X
 08.04.2020 Здравје

Како се пренесуваат вирусите од животни на луѓе?

Крлеж се искачува на висока трева во шумата. Ги пружа предните нозе колку што може подалеку, чекајќи минувач. Кога некој ќе помине, крлежот се прилепува за него. Наоѓа добра позиција, се забива во кожата и ја става неговата цевка за хранење. Ако крлежот ја носи бактеријата што предизвикува лајмска болест, вирусен микроорганизам преминува во човекот на кој се закачил крлежот и лицето има зооноза.

Зоонозите се група заразни болести кои се заеднички за луѓето и некои животни, а можат да се пренесат од животните на луѓето и обратно. Речиси 16 отсто од сите смртни случаи во светот може да им се припишат на заразните болести, а зоонозите се одговорни за 60 отсто од познатите заразни болести и 75 отсто од заразните болести што се појавуваат, покажуваат податоците на американскиот Национален институт за здравство.

Зоонозите може да се пренесат на многу начини - вклучително и преку каснување од животно или инсект, галење или допирање на болно животно и консумирање незготвено месо, непастеризирано млеко или контаминирана вода. Видовите патогени што може да се пренесат од животни на луѓе вклучуваат бактерии, паразити, габи и вируси.

Некои зоонози се релативно бенигни, но многу, на пример, лајмската болест, може да бидат прилично штетни. Некои, како што е коронавирусот, кој предизвикува Ковид-19, може да бидат и смртоносни.

Главната теорија за потеклото на новиот коронавирус е дека преминал кај луѓето на пазар во Вухан, Кина, кон крајот на минатата година. Не се знае точно како вирусот преминал од оригиналниот домаќин на пазарот, а потоа и кај луѓето. Но, поради тоа што луѓето немаат имунитет за овој вирус, Ковид-19 разболи многу луѓе и уби десетици илјади во светот.

Друга позната зооноза, вирусот ебола, се смета дека потекнува од големите тропски лилјаци, кои може да бидат носители во дивината, исто како и човеколиките мајмуни.

Лилјаците и човеколиките мајмуни можат да го пренесат вирусот на луѓето преку директен контакт или ако луѓето јадат месо од овие животни. Други зоонози патуваат од див домаќин во домашно животно - на пример, од лилјак во свиња. Луѓето можат да се разболат ако ја допираат и јадат свињата.

Чести извори на зоонози

Повеќето луѓе живеат опкружени со животни, дури и ако немаат фарми или миленици. Од крлежи до верверички и глувци, многу членови на животинското царство може да пренесат болест. Еве кратка листа со животни со кои луѓето имаат контакт и болестите што тие може да ни ги пренесат:
  • Мачки: токсоплазмоза, пастеурела (Pasteurella), дерматофиза;
  • Лилјаци: ебола, САРС, МЕРС, беснило, нипа вирус, хендра вирус;
  • Кучиња: беснило, норовируси, пастеурела, салмонела, дерматофиза, анкилостома;
  • Крлежи: лајмска болест, точкеста треска на Карпестите Планини, повасан (Powassan).

Извор: National Geographic
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје