X
 30.10.2022 Живот

Овие мали домови се направени од 100.000 рециклирани пластични шишиња

Во Лос Анџелес, каде што градската власт се обидува да ги поттикне сопствениците на куќи да изградат повеќе придружни живеалишта, просечната цена за изградба на нова куќа почнува од 150.000 долари и се движи до околу 350.000 долари, не вклучувајќи ги градежните планови, инженерските работи и другите трошоци.

Стартапот „Азур принтед хоумс“ зазема поинаков пристап: со 3Д-печатење на покривот, подот и на ѕидовите одо рециклирана пластика и градење на остатокот од домот во фабрика ги одржува трошоците пониски. Едноставно студио во двор, со мала кујна и бања, почнува од 39.900 долари. Oсновата, испораката, приклучоците за комунални услуги и другите трошоци додаваат околу 25 до 30 отсто на вкупниот износ, но сепак е далеку поевтино од повеќето алтернативи.

2

Во својата фабрика во Калвер Сити, компанијата се подготвува да ги печати своите први домови. 3Д-печатачот во еден ден може да ги испечати обвивката на куќата, подот, покривот и двата ѕида. Во ѕидовите печатачот вклучува канали за водовод и жици. Двата други ѕида не се 3Д-печатени, туку претходно дизајнирани панели со врати и прозорци.

„Азур“ користи лесен материјал за да може да се изградат домови во неговата фабрика, а потоа да се доставуваат до локацијата. И 3Д-печатењето и монтажната конструкција во фабриката може да го забрзаат времето на изградба и да ја намалат работната сила, со што на крај би се намалиле трошоците. Освен тоа, компанијата сакаше да користи отпаден материјал и да го пренамени отпадниот материјал што предизвикува проблем на глобално ниво. Така, „Азур“ користи околу 100.000 рециклирани шишиња за вода. Компанијата работи со различни добавувачи и вели дека нема недостиг, барем засега.

3

Во еден од своите први проекти компанијата работи со инвеститор за изградба на мала група викендички што може да се користат за краткорочно изнајмување, а ќе работи и преку листа на чекање. Освен тоа, во разговори е и со групи кои сакаат да изградат мали домови за бездомници.

Извор: Fast Company
Фото: Azure Printed Homes
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот