Почнаа да куглаат сосема случајно, преку проектот „Кугламе и сме среќни“ што пред седум години се спроведуваше низ битолските училишта, а годинава освоија 4 сребрени медали во две тандем-дисциплини на Светското првенство по куглање, кое се одржа во мај во Австрија.
Стефанија Алексовска и Ангела Вељаноска од Кугларскиот клуб „Пелистер пин“ освоија сребрени медали во категоријата жени тандем, а Стефанија со Дарко Јовановски од клубот „Пелистер 1982“ сребро во тандем микс. Воедно Стефанија успеа да се вброи и меѓу топ-10 кугларки на првенството. Сите имаат по 21 година, студираат на Меѓународниот Славјански универзитет во Битола, а тренираат под будното око на Игор Михајловски, селектор на Македонската младинска кугларска репрезентација.
- Ова е историски успех за државата и македонското куглање. Низ годините сме освојувале бронзени медали, но ваков успех на првенство во младински категории не сме постигнале - вели Михајловски.
Со мирна рака под најголем притисок
Дел од клучните натпревари на првенството ги реши мајсторската рака на кугларките. Стефанија и Андреа беа поставени во предизвикувачки ситуации, да ги изведат решавачките удари за да стигнат до вицешампионските титули.
- Најтешко ми беше во четврт-финалето во микс тандем зашто се боревме со Дарко да победиме во дуелот и автоматски да освоиме медал. Ни требаше победа, а против нас имавме исклучително квалитетни противници од Романија. По резултатската драма и нерешениот резултат, игравме на пенали, а одлучувачка беше мојата последна кугла. Не сум фрлила потешка кугла во животот. Ако срушев 7 или повеќе кегли, би имале најмалку бронзен медал. Никогаш претходно не сум била во ситуацијата толку блиску до медал. Целата се тресев кога ја зедов куглата, во краткиот период од 20 секунди тренерот ме потсети за сите претходни успеси во мојата досегашна кариера и дека морам да верувам во себе и дека можеме да победиме со тоа што ни треба „кугла со мозок“, а Дарко само ми довикна „Стефи можеш“. Ми требаше најмирна рака, а мојата не можев да ја скротам. Фрлив краток поглед кон противниците, го видов нивното исчекување, дополнително се мотивирав и во длабока концентрација го изведов ударот. И, за среќа, успеав. Сум фрлила милион кугли, илјадници деветки, но оваа беше највредната и онаа што цел живот ќе ја паметам - раскажува Стефанија.
Кога последната кугла решава сѐ
Во слична ситуација се најде и Андреа во женскиот тандем кога нејзиното фрлање беше одлучувачко.
- Најголем впечаток ми остави четврт-финалето, кое требаше да го добиеме за да стигнеме до битка за медали. Игравме против Чешка и последната кугла ни решаваше сѐ во тој момент. И таа одговорност падна на мене. Ни требаше деветка за да стигнеме до нерешен резултат и да играме на пенали. А деветка значи да ги погодам сите кегли. Требаше да го изведам идеалниот удар. Тоа беше сериозен притисок врз мене. Стефи ме бодреше со зборовите „ајде, можеш“. Имав трема, но мораше да се изигра. Собрав сила и ја фрлив куглата. Гледаме со тренерот деветка, успеавме. Потоа и на пенали беше тесно, но успеавме да ги победиме - вели Андреа.
Тренерот Михајловски додава дека овие натпревари се елитно куглање во кое учествуваат најдобрите куглари од земјите учеснички.
- Додека играа Стефанија и Андреа на две патеки, постигнаа резултат од 321, паралелно на други патеки играа други парови. Еден од нив беше пар од Германија. Во истиот блок германскиот пар постигна резултат од 326 со кој постави нов светски рекорд, а ние бевме само 5 кегли помалку. И ние го имавме поминато прагот на претходниот светски рекорд и нашиот резултат беше многу висок - вели Михајловски.
„Куглата со мозок“ носи медал
За разлика од девојките на кои ова им беше четврто учество на светско првенство, иако имаат само по 21 година, на Дарко ова му беше прв настап на толку големо меѓународно натпреварување и стигна до сребро.
- Цел натпревар беше предизвик зашто ова ми беше прв дебитантски настап. Тремата траеше само додека стигнавме до металот. Тогаш, пресреќен, на тренерот и на Стефи им реков: „Бате, имаме медал“ и веќе исчезна тремата. Доколку направев погрешен удар, си го ставав прстот на умот за да се потсетам на максимата на тренерот дека ни треба „кугла со мозок“. И тоа ми помогна да останам сконцентриран и со прецизна рака - вели Дарко.
Во напорните натпреварите кои траеја со часови, македонските репрезентативци успеаја да претркаат и земји кои важат за кугларски нации.
- Бевме најмалобројната репрезентација. Кугларите на патека, јас зад нив и еден во публика кој навиваше „Македонија!“ А Германците со два автобуси дојдени, Австријците како домаќини, со тапани... Но, во тандем жени бевме втори, пред Германија, а тие трети. За споредба, кај нив има регистрирани куглари и куглани колку во сите други европски земји заедно. Тие имаат членови во поширок состав на репрезентација колку што ние имаме куглари во Македонија. Таков е соодносот на силите - вели Михајловски.
Битола станува македонска кугларска мека
Во Македонија има околу сто куглари, а овој спорт е застапен само во Скопје и Битола, дури сега се шири во Охрид, Гевгелија и Кавадарци. Со ваквите успеси, но и со реновираната кугларница од пред пет години, Битола го презема приматот на кугларска мека во Македонија.
- Скопје беше лулката на куглањето, почнувајќи од познатата „Мусандра“ во ГТЦ која беше хит во 70-тите години, оттаму започнува и куглањето во Македонија. Битолската кугларница е обновена во 2021 и нуди врвни услови, па го произведе овој врвен кадар - вели Михајловски.
Стефанија, Андреа и Дарко се поддржани и од Програмата за спорт при Славјанскиот универзитет во Битола, каде што Михајловски е директор. А ова е една од мерките со кои талентираните куглари се задржаа да студираат во Битола, каде што има услови за тренирање.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.