Денес, нашето внимание, на здравствените работници кои ја третираме дебелината, го привлекуваат лековите GLP 1 – агонисти/агонисти на пептиди слични на глукагон. Глукагонот, всушност, е хормон кој има спротивна функција од инсулинот, тој согорува масти, но со своето спротивно дејство двата хормони работат за да го одржат нивото на гликоза (шеќер во крвта) во рамнотежа. Приемот на лекот треба да е со лекарска консултација и преглед, бидејќи како и секој медикамент, носи ризици за здравјето на пациентот доколку не се следат протоколите на лекување, вели д-р Александра Хаџи-Димова, диетолог
Трендот на слабеење со помош на лек на база на семаглутид, кој го потиснува чувството на глад, ја зафати и Македонија. А често многу лица кај нас кои имаат проблеми со дебелина или сакаат да слабеат го користат и лекот глукофаж, кој исто така е наменет за дијабетичари.
Дебелината е болест каде што е потребно лекување, бидејќи доведува до многубројни хронични болести и компликации, но често за неа се зборува и од естетски причини. Трката по достигнување артифициелно поставените стандарди за убавина како никогаш досега предизвикува, во светски рамки, голем интерес за третманот на прекумерната телесна тежина. Со докторките Александра Хаџи-Димова, диетолог, и Стефанка Ѓорѓиевска, ендокринолог, разговараме дали се во ред ваквите практики за слабеење.
- Од една страна, радува фактот дека полека, но сигурно сѐ повеќе се зборува гласно за обезноста како медицински проблем што ги мотивира здравствените работници и фармацевтската индустрија за изнаоѓање нови иновации за третман и лекување, но од друга страна, во природата на човекот е да сака брзи решенија, особено кога станува збор за естетскиот изглед на телото. Всушност, главната грешка што пациентите најчесто ја прават е потценувањето на ризикот врз здравјето од „самостоен избор“ на третман/лек, без претходна лекарска консултација, а е поттикната токму од желбата за лесен и брз успех. Сепак, треба да се знае дека дебелината, можеби повеќе од кое било друго хронично нарушување, во процесот на лекување бара време, упорност и трпение. Само доколку докторот процени дека диетата и промените во начинот на живеење не се доволни како основна терапија, тој, по соодветни дијагностички иследувања, ја надополнува основната терапија - исхраната и физичката активност - со други третмани на избор - изјавува докторката Александра Хаџи-Димова.
Таа додава дека без разлика за кој дополнителен начин на лекување на обезноста ќе се одлучи, медицинските интервенции за слабеење не служат за забрзување на процесот на губење на телесна маса.
- Тие исклучиво се наменети и имаат строго пропишани индикации и контраиндикации за примена, особено кога зборуваме за дебелина од втор или трет степен или прекумерна телесна тежина која е асоцирана во моментот со придружни заболувања, како што се срцевите болести, шеќерната болест, канцерот и неретко дегенеративните заболувања на зглобовите, при кои е ограничена подвижноста на телото. Сите интервенции, дали станува збор за фармакотерапија, користење радиофреквенција, ласер или ултразвук, гастричен балон како и хируршките операции, без исклучок мора да се придружени со правилна диета, добро коригирана во текот на целиот процес на лекување. Доколку пациентот во процесот на лекување не го усвои начинот на исхрана и животниот стил, колку килограми и да намалил, тие повторно ќе се вратат - посочува Хаџи-Димова.
Д-р Александра Хаџи-Димова
Фармакотерапија во лекување на дебелината
Според Хаци-Димова, земањето на лекот треба да е со лекарска консултација и преглед бидејќи како и секој медикамент, носи ризици за здравјето на пациентот доколку не се следат протоколите на лекување.
- Денес, нашето внимание, на здравствените работници кои ја третираме дебелината, го привлекуваат лековите GLP 1 – агонисти/агонисти на пептиди слични на глукагон. Глукагонот, всушност, е хормон кој има спротивна функција од инсулинот, тој согорува масти, но со своето спротивно дејство, двата хормони работат за да го одржат нивото на гликоза (шеќер во крвта) во рамнотежа. Во зависност од исхраната, варира и излачувањето на глукагонот, затоа при употреба на лекот лираглутид (GLP1 агонист) треба да се знае механизмот на дејствување на лекот за притоа да се советува практичен диететски режим, со што ќе се постигне позитивен ефект од третманот и по престанување на апликацијата на лекот. Тоа е лек кој е одобрен од ФДА, односно Американската агенција за храна и лекови, регистриран како лек за лекување дебелина и се аплицира поткожно во стомакот, надлактицата или бутот кај пациенти со ИТМ 30 или повеќе или ИТМ поголем од 27 ако имаат коморбидитети со обезитасот. Земањето на лекот треба да е со лекарска консултација и преглед, бидејќи како и секој медикамент, носи ризици за здравјето на пациентот доколку не се следат протоколите на лекување - вели Хаџи-Димова.
Докторката Стефанка Ѓорѓиевска вели дека на фармацевтскиот пазар е и лекот семаглутид, регистриран како лек за подобрување на контролата на шеќерот во крвта, кој има влијание врз апетитот кај возрасните со дијабетес тип 2, но индикационото подрачје не е дебелината.
Д-р Стефанка Ѓорѓиевска
- Тоа се инјекции во форма на пенкало, различни од инсулинот, кои се аплицираат поткожно во пределот на бутот, стомакот и надлактицата. Лекот е одобрен од ФДА како лек за лекување шеќерна болест тип 2 и не смее да се издава без лекарски рецепт. Сепак, ефектот на лекот врз намалувањето на килограмите го направи славен и „волшебно стапче“ за слабеење. Иако овој медикамент кај оние пациенти што се обезни навистина доведува до намалување на телесната тежина, се занемарува фактот на сериозни здравствени ризици за здравјето на срцето, тироидната жлезда, панкреасот, бубрезите, како и целокупното општо здравје на пациентот. Од друга страна, им се предизвикува и сериозен проблем на пациентите со дијабетес, на кои лекот им е потребен како редовна терапија. Со прекин на употребата на лекот, килограмите веднаш се враќаат. Без правилен диететски режим и практична физичка активност, невозможен е позитивен резултат од лекувањето на обезноста. Затоа апелирам користењето на овој лек секогаш да е со вистинска индикација - категорична е Стефанка Ѓорѓиевска.