X
 30.11.2020 Живот

Кои земји од ЕУ лани издале најмногу дозволи за престој за Македонците?

Во 2019 година биле издадени околу 3 милиони дозволи за престој во Европската Унија за жители на земји што не се членки на Унијата, а меѓу кои е и Македонија

Дозвола за престој претставува овластување издадено од надлежни национални власти со кое му се дозволува на граѓанин на земја што не е во ЕУ да остане најмалку три месеци на нејзината територија. Податоците за дозволите за престој се собираат со информации за причините за издавање на таквите дозволи. Меѓу главните причини се вработувањето, обединувањето на фамилиите и образованието.

Минатата година во 27. земји-членки на ЕУ биле издадени речиси 3 милиони дозволи за престој за лица од земји што не се членки на Унијата, што е најголем број забележан во последната деценија за која има достапни податоци (2009-2019). Бројот на издадени дозволи се зголемил за 5,8 отсто (или 163.000) во споредба со 2018 година, со што продолжува растечкиот тренд.


Фото: Eurostat

На табелата во која може да се види која членка на ЕУ на жителите на кои земји им издала најмногу дозволи, може да се забележи дека Македонците се во првите пет добитници во три земји - Хрватска, Словенија и Бугарија.

Така, Хрватска во 2019 година издала 4.295 дозволи за престој на Македонци. Тоа е 8,5 отсто од вкупниот број  издадени дозволи во таа земја. Најмногу дозволи за работа во Хрватска добиле жители на Босна и Херцеговина (18.307 или 36,3%), Србија (10.644 или 21,1%) и Косово (6.369 или 12,6%).

Во Словенија лани дозвола за престој добиле 2.112 Македонци, што е 6,7 отсто од вкупниот број издадени дозволи таму. За жители на БиХ во Словенија биле издадени 14.878 дозволи, за жители на Косово 5.862 и за жители на Србија 5.105 дозволи.

Бугарија, пак, издала 813 дозволи за престој на Македонци, што е 6 проценти од вкупниот број издадени дозволи. Таму најмногу дозволи добиле жители на Турција (4.947), Русија (1.993) и Украина (1.579).


Фото: Eurostat
За да ја погледнете табелата во поголема резолуција, кликнете тука

Меѓу земјите-членки, Полска лани издала најмногу дозволи (724.000), а по неа следуваат Германија (460.000), Шпанија (320.000), Франција (285.000) и Италија (176.000).



Фото: Eurostat


Во 2019 година најголемиот број дозволи биле издадени поради причини поврзани со работа (1,2 милион или 40,5% од вкупниот број), по што следуваат причините поврзани со фамилијата (810.000 или 27,4 %), други причини (546.000 или 18,5%) и образовни причини (400.000 или 13,5%).

Зголемувањето на вкупниот број на издадени дозволи во 2019 во споредба со 2018 години речиси целосно се должи на повисокиот број дозволи издадени за работа (зголемување за 214.000 или 21,7%), додека има скромно зголемување на бројот на дозволи издадени поради образование (3.000 или 0,8%).


Фото: Eurostat

Во споредба со бројот на население на земјата-членка на ЕУ, се проценува дека на илјада жители на ЕУ лани се издадени 6,6 дозволи за престој, што е речиси две третини повисок број за разлика од 2014 година, кога биле издавани по 4 дозволи на илјада жители.

Така, Малта е лидер во ова поле со 42 издадени дозволи на илјада жители, па следуваат Кипар (26,4), Полска (19,1), Словенија (15,1), Луксембург (13,6), Хрватска (12,4) и Ирска (12). Спротивно на ова, во Бугарија и во Романија биле издадени по помалку од 2 дозволи на илјада жители.



Фото: Eurostat


Најголем број дозволи за престој лани им биле доделени на Украинците (757.000 или 25,6 отсто од вкупниот број дозволи издадени на ниво на ЕУ), а потоа следуваат Мароко (133.000 или 4,5%), Индија (131.000 или 4,4%), Кина (110.000 или 3,7%) и Бразил (101.000 или 3,4%).

Фото: Eurostat

Некои од факторите што влијаат врз одбирањето на дестинацијата се географската положба, односно близина, историските и лингвистичките врски, како и воспоставените мигрантски мрежи.


Извор: Eurostat
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот