X
 29.07.2026 Живот

Основачот на „Опен АИ“: ВИ нема да ја намали работната недела, туку ќе се работи уште повеќе

Сем Алтман, извршен директор на компанијата „Опен АИ“, смета дека вештачката интелигенција нема да доведе до пократка работна недела. Неговата процена е спротивна на долгогодишните најави за технолошкиот напредок, а доаѓа и покрај неговото контроверзно тврдење дека човештвото веќе навлезе во фазата на сингуларност, пишува „Футуризам“.

За време на гостувањето во поткастот „Рилентлес“, Алтман забележа дека општеството никогаш не успева масовно да оствари значително пократко работно време, иако технологијата постојано им ветува на луѓето дека ќе работат помалку и ќе имаат повеќе слободно време.

- Не очекувам дека ВИ ќе го промени тоа - додаде тој. Наместо да тежнеат кон подобра рамнотежа меѓу работата и приватниот живот, директорот на „Опен АИ“ тврди дека луѓето всушност ќе бидат посреќни ако продолжат напорно да работат.

- Верувам дека во светот по суперинтелигенцијата сите ќе бидеме значително позафатени отколку што очекувавме. И понатаму ќе се жалиме на тоа, но потајно ќе бидеме среќни - рече тој.

Промена на насоката

Лидерите на технолошкиот сектор долго време ветуваа дека работата наскоро би можела да стане минато. Според тие најави, исклучително способните ВИ-модели требаше да ги преземат монотоните и напорни работи, што би им овозможило на луѓето да му се посветат на она што го сакаат. Погледот на Алтман на ситуацијата е значително поинаков и сигнализира голема промена во доминантниот наратив. Наместо да ги ослободи работниците, технологијата сега би требало да ги зајакне да работат уште повеќе.

Тоа значи дека вештачката интелигенција ги поттикнува вработените да работат повеќе, а не помалку. Ваквото „интензивирање“ на работните улоги веќе доведува до сè почесто прегорување на работа. Покрај тоа, присутна е и постојаната закана од откази, со оглед на тоа што деловните лидери најавуваат замена на работните места со вештачка интелигенција.

Психијатрите предупредуваат дека таквата неизвесност има разрно психолошко влијание. Вработените често мораат да ги преземат и одговорностите на поранешните колеги, што дополнително ја влошува нивната ситуација.

Последици во реалноста


Фактот што ниту предводниците на развојот на вештачката интелигенција не предвидуваат подобрување на ситуацијата со напредокот на технологијата е обесхрабрувачки. Додека некои политичари се залагаат за четиридневна работна недела која би ја овозможила токму вештачката интелигенција, се чини дека технолошките лидери се откажаа од таа идеја. Претпоставката дека поголемиот обем на работа што го носи ВИ на крајот би требало да нè направи „среќни“ изгледа навредливо. Критиката е поостра бидејќи доаѓа од човек кој имаше клучна улога во процесите што го нарушија пазарот на трудот и влијаеја врз растот на трошоците за живот.

Извор: index
Фото: принтскрин/инстаграм
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот