X
 02.10.2019 Живот

Патот до вселената води низ Шкоцјанска јама: Еве зошто светските вселенски агенции ги испраќаат астронаутите во Словенија

Словенија има место каде што светските астронаути поминуваат низ ригорозен ментален тренинг. Ако успешно го совладаат, тогаш се и повеќе од подготвени за престој во вселената.

Шест астронаути неодамна завршија напорна шестнеделна програма за ментална подготовка за престој во вселената во Словенија, во Шкоцјанската јама, пештерски систем што е прогласен за  светско наследство на УНЕСКО.

Наместо вообичаените астронаутски костими, астронаутите облекоа опрема што ја користат научниците за истражување на пештерите и поминале цели шест дена во темнината на словенечките пештери, длабоко под земја и во целосен мрак, студ и влага, со само предни светла поставени на заштитните кациги како извор на светлина.

астронаути

Потешко отколку престојот во вселената


За некои астронаути искуството од долготрајниот престој длабоко под земјата во наведените услови беше ментално потешко отколку престојот во вселената.

- Всушност, мислам дека е многу потешко отколку престојот во вселената - вели Такуја Ониши, 43-годишен јапонски астронаут.

- Пештерите се фантастичен непознат свет. Вие всушност живеете во околина што е застрашувачки тешка, различна и полна со ризици - нагласува Лордана Бесоне, која работи на програмата.

Првпат во Словенија

Иако програмата во изминатите години се одржала шестпати, ова било првпат да се одржи во словенечките пештери.

Астронаутите прво морале да поминат две недели учејќи за спелеологијата и за тоа како се истражуваат пештерите. Со стекнатото знаење овие новосоздадени „научници“ биле испратени да го истражуваат подземниот лавиринт, да соберат научен материјал и да ги решат проблемите само со сопствениот тим.

Во пештерите тие ги проучувале микроскопските организми во пештерите и внимавале на атмосферските услови.

- Главната цел е астронаутите да работат како тим и да ја завршат мисијата во многу комплексно опкружување за подобро да се подготват за аналогни ситуации во вселената - вели Франческо Сауро, раководител на програмата.

Целосна изолација, темнина, влага, студ

Германскиот астронаут го опишува искуството како целосна изолација од надворешниот свет во темница без звук.

- Немате искуство во ваква средина, надвор сте од вашата зона на комфор - објаснува 43-годишниот Александер Герст.

Него и на Ониши им се придружиле колеги од САД, Канада и Русија.

Џенет Епс од НАСА вели дека ѝ било жал што морала да замине, без оглед на студот и условите.

Поглед кон небото по шест дена во темница


- Сепак, кога погледнав кон небото, беше прекрасно. Само мирисот и чувството на сонцето на лицето ме освестија колку различно се чувствував во пештерата - изјави 48-годишната Епс.

Јапонецот Ониши на враќање се грижел за нешто сосема различно - дали од него се шири непријатен мирис, бидејќи не се бањал 6 дена.

- Секако дека бев среќен кога ги видов луѓето на површината, но се држев подалеку од нив - рече тој низ смеа.

Герст по излегувањето сфатил колку е фантастична планетата во која живееме и колку е посебна и единствена.

Сите астронаути се согласија дека искуството во Словенија е уникатно, а Бесон вети дека идната година ќе се вратат на истото место.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот