X
 30.03.2019 Наука

Порано Јупитер бил четири пати подалеку од Сонцето

Астрономите открија нешто чудесно за планетата Јупитер. Според симулација, оваа џиновска планета минала голем дел од својот ран живот лутајќи низ Сончевиот Систем и се „закотвила“ во сегашната орбита откако долетала од позиција околу четири пати подалеку од Сонцето од сегашната.

Повеќето системи имаат гасовити гигантски планети, но тие „жешки Јупитери“ имаат тенденција да орбитираат многу блиску до нивните ѕвезди-домаќини. Сите гасовити гиганти во нашиот систем орбитираат во надворешниот дел од Сончевиот Систем, додека внатрешниот регион е резервиран за карпестите планети како нашата. Но, според нова симулација, нашиот систем е уште почуден отколку што мислевме.

Една од најголемите мистерии во нашиот соларен систем се тројанските астероиди. Тоа се група астероиди што кружат околу Сонцето во истата орбита како Јупитер, но на дистанца - или пред или зад планетата. Тие две групи се прилично исти, само што водечката група на тројанци има околу 50 отсто повеќе астероиди.

Според пресметките на истражувачите од Универзитетот во Лунд, единствениот начин на кој би можело да се случи тоа несовпаѓање е само ако Јупитер не бил секогаш лоциран таму каде што е денес. Симулациите на истражувачите сугерираат дека Јупитер на почетокот бил голем колку Земјата и бил околу четири пати подалеку од сегашната позиција. Во текот на стотици илјади години Јупитер полека мигрирал поблиску до Сонцето додека не завршил на сегашната позиција.

Како што гигантската планета почнала да се движи поблиску до внатрешниот дел од Сончевиот Систем, почнала да собира и залутани астероиди. Тие астероиди на крајот станале тројанците. Поради начинот на кој Јупитер мигрирал, на крајот собрал повеќе астероиди напред отколку зад себе. Затоа и има чуден дисбаланс.

Истражувачите од Лунд велат дека Јупитер минал околу 700.000 години во лутање пред да се смести во сегашната орбита околу три милиони години по формирањето. Минатите четири милијарди години планетата ги минала живеејќи си мирно во сегашниот дел од Сончевиот Систем, заедно со еден куп тројански астероиди.

Можно е другите гигантски планети да минале низ слична рана фаза, што значи дека сите наши џиновски планети може да потекнуваат од простор многу оддалечен од Сонцето за разлика од оној во кој сега се наоѓаат. Ако е така, научниците ќе мора повторно да размислат колку всушност знаат за формирањето на нашиот Сончев Систем.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука