X
 31.01.2021 Наука

Научник од „Харвард“ тврди дека Земјата била посетена од вонземен објект

Ави Леб е познат американско-израелски физичар кој работи во областа на астрономијата, астрофизиката и космологијата. Тој напишал стотици научни трудови на теми како црни дупки и почетокот на универзумот, а соработувал и со Стивен Хокинг и бил на чело на одделот за астрономија на „Харвард“ речиси една деценија.

Неодамна ѝ го привлече вниманието на јавноста со една контроверзна хипотеза.Тој е сè поубеден дека вселенски објект за кој многу астрономи сметаат дека е карпа, всушност, претставува вселенска технологија испратена од вонземна цивилизација. Тој го напишал тоа во воведот на неговата нова книга „Вонземјани: Првиот знак на интелигентен живот надвор од Земјата“ (англ. Extraterrestrial: The First Sign of Intelligent Life Beyond Earth).


Фото: Ави Леб/Harvard

Она за што зборува Леб е чуден објект со необична форма што поминал покрај Земјата во 2017 година. Објектот го забрзувал летањето како што се оддалечувал и изгледал како да не е од овој Сончев Систем, туку само поминува. Овој објект бил наречен Омуамуа, хавајски збор што може да се преведе како „извидник“.

Тој бил откриен дури кога почнал да излегува од Сончевиот Систем, па малку телескопи успеале да направат добри фотографии. Омуамуа немал видлива опашка како кометите и изгледал како чуден астероид, но се движел како комета.

Јавноста се заинтересирала за објектот откако Леб објавил труд во кој претпоставува дека станува збор за вселенско летало од вонземна цивилизација, иако многу научници не се согласуваат со него. Во 2019 г. група научници објавиле труд во кој се отфрлаат сите теории на Леб. Леб не бил изненаден од ова.


Фото: Pixabay

- Доколку му покажете телефон на пештерски човек што гледал во карпи целиот живот, веројатно тој ќе заклучи дека телефонот е добро полиран камен. Треба да имате отворен ум за да најдете прекрасни нешта - изјавил Леб.

Ова е една од главните пораки на неговата нова книга. Но Леб и неговите критичари се согласуваат за една работа - тешко е да се објаснат чудниот изглед и чудното движење на Омуамуа без да се размислува за невидени феномени, без разлика дали тие се поврзани со вонземни цивилизации или чуда на природата.

Во меѓувреме, Леб се надева дека поминувањето на Омуамуа нема да биде единствено.

Автор. Ерик Мак
Извор: cnet.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука