Водата за пиење од чешма, електричната енергија од штекот, возењето со автобус на асфалтираниот пат, учењето во училишните згради. Секојдневно, милиони луѓе користат различен тип на инфраструктура која им го подобрува и олеснува животот. Истовремено, инфраструктурата може да претставува и проблем за животната средина.
Според извештајот „Инфраструктура за климатска акција“ на канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги УНОПС, Програмата за животна средина на Обединетите нации и Универзитетот од Оксфорд, 79 проценти на сите емисии на стакленички гасови потекнуваат од инфраструктурата. Повеќето од овие емисии се од енергијата, транспортот и градежништвото, вклучително и изградба на домови, канцеларии и училишта.
Еден од секторите кој има зголемување на емисиите на јаглерод диоксид е и дигиталната индустрија, особено поради нејзиниот раст за време на пандемијата на ковид-19 и потребата од зголемена поврзаност. Истовремено, ова исто така може да ги намали емисиите од други сектори кои загадуваат, како транспортот и градежништвото, што може да доведе и до намалување на емисиите.
Извештајот „Инфраструктура за климатска акција“ дава препорака за интегриран пристап кој има потреба да се разберат синергиите и влијанијата на заедничките активности во повеќе сектори за намалување на споредните ефекти и зголемување на одржливоста.
Се покажа дека досегашните практики во градежништвото негативно влијаат врз животната средина. Оттаму, соодветното планирање, управување и спроведување на градежните зафати во иднина треба да се подобри, со вклучување на решенија кои се засновани на природата и користење одржливи градежни материјали, како и со подобрување на енергетската ефикасност. Особен фокус треба да посвети на природните алтернативи за заштита и намалување на ризикот од инфраструктурата како што е, на пример, и важноста од пошумувањето.
Владите и институциите треба да заземат нов системски и сеопфатен пристап кон креирањето на политиките. Политиките за заштита од непогоди се витални за најранливите групи, но и политиките со кои се воведуваат и се регулираат стандардите и инвестициите кои ја заштитуваат природата ќе бидат клучни за осигурување на достапност на основни услуги, вклучително и заштитата од непогоди, секвестрација на јаглерод и третман на отпадни води.
Ефикасноста на нашиот одговор на климатските промени поврзани со инфраструктурата може да се постигне со воспоставување централни единици за координација на инфраструктурата, со кои ќе се овозможи хармонизација на различните сектори. Овој интегриран пристап кон климатската акција, заедно со постигнувањето на останатите цели за одржлив развој ќе има има потреба од координација на разни чинители во инфраструктурниот циклус за да се воспостават, мониторираат и, доколку е потребно, да се приспособат клучните цели.
Инфраструктурата е во основата на сите 17 Цели за одржлив развој дефинирани во Агендата 2030 на Обединетите нации. Според Доброволниот национален преглед (ДНП) за остварувањето на Целите за одржлив развој (ЦОР) во Македонија објавен во мај 2020 година, инвестициите во руралната инфраструктура, како и во инфраструктурните објекти во здравството и образованието се едни од главните државни приоритети, паралелно со инвестициите во енергетската ефикасност на постојните објекти, но и интегрираната инфраструктура за собирање и третман на отпад.