Во текот на септември се одржа обука за спроведување на програмата за ученичкa компанија на „Џуниор Ачивмент Македонија“, на која професорите Aња Манчевска и Сенад Сејфиќ од Средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ освоија први места за идејно решение поврзано со формирање ученичка компанија.
Се работи за програма одобрена од МОН и која се реализира во соработка со Центарот за стручно образование и обука. На обуката учествуваа по двајца наставници од училишта од Македонија, а целта беше да се запознаат со концептот на развој и менаџирање на ученичка компанија со вистински производи и услуги.
- Искуството, вештините и знаењата што ги стекнавме на обуката ќе ни помогнат за формирање ученичка компанија оваа учебна година, со тоа што компаниите ги водат учениците, а ние како наставници сме секогаш тука за нив за да им помогнеме и да ги водиме во целиот процес. Оваа учебна година планираме да основаме неколку ученички компании бидејќи интересот на учениците е доста голем. Во една ученичка компанија може да учествуваат од 3 до 5 ученици со еден наставник – ментор. Дејностите што ќе ги вршат компаниите ќе вклучуваат различни услуги и производи за асистивни технологии, климатски промени, животна средина и обновливи извори на енергија, кои сѐ доста актуелни во денешно време - го сподели своето позитивно искуство професорката Ања Манчевска.
Училиштето „Михајло Пупин“ и лани било учесник на националните натпревари поврзани со проектот „Ученичка компанија“. Учениците ги развиле своите идеи во иновативно крајно решение поврзано со безбедноста во сообраќајот, односно на велосипедистите.
- Нашето училиште минатата учебна година беше учесник на натпревари поврзани со проектот „Ученичка компанија“. Пет ученици со нивниот наставник-ментор Стефана Христовска ја формираа компанијата „MP Settings“.
Инспирирани од сообраќајните незгоди кои се сѐ почести во нашето општество, а најголем дел од жртвите се велосипедисти, ученичката компанија „MPSettings“ дојде до идеја да го реши овој проблем со помош на производ кој ќе врши електронска сигнализација со дисплеј. Целта на компанијата е велосипедистите да возат побезбедно и посигурно во сообраќајот со едноставен, лесен и евтин уред кој ќе овозможува сигнализација со помош на дисплеј поставен од задната страна на велосипедот. Учениците направија плочка со печатено коло, ги асемблираа компонентите и за конструкцијата направија кутии со помош на 3Д-печатач. Производот се состои од микроконтролер, дисплеј, џојстик за контролирање со четири начини на работа. Направија и реклама за производот, а визија на учениците е да направат повеќе електрични уреди што ќе решаваат одредени проблеми во сообраќајот и ќе бидат од корист во општеството - објасни професорката Манчевска.
Од училиштето велат дека работат со голем број талентирани, амбициозни и иновативни ученици кои сакаат да бидат вклучени во воннаставните активности.
Интересот од година на година се зголемува, а годинава на уписите имало голем интерес од ученици кои оделе на натпревари по математика.
- Точно е дека интересот на учениците од година на година се зголемува и учениците што се запишуваат во нашето училиште, особено во паралелките од насоката Компјутерска техника и автоматика кои секоја учебна година максимално се пополнуваат во првиот уписен рок, се одлични ученици и во текот на своето основно образование оделе на натпревари.
Во нашето училиште секоја година се организираат Денови на електротехника, наменети за деветтоодделенците од основните училишта од сите градови во нашата држава. Во текот на неколкудневната манифестација учениците учествуваат во натпревар по електротехника, имаат можност да ги разгледаат условите за реализирање настава во училиштето, како и лабораториите и кабинетите за спроведување практична настава, но и можност за дружење и запознавање едни со други како идни ученици во нашето училиште. Сметам дека интересот за СЕТУГС „Михајло Пупин“ е доста голем поради атрактивните образовни профили што ги нудиме, солидните услови за работа со опремени училници, кабинети и лаборатории, како и нивното тековно осовременување и инвестирање во создавање подобри услови за учење и работа на учениците - сметка професорката Манчевска.
Во последните неколку години најголем интерес имало за насоката Компјутерска техника и автоматика, а оваа учебна година голем бил интересот и за другите насоки во училиштето, а тоа се Електротехничар за електроника и телекомуникации, Електротехничар – енергетичар, кои се четиригодишни профили, додека од тригодишни профили актуелен е профилот Електричар електромонтер за електроенергетски мрежи.
- Оваа учебна година формиравме 10 паралелки, 2 паралелки повеќе во споредба со минатата учебна година и СЕТУГС „Mихајло Пупин“ брои над 900 ученици. Училиштето располага со училници, кабинети и лаборатории, работилници за практична настава, за сите образовни профили. За реализирање лабораториски вежби по стручните предмети се користат кабинети за програмирање, кабинет за информатика и компјутерска техника, кабинет за 3Д-моделирање, лабораторија за автоматика и роботика и две лаборатории по електроника, лабораторија по електротехника, лабораторија за енергетска ефикасност на објекти, лабораторија за интелигентни електрични инсталации, лабораторија за електрични мерења, како и полигон во дворот на училиштето, опремен со сите потребни нагледни средства за откривање, симулација и отстранување дефекти на електродистрибутивната мрежа - истакна Манчевска.
„Михајло Пупин“ е меѓу првите училишта што почнаа револуција во енергетската ефикасност. Училиштето има фотоволтаична централа со инсталирана моќност од 12kW, поврзана со електродистрибутивната мрежа, која се користи за напојување на компјутерите, осветлување и за задоволување на други потреби на училиштето. Дел од потребната електрична енергија се обезбедува преку фотоволтаичната централа, додека во периодот кога училиштето не работи, таа се предава во дистрибутивната мрежа.
- Речиси цела деценија имплементираме содржини од енергетска ефикасност преку факултативен предмет, а оваа година преку модулирано дизајнирани програми како редовен и изборен предмет за учениците од четврта година. Во училиштето имаме и опремена лабораторија по енергетска ефикасност на објекти, во која има инсталирано 3 различни технички решенија на фотоволтаични системи кои се користат при реализирање на наставните содржини од таа област - објасни наставничката.
„Михајло Пупин“ има соработка со повеќе компании каде што учениците изведуваат практична настава, со што се создава поквалитетен кадар. Училиштето е едно од пионерите во дуалното образование во Македонија.
- Дуални паралелки во нашето училиште има за насоките Електричар електромонтер на електроенергетски мрежи и Електротехничар – енергетичар. Дуалните паралелки нудат големи поволности, односно овозможуваат учениците да ги потврдуваат и применуваат теоретските знаења преку практична настава во неколку компании од електротехничката струка со кои училиштето има склучено меморандум за соработка, почнувајќи од еден ден во неделата во прва година, со зголемување на деновите во неделата во компании во секоја наредна учебна година. Покрај тоа, компаниите плаќаат надомест, односно стипендија или платена пракса за секој ученик на месечно ниво и по завршување со своето образование им се нуди можност за вработување во компанијата во која извршувале практична настава - истакна Манчевска.
Фото: архива на „Михајло Пупин“