. Биле снимани сите социјални интеракции. За овој период биле собрани 75 часа видеоматеријали.
Од нив биле извлечени клипови во кои имало спонтани социјални интеракции кои личеле на игра.
Истражувачите регистрирале 504 интеракции, кои, меѓутоа, биле понатаму анализирани, а со цел да се изберат потенцијално задевачки настани. Секоја социјална интеракција била оценета наспроти десет критериуми, со која постапка биле избрани 384 потенцијално задевачки настани. Овие, пак, биле понатаму оценети наспроти пет критериуми кои дефинирале „задевање“ и други пет критериуми кои дефинирале „игра“, по што останале 142 задевачки настани кои биле третирани како „јаки“, односно убедливи примери за задевање. Овие настани морале да задоволат најмалку 3 од бихевиоралните критериуми.
Истражувачите опишале 18 дејства кои ги нарекле „однесување на задевање“ (teasing behavior). Овие дејства, описите на критериумите што дефинирале задевачко однесување и описите на критериумите за игра, нема детално да ги прикажам затоа што просторот не го дозволува тоа.
Определувањето на критериумите што дефинирале задевање и игра помогна да се прави разлика помеѓу игра (play) и задевање преку игра (playful teasing), која накратко ќе ја опишам.
Иако задевањето содржи елементи на игра, тие се разликуваат по неколку критериуми. Играта е реципрочна, додека задевањата се еднонасочни. Авторите тврдат дека сите видови големи мајмуни имаат специфични гестови со кои се означува почетокот и гестови со кои се означува крајот на играта. Според истражувачите, еден критериум за да се прави разлика помеѓу игра и задевање преку игра е отсуство на специфичните гестови како знак за почеток на играта и гестови што означуваат крај на играта.
Трудот изобилува со податоци од дескриптивен карактер (фреквенции, проценти и сл.) како и со податоци од статистичко пресметување. Добар дел од податоците се дадени во Додатокот на трудот, што може да биде од интерес за напреден читател.
Што значат добиените резултати
Со ова истражување се дошло да значајни сознанија за социјалниот живот на шимпанзата, орангутаните, бонобите и горилите, со што знаењата за однесувањето на приматите во голема мера се прошири.
Еден наод од ова истражување е дека сите четири видови големи мајмуни се впуштале во намерно, провокативно однесување, со што се покажувала спремноста за игра.
Забележани се преференции за специфични, така да речам, лудории меѓу видовите мајмуни: шимпанзата уживале во шлакање на возрасните кои заспивале, орангутаните особено сакале да влечат коса, а горилите уживале во туркање на другите, млад орангутан ја влечел косата на неговата мајка, што било омилено однесување на овој вид мајмуни.
Повеќето од набљудуваните интеракции меѓу четирите вида вклучувале помлад мајмун кој постојано провоцирал постар мајмун, сè додека не добиел реакција. Ако провоцирањето се покажало неуспешно, мајмуните го интензивирале своето однесување за да предизвикаат одговор.
Овие набљудувања покажувале дека нормата за шегачење што важи за луѓето важи и за мајмуните: за успешно задевање, двете страни треба да покажат спремност.
Она што е интересно, според Ломер, водечки автор на студијата, е што нашле сличности помеѓу задевањето на мајмуните и задевањето на доенчињата.
- Кога човечките доенчиња ја задеваат својата мајка, тие гледаат во лицето на нивната мајка за реакција. Тоа го забележуваме и кај овие големи мајмуни – вели Ломер.
Најважни од ова истражување се еволутивните импликации. Еволутивните импликации на наодите се длабоки затоа што задевањето преку игра и неговите когнитивни предуслови веројатно биле присутни кај последниот заеднички предок на луѓето и големите мајмуни. Ова не само што фрла светлина врз еволуцијата на хуморот и социјалната интеракција, туку и ги нагласува длабоките врски што ги споделуваме со големите мајмуни.
- Од еволутивна перспектива, присуството на задевање преку игра кај сите четири големи мајмуни и неговите сличности со задевањето преку игра и со шегата кај доенчињата сугерира дека задевањето преку игра и неговите когнитивни предуслови биле присутни кај нашиот последен заеднички предок, најмалку 13 милиони години - објасни Ломер.
Од оваа студија произлегува дека задевањето има многу заедничко со шегачењето, а задевањето преку игра може да се гледа како когнитивен прекурзор кон покомплексно човечко шегување.
Иако авторите изразиле желба нивното истражување да биде основа за наредни истражувања, тие се свесни дека наодите до кои дошле не може да се генерализираат затоа што, пред сè, имале мала мостра на мајмуни и набљудувањето траело релативно кратко време. Дали тоа ќе се случи, ќе покаже практиката. Засега останува фактот дека нивниот труд привлекол големо внимание.
Да заклучам: Задевањето преку игра е намерно, провокативно, асиметрично однесување. Слично на задевањето кај бебињата, тоа е еднонасочна провокација, се исчекува одговор на провокацијата, акцијата се повторува ако првото задевање не е успешно, има елементи на изненадување. Задевањето преку игра најверојатно е хомологена црта, наследена од наш заеднички предок кој поседувал когнитивен прекурзор за задевање и хумор.
Д-р Томе Николоски, професор на УКИМ во пензија
Детали за трудот: Laumer IB, Winkler SL, Rossano F, Cartmill EA. 2024 Spontaneous playful teasing in four great ape species. Proc. R. Soc. B 291: 20232345.
https://doi.org/10.1098/rspb.2023.2345