X
 29.10.2019 Колумни

Колумна: Истече млекото се позлати лончето

Факт е дека музиката инструментално е напредната многу и еволуира, се разгранува и раѓа нови жанрови, но текстуално е во плитката бара

Пишува: Александар Павловски, економист, музичар


Велат: „Aко сакаш да процениш човек, погледни го в очи, види му ги пријателите и прашај го каква музика слуша“.
Ако се вратиме назад, 10 до 20 години, и се запрашаме со каква музика растевме, какви спотови гледавме, кои марки на облека ги имаше во тие спотови и за што всушност се пееше?
Многу луѓе ќе кажат: „Еее тоа беше музика, а не денес ова“ или „Види Баце, се знаеше у мое време“- што е клише и тапа муабет, но види и порано не било како порано - Панта Реи.

Објективно ако гледаме каква била темата на музиката, би било: песни за љубов, секс, другарство, алкохол, животни стории, марихуана, пари...
А денес песни за: пари, за многу пари, кокаин, за скап алкохол, за скапи коли, јахти, секс, за снобовски брендови на облека и на крај за љубов...
Види, добро е кога се развива музиката и кога се менува, сѐ што е ново и различно е всушност револуционерно! Има изрека од еден стар македонски филм дека револуцијата никогаш не ги јаде своите деца, што во овој случај би рекол дека револуцијата ги мачка на леб децата, а истовремено нивните родители ги цица. Музиката постои уште пред најмалце 50.000 години и ако не се развивала, денес единствено би ги слушале звуците на племенските луѓе од Африка.... и нели мојата контрадикторност влeгува во финале!
Факт е дека музиката инструментално е напредната многу и еволуира, се разгранува и раѓа нови жанрови, но текстуално е во плитката бара и е под агресивна маркетинг-окупација од страна на гигантските премиум-брендови за облека, алкохол и сл.
А секоја музика си носи и свој дрес-код.

Мојата генерација, а особено помладата аngry birds генерација е хипнотизирана и е под истата таа окупација, бидејќи слуша и пее химни за версаче-кошули и баленсиага-патики...
Всушност, најевтиниот пар такви патики е 400 евра, малтене колку една просечна плата кај нас. Замисли, го гледаш спотот, се одушевуваш на патиките, завршува спотот, спушташ глава надолу и ги гледаш твоите адидаски од 40 евра, а тоа е Баце „боранија“ материјал за story... Полужива трагикомедија! Ера на клик клик блиц, ера на паметни телефони и „паметни“ луѓе.
Светската музичка индустрија отсекогаш пласирала брендови. Но во поново време пуштена е пропагандата на најгласно!
Ни ги наметнуваат брендовите преку музиката што се пласира насекаде, а музиката што ја слушаме ни е гуру на сопствениот карактер.
Сега сите сакаме да носиме гучи, па макар и да е фејк, сега сме тажни бидејќи немаме сопствен базен во дворот. А вистински тажни сме бидејќи го отплаќаме на кредит новиот ајфон, а дома јадеме пржени јајца и макарони. Тажни бидејќи се задолжуваме за да се искоцкаме демек да направиме многу пари, многу брзо или што би рекол Кики: „Хочу све и хочу одма!“


Александар Павловски

Сменети се редоследот и приоритетитe, време на искривени вредности, суров капитализам и дебилизам.
Истече млекото се позлати лончето.
Од Америка и светот конверт ту Балкан, па каже: „Мала воли доларе, мала воли евре, пење се на столове воли сепаре, све што жели је гучи интериер, беби сањам цео живот беле јахте да нас прате...“
Да, ова го слушаме сите, со чест на исклучоци, и ако пред 5 години се смеевме на овие песни, ни беа „сељачки“ нафурани, сега веќе ни се океј, ни влегоа во потсвест и се на некој начин репер за добро. Апсолутно репер за добар бизнис, бидејќи овца се стриже, не се коле.
Убеден сум дека музиката што ја слушаме го редeфинира нашиот карактер, потсвесно нешто како моменталните цени во маркетите што растат, ама ние не ги забележуваме, нели, се дешава „тивка инфлација“.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни