X
 03.05.2023 Забава

Супер Марио - познатиот водоинсталатер кој стана светска ѕвезда

Син работнички комбинезон, црни мустаќи и црвена капа се првите асоцијации на 31-годишниот Срѓан Костиќ од Белград на неговите безгрижни детски денови.

Тој никогаш нема да го заборави денот кога татко му му ја донел конзолата „Сега“, заедно со неколку жолти касети со видеоигри. Оваа конзола беше честа појава во домовите низ поранешна Југославија, на која тој и неговиот брат првпат играа „Супер Марио Брос“.

- Нашиот живот доби нова смисла, а таа игра го одбележа нашето детство - вели Костиќ.

Супер Марио, водоинсталатерот со италијанско потекло, и неговиот брат Луиџи беа главните ликови на легендарната серија на видеоигри на јапонската компанија „Нинтендо“.

Сè започна во далечната 1981 година, кога била направена играта „Донки конг“, а главниот лик бил Џампмен, столар кој бил претходник на Супер Марио. Четири години подоцна била објавена играта „Супер Марио Брос“, која почнала масовно да ја продава конзолата „НЕС“ (Нинтендо ентертејнмент систем), и го означила повторното раѓање на индустријата за видеоигри во средината на 80-тите.

Со Супер Марио публиката го добила првиот лик сличен на човекот - мал е, естетски потсетува на манга-стриповите, има мустаќи, подоцна станува Италијанец и го добива братот Луиџи. Тогаш индустријата за видеоигри почнала да посветува големо внимание на дизајнот на главниот лик, носител на целата игра, како главните актери во холивудските филмови.

Франшизата „Супер Марио“ содржи 23 видеоигри, од кои последната беше објавена во 2021 година.

Со повеќе од 387 милиони продадени примероци, оваа франшиза е меѓу 10. најпопуларни на сите времиња.

igra
Фото: Screenshot/YouTube

Снимени се и 12 телевизиски серии и седум филма посветени на овој водоинсталатер, а последен од серијата е „Браќата Супер Марио“, филм кој постигна најголема заработка во кината низ светот со повеќе од 900 милиони долари.

Познатата тематска музика, која свири во заднина додека Марио и Луиџи собираат печурки и парички, скокајќи на виртуелните непријатели, им е една од омилените на сите што растеа со оваа игра.

Бидејќи оригиналните конзоли беа стари, постоеја и лажни конзоли кои изобилуваа со игри. Подоцна се појави и играта „Доктор Марио“ каде што се редеа апчиња, а потоа и „Супер Марио Карт“, каде што се возеа картинг-трки против другите играчи.

Како Марио ја „прероди“ индустријата на видеоигрите?


Долгогодишниот претседател на „Нинтендо“, Хироши Јамаучи, верувал дека големите игри ги продаваат конзолите, а по објавувањето на „Супер Марио Брос“ во 1985 година, оваа изјава се покажала како вистинита. Со појавувањето на „Супер Марио Брос“ стигнал спасот за тогашната индустрија за видеоигри, која минувала низ тешки години.

Човекот по кој бил именуван новиот херој бил Марио Сегале, Американец со италијанско потекло и сопственик на магацин во Сиетл, кој „Нинтендо“ претходно го изнајмил. На овој начин јапонската компанија сакала да му се оддолжи на Сегале за толеранцијата кон нивното често доцнење при плаќањето на киријата.

Многумина што ја играле играта со задоволство се сеќаваат и на музиката, која се смета дека била апсолутна пресвртница кога станува збор за звучните ефекти во светот на гејмингот. Музиката е дело на јапонскиот композитор Коџи Кондо. Тој бил првиот значаен композитор на музика во видеоигрите, а оваа музика добила важна улога во создавањето на атмосферата и искуството на играта. Оттогаш станало нормална работа видеоигрите да бидат проследени со музика што денес ја изведуваат и симфониски оркестри.

Извор: ВВС
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава