X
 30.07.2019 Живот

Саудискиот принц планира да направи град каде ќе има вештачки дожд и летечки таксиња

Неом звучи како нешто од научно-фантастична новела. Сепак, тоа е град-држава во Саудиска Арабија, кој се уште не е направен и каде се планира да има робо-слугинки, такси возила кои летаат и песок што свети во темно, стои во документите во кои „Вол Стрит Џурнал“ имал увид. Вештачка месечина ќе го осветлува ноќното небо, а жителите ќе можат „да се дружат“ со робо-диносауруси на посебен остров.

Но, се планира и принудно дислоцирање на локални племиња, градење на болници за менување на човечки гени и набљудување од страна на владата 24/7 - што значи дека овој футуристички град ќе биде нешто како дистописка научна фантастика.

Од 2017 година саудискиот принц Мохамед бин Салман работи со тимови консултанти за да ја развие неговата визија за градот вреден 500 милијарди долари во моментално неискористениот северозападен дел од Саудиска Арабија.

Сепак, тој дел нема да биде пустина уште долго - принцот планира да влијае на временските услови за да создава дожд над Неом, ладејќи го градот и олеснувајќи го производството, со што свежите производи би биле подостапни.

Идните жители кои нема да се заинтересирани за посета на пазарите, ќе можат да си резервираат во ресторани со Мишелин ѕвезди, за кои се планира да бидат многубројни.

Според плановите, во Неом ќе има училишта каде ќе предаваат холограми, се планира ова да биде местото каде ќе бидат најплатените работни места во светот и местото каде ќе има песок што свети во мрак бидејќи така сака принцот.

Сите тие светлечки нешта кои се наведени во плановите лесно ќе го привлекуваат вниманието, но футуристичкиот град исто така звучи сомнително како тоталитаристичка земја со набљудување.

-Ова треба да биде автоматизиран град каде можеме да гледаме се или каде сите жители може да бидат следени - истакнува основачкиот борд на Неом во документите.

Тоа значи дека додека уживате на светкавата плажа, сонувајќи за следниот луксузен оброк, дрон опремен со технологија за препознавање на лица веројатно ќе ја емитува вашата локација до службениците задолжени за спроведување на законот.

Додека сте на таа плажа, веројатно нема да видите домородци - тие одамна би биле дислоцирани - но би можеле да видите многу поголема популација отколку што би очекувале.

Тоа ќе биде благодарение на клиниките каде ќе се вршат генетски модификации со кои жителите на Неом ќе бидат посилни и попаметни - што значи дека принцот можеби не планира само да го создаде градот на иднината, туку и луѓето на иднината.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот