X
 29.09.2020 Живот

Изумителот на Рубиковата коцка сѐ уште учи од неа

Првиот човек што решил Рубикова коцка потрошил цел месец на нејзиното решавање. Тоа бил творецот на коцката, унгарскиот професор по архитектура Ерно Рубик.

Кога ја измислил коцката во 1974, тој не бил сигурен дека некогаш ќе биде решена. Математичарите подоцна пресметале дека има 43.252.003.274.489.856.000 начини на кои може да се подредат коцките, но само една од тие комбинации е точна. Моментално, рекордот за најбрзо решавање на Рубикова коцка е 3,47 секунди и го држи Јушенг Ду од Кина.

По речиси пет децении откако била создадена, Рубиковата коцка е една од најпопуларните и најтешки сложувалки. Глобално досега се продале над 350 милиони коцки, а бројот е поголем доколку се вклучат и копиите. Иако Рубиковата коцка го освои светот, човекот кој стои зад неа не е толку популарен во јавноста.


Фото: Pixabay

Рубик, кој има 76 години, месецов ја промовира книгата „Кубен“ („Cubed“), која делумно е негови мемоари. Тој зборува за коцката како да му е дете, а додека ја пишувал книгата, неговото разбирање за изумот еволуирало, открил тој во едно интервју.

Рубик бил роден на 13 јули 1944 во подрум на болница во Будимпешта која станала засолниште од воздушните напади. Татко му бил инженер и дизајнирал воздухопловни едрилици. Како дете, Рубик сакал да црта, слика и да ваја. Тој студирал архитектура на Технолошкиот универзитет во Будимпешта, а потоа студирал на Колеџот за применети уметности. Се опседнал со геометриски шеми и предавал описна геометрија, што го подготвило за создавањето на коцката.

На 29-годишна возраст се обидел да спои осум коцки за да стојат заедно, но и да се мрдаат, но за тоа немал посебна причина. Тој ги направил коцките од дрво, а потоа ги споил со дупки во аглите на коцките. Предметот брзо се распаднал. По многу обиди Рубик го пронашол уникатниот дизајн со кој направил цврст, статичен предмет кој истовремено е и флуиден.

Тој ги обоил квадратите за да се гледа нивното движење. Рубик ги свртел коцките неколку пати и сфатил дека можеби никогаш нема да може да ја врати оригиналната форма на коцката. Откако ја решил, поднел барање за патент за тродимензионална логичка играчка.

Производител на шах и пластични играчки направил 5.000 копии и во 1977 г. коцката на Рубик се нашла во продавниците во Унгарија. Две години подоцна во земјата биле продадени 300.000 коцки. Рубик направил договор за извоз во САД и за три години таму биле продадени 100 милиони коцки.


Фото: Ерно Рубик/Wikipedia

На почетокот Рубик не добивал плата од компанијата за играчки и живеел на професорската плата. Тој не сакал внимание. Децении подоцна Рубик работел и на други сложувалки, токму во времето кога се намалувал интересот за Рубиковата коцка. Меѓутоа, во 90-тите години се појавиле нови генерации кои ја откриле коцката и продажбата повторно скокнала. Денес се одржуваат над 1.000 натпревари за брзо решавање на коцката.

Рубик може да ја реши коцката за околу една минута, но тој не се фокусира на брзината, туку на квалитетот на решението. Деновиве тој го поминува своето време читајќи, играјќи пинг-понг и грижејќи се за своите кактуси. Тој сè уште размислува за сите можности на коцката, не за нејзиниот дизајн, туку за нејзините потенцијални примени.

Автор: Александра Алтер
Извор: independent.co.uk
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот