X
 30.11.2024 Наука

Класичната музика ги синхронизира мозочните бранови и го крева расположението

Без разлика дали е Бах, Бетовен или Моцарт, класичната музика може да влијае врз расположението на слушателот. Научници од Универзитетот „Џиао Тонг“ во Шангај користеле мерења на мозочните бранови и техники на невронско снимање за да покажат како класичната музика има позитивни ефекти врз мозокот. Нивната цел била да најдат поефикасни начини за користење музика за активирање на мозокот кај оние кои инаку не реагираат, како што се луѓето со депресија отпорна на третмани.

Церебрална стимулација

Студијата била фокусирана на пациенти со депресија отпорна на третман, на кои веќе им биле вградени електроди во мозокот за длабока мозочна стимулација. Овие импланти се поставуваат во коло што поврзува две области во предниот мозок, јадрото стриа терминалис (BNST) и јадрото акумбенс (NAc). Користејќи ги овие импланти, истражувачите откриле дека музиката произведува антидепресивни ефекти преку синхронизирање на нервните осцилации помеѓу аудитивниот кортекс одговорен за обработка на сетилните информации и колото за награда, одговорно за обработка на емоционалните информации.

Оние кои се понаклонети кон музика, покажале позначајна неврална синхронизација и подобри антидепресивни ефекти, додека оние кои помалку ја ценат музиката, покажале полоши резултати. Со групирање на пациентите, истражувачите можеле попрецизно да ги проучат антидепресивните механизми на музиката и да предложат персонализирани планови за музикотерапија кои ќе ги подобрат резултатите од третманот. На пример, кога шумот на тета-фреквенцијата бил вметнат во музиката за да се подобри осцилаторното спојување BNST-NAc, оние кои помалку уживале во музиката пријавиле поголемо уживање.

Кинеските научници велат дека класичната музика може да го подобри расположението на луѓето со депресија отпорна на третман со синхронизирање на активноста на мозочните клетки во коло што поврзува две области во предниот дел на мозокот, кои се дел од „проширената амигдала“, примитивен дел од мозокот кој понекогаш се нарекува „мозок на гуштер“.

Идните истражувања ќе се фокусираат на неколку области. Целта е да се проучи улогата на интеракцијата на музиката и длабоките структури на мозокот кај депресивните нарушувања. Тие, исто така, ќе се осврнат на други сензорни стимули, како што се визуелните, за да ги истражат потенцијалните комбинирани терапевтски ефекти на мултисензорната стимулација врз депресијата.

Истражувачите планираат да развијат низа дигитални здравствени производи засновани на музичка терапија, како што се апликации за паметни телефони и уреди за носење. Овие уреди, велат тие, ќе интегрираат персонализирани музички препораки, емоционално следење и повратни информации во реално време, како и мултисензорни искуства за виртуелна реалност, за да обезбедат практични и ефективни алатки за управување со емоции.

Извор: bug.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука