Последното истражување на Евробарометар открива загрижувачки трендови кај европското население во врска со вакцините.
И покрај тоа што огромното мнозинство европски граѓани сметаат дека вакцините се важни, 48 отсто од нив мислат дека вакцините имаат сериозни нусефекти, а една третина веруваат дека вакцините можат да ја предизвикаат болеста против која имунизираат, покажуваат податоците на Евробарометар. И двете верувања се неточни, потсетува студијата.
Во половина од земјите-членки ваквите мислења достигнуваат и над 50 отсто од населението, вклучувајќи ги и Франција и Италија.
Европејците исто така имаат погрешна слика за тоа кои болести можат да бидат фатални, па така младите европски граѓани меѓу 15 и 24-годишна возраст се склони кон верување дека морбили и менингитис не се смртоносни.
Овие наоди доаѓаат во време кога европскиот континент се соочува со намалена стапка на имунизација на населението и сѐ почести епидемии на болести кои можат да се спречат со редовна вакцинација.
Европската комисија потсети дека во периодот меѓу 2016 и 2017 година, бројот на морбили е зголемен за три пати во ЕУ, и предупреди дека со намалувањето на стапката на вакцинација постои ризик повторно да се појави една од најсмртоносните болести, полио, на континентот. Сѐ помалку луѓе се вакцинираат и против грип во последните години.
Според студијата на Евробарометар, најлошо информирани за вакцините се граѓаните во Бугарија, Летонија и Кипар.
Потпретседателот на Европската комисија, Јирки Катаинен, потсети дека вакцинацијата е „најефикасниот начин за борба против болестите“.
- Ако не сум вакциниран, другите можат од тоа да страдаат - порача Катаинен.
Европската комисија нема надлежност за креирање политики на европско ниво во делот на вакцинациите, само да нуди препораки до земјите-членки.
- Едноставно немаме надлежност во овој дел, треба да се менуваат повелбите за тоа, затоа поддржуваме соработка на доброволна база - рече комесарот.
Извор: МИА