X
 17.01.2019 Живот

Забременила, го напуштила училиштето и заминала во Германија. Потоа се вратила во Хрватска за да покаже што е хуманост

Дора Вуксиќ од Нова Градишка, Хрватска, во декември, пред отворањето на нејзиниот мал ресторан за брза храна наречен „Peppers Sweet n’ salty“, на „Фејсбук“ напиша емотивна порака.

- Ако сте гладни, а не сте во можност да платите, кај нас секогаш можете да добиете некаков топол оброк. Ќе платите кога ќе можете или никогаш. Никој не заслужува да биде гладен - напиша таа.

Еве што ја поттикнало Дора на ваков хуман гест.

- Кога бев средношколка, останав бремена и одлучив да станам мајка. Поради тоа што го прекинав образованието, отидов во Германија. Воопшто не беше лесно, претежно добивав работа како чистачка. Во сеќавање ми се врежаа деновите пред првата плата кога моето момче и јас често гладувавме. Чувствувајќи на своја кожа колку е тешко да се преживее кога немаш пари, дури ни за храна, одлучив штом ќе застанам на свои нозе, да направам сѐ за луѓето, барем за оние што живеат во моето соседство, да не бидат гладни бидејќи во 21 век тоа едноставно не е дозволиво - вели 21-годишната Дора.


Во Хрватска се вратила пред повеќе од две години поради компликации во бременоста и оттогаш, како што вели, работела за неколку работодавци. Искористување на работниците, неплаќање на прекувремените часови, дрзок однос кон вработените, неисплаќање на платите - сето она што во краток период го доживеала на работните места на кои работела не сака да го доживеат и работниците во нејзиниот ресторан бидејќи покрај задоволни гости, клуч за успех, според неа, се и задоволните работници.

- Имам само 21 година и ова е мое прво влегување во светот на претприемништвото. Успеав од хрватскиот Завод за вработување да добијам 55.000 куни за поттикнување на самовработувањето, но во ресторанот вложивме многу повеќе. Сепак, не сум од оние што сакаат вложеното да им се врати преку ноќ. Моментално сме четворица вработени и сите, значи и работниците и јас, имаме исти плати. Почнуваме од минималец, сите прекувремени часови ќе бидат уредно платени, а штом ќе бидам во можност, прво на вработените би им ја зголемила платата - вели младата претприемничка.


Неодамна таа, на пример, одлучила да подели десетина оброци, топли сендвичи и солени палачинки, а на оние што ќе се одлучат да ја искористат понудата им е загарантирана анонимноста. Хуманиот и за ова време невообичаен пристап кон работата кој го има Дора ги вџашил и нејзините најблиски пријатели.

- Сите беа пријатно изненадени, но има и такви што ми рекоа дека сум луда, прашувајќи ме како можам да хранам некого бесплатно кога живеам токму од продажба на храна. Иако во оваа работа сум нова, верувам дека секој угостител може без да ја загрози својата работа дневно да подари најмалку десет топли оброци, а оној што не може да го направи ни тоа, можеби би требало да стави клуч на врата. За жал, законската регулатива околу подарувањето храна беше  камен на сопнување. Не знам како по тоа прашање ќе помине оваа моја идеја, но јас имам намера да ја ширам и понатаму. Ќе стапам во контакт со некои угостители во Хрватска и се надевам дека ќе пронајдам луѓе што го имаат истиот став - дека во 21 век никој не смее да биде гладен - вели Дора.

Можеби нејзината порака ќе стаса и до сите оние што, покрај толку социјално загрозени лица, фрлаат храна. Имено, во Европа, според некои процени, годишно се фрлаат дури 90 милиони тони храна.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот