Социјализирани, самостојни, описменети, со стекнати културни навики и подготвени за училиште, така го завршуваат престојот децата што ја посетуваат француската градинка
Утрото почнува со ритуал кога дечињата го означуваат датумот, какво е времето
Има едно место во срцето на Општина Карпош каде што по осум часа во денот поминуваат деца од две години нагоре. Денот им почнува со интересни ритуали – разговор, означување кој ден е, какво е времето, што правеле претходниот ден. Четири групи со по најмногу 15 дечиња, веќе 18 години растат и се образоваат во градинката во рамките на Француското интернационално училиште ЕФИС. Во последните пет години наставата се одвива во зградата што се наоѓа во Карпош 4, каде што под полна пареа работи и основното училиште.
Социјализирани, самостојни, описменети, со стекнати културни навики и подготвени за училиште, така го завршуваат престојот децата што ја посетуваат градинката.
Факултети.мк имаше пријатна можност да помине неколку часа со вредните дечиња и со прекрасната педагошка екипа. Наш домаќин беше Веселинка Ковачева, заменик-административен директор на училиштето.
Ковачева: Децата во француската градинка стекнуваат одлична навика за работа и учење
- Во Франција одењето во градинка почнува од три години. Важни елементи од социјализацијата во програмата се стекнување хигиенски навики, осамостојување во јадењето, облекувањето, стекнување културни навики во однесувањето и, секако, стекнување основни навики за самостојна и групна работа. Истите начела важат и кај нас во градинката со оглед на тоа што сме акредитирани и работиме под директна надлежност на министерството за образование на Франција. Големо внимание се посветува на однесувањето и почитта кон другите, како и почитување на правилата. Преку учествување во разни игри, пеење песнички, рецитирање певливи стихотворби, раскажување приказни, реализација на заеднички проекти, децата учат да соработуваат и да станат самостојни – објаснува Ковачева.
Таа го споделува своето педагошко искуство во оваа институција и вели: „Во периодот кога не постоеше нашето училиште, добар дел од децата што ја посетуваа нашата градинка стануваа првенци на генерации во училиштата во Скопје затоа што имаа стекнато одлична навика за работа и за учење“.
Кога ќе го завршат престојот во големата група, децата ќе ги пишуваат бројките до 15
- Сме забележале дека кај децата што ни доаѓаат од други градинки во училиштето, социјализацијата и моториката најчесто се на доста слабо ниво. Но, со соодветна педагошка индивидуална поткрепа, за неколку месеци успеваат да го постигнат потребното ниво – вели Ковачева.
Примери за успешното работење во градинката и за уникатноста на програмата има безброј: едно уметничко дело може да биде основа за работа во повеќе групи, но на различни начини, во зависност од целта што сакаме да ја постигнеме. Во мала група, на пример, децата цртаат кругови, сами или со помош, потоа ги бојат и ги лепат исечените кругови еден врз друг и ги редат по големина. Во средна група тоа можат да го направат сами и исто така сами ги цртаат круговите.
Геометриските форми почнуваат да се изучуваат уште во мала група и децата треба да знаат да ги препознаваат кругот, квадратот и триаголникот – ни објаснува професорката Милена Мицевска, која ја раководи средната група.
Уметноста се користи и за учење математика
Математика, јазик и вовед во пишување, запознавање на природата, уметност и музика, спорт - ова се домените што се изучуваат во малата, средната и во големата група од градинката.
- До завршувањето на градинката децата треба да ги препознаваат броевите до 30 и да ги пишуваат до 15, учат за претходник и следбеник, одземање и собирање до десет. Учењето во градинката е интердисциплинарно, па така квадратот кој го учиме во овој период ќе го усвоиме преку уметноста, т.е. преку репродукција на уметничко дело. Набљудуваме заедно репродукција на оригиналното дело, професорот наоѓа начин како уметнички да се направи репродукција. Се обрнува големо внимание на развивањето на моториката. Децата од три години ги препознаваат печатните букви, а до крајот на големата група тие ќе ги препознаваат и ракописните. Благодарение на умешноста и вештините во усвојување на јазикот и воведот во писменоста, голем број од децата од големата група ќе почнат да читаат пред да поминат во нашето прво одделение - вели Калина Солева, која десет години е дел од тимот на ЕФИС.
Децата од градинката секој ден поминуваат одреден период надвор на воздух. Ковачева објаснува дека не се излегува само кога има препораки поради загаден воздух или кога врне дожд.
Библиотеката е омилено катче на дечињата
Спиењето во градинката е задолжително за децата од малата група, од средната група спијат само оние што имаат потреба, додека децата од големата група не спијат. Пладневната пауза за спиење или за одмор се одвива од 12 часот до 13:30 часот.
- Градинката изобилува со надгледни дидактички средства и со многубројни катчиња: работилница, кујна, куклено катче, пазар, математичко катче, библиотечно катче и театарско катче. Преку катчињата децата учат за животот и светот околу себе: поправаат нешто, поставуваат маса, подготвуваат оброци, успиваат и лекуваат кукли - вели Ковачева.
Што се однесува до храната, станува збор за урамнотежено мени, за македонска традиционална кујна, со многу зеленчук и овошје од нашето поднебје. Менито е направено во соработка со нутриционист и служи за пример за другите училишта и градинки. Децата-странци уживаат во македонската кујна - ни сподели педагошката екипа на градинката.
Ковачева објаснува дека постои одлична соработка со децата и нивните семејства.
Дечињата самите си ги изработуваат ливчињата што го означуваат нивното место
- Кога ќе се сретнеме со проблем, го решаваме заедно со родителите и децата. Со родителите функционираме како семејство – вели Ковачева.
Спортот како важен дел од програмата се реализира во модерно опремена спортска сала. Сите групи од градинката секој ден одржуваат часови по физичко воспитување.
Одбројувањето до успехот почнува од мали нозе, посетете ја Француската градинка!
Уписите се одвиваат во текот на целата година.