Паметната специјализација претставува стратегиски пристап во економскиот развој преку таргетирана поддршка на истражувањето и иновациите. Планирањето и реализацијата на паметната специјализација се остваруваат со помош на соодветна стратегија која често пати се означува како S3 (Smart Specialization Strategy). Европската Унија го воведе овој концепт уште во 2010 година со цел да ги охрабри сите европски региони да ги откријат и развијат своите конкурентски предности. Подоцна S3 концептот беше применет во рамките на Кохезионата политика на Европската Унија 2014-2020 како ex-ante предуслов за европските региони да добиваат средства за истражување и иновации од Европскиот регионален фонд за развој (European Research and Development Fund). На овој начин, паметната специјализација го менува начинот на кој европските региони ги дизајнираат нивните иновациски стратегии, зајакнувајќи ја соработката на сите нивоа.
Целта на европската кохезиона политика е да промовира севкупен хармоничен развој што би водел кон јакнење на економската, социјалната и територијалната кохезија. Притоа, акцент се става врз намалување на разликите во нивоата на развој меѓу различните региони и заостанатоста кај најмалку развиените региони. Поддршката на регионите во рамките на европската кохезиона политика се очекува да придонесе кон намалување на диспаритетите преку креирање нови работни места, зајакнување на конкурентноста на компаниите, поттикнување на економскиот раст, создавање предуслови за одржлив развој и подобрување на квалитетот на живот за граѓаните. Финансирањето на проектите се остварува во рамките на неколку приоритетни подрачја како што се зелената, дигиталната и социјалната транзиција.
Паметната специјализација, која претставува една од движечките сили на европската кохезиона политика, се одликува со неколку клучни карактеристики. Прво, таа се заснова на искористување на конкурентските предности на секој регион. Преку локализација на развојот се овозможува напредок на заедницата заснован врз расположливите ресурси на дадена територија. Освен природните ресурси, паметната специјализација големо внимание посветува на човечкиот капитал и развојот заснован на знаење. Второ, паметната специјализација претпоставува приоретизирање, односно утврдување на ограничен број развојни полиња кои имаат најголем социо-економски потенцијал во даден регион. На тој начин се постигнува најдобар исход од ангажирањето на ограничените ресурси во регионот. Третата одлика е партиципативноста, односно вклучување на сите засегнати страни, како што се: јавен сектор, приватен сектор, академија, граѓанско општество (четворен хеликс). Имено, преку воведување нов пристап на размислување за локалниот економски развој од подножјето, па нагоре (bottom-up) се идентификуваат технолошките јаки страни на регионите.
S3 концептот ја потенцира улогата на т.н. „претприемничко знаење“ кое комбинира знаења од наука, технологија и инженерство со знаење за потенцијалот за пазарен раст, конкуренцијата и преостанатите инпути кои се потребни за отпочнување нова активност како носител на откривањето на регионалните приоритети. Во овој контекст, централен концепт во S3 е процесот на претприемничко откривање (entrepreneurial discovery process) кој вклучува интеракции меѓу актерите на четворниот хеликс кои имаат претприемнички знаења. Во овој контекст, четворниот хеликс го претставува националниот иновациски систем кој ги опфаќа заемните интеракции меѓу универзитетите, владата, бизнисите и граѓанскиот сектор што ја определува способноста на една економија да создава иновации.
На ова место се поставува прашањето за состојбите на регионалниот развој во Македонија и потенцијалот за примена на паметната специјализација како инструмент за регионален развој. Во овој контекст, Законот за рамномерен регионален развој го дефинира рамномерниот регионален развој како процес на планирање насочен кон намалување на диспаритетите во степенот на развој во и меѓу планските региони со цел остварување рамномерен и одржлив развој на регионите. Во оваа насока, донесена е Стратегија за регионален развој 2021-2031 како стратешки документ чија цел е забрзан и воедначен развој на планските региони. Оваа стратегија, меѓу другото, придонесува за забрзување на процесот кон пристапување на Македонија во Европската Унија преку поголемо искористување на достапните средства од Инструментот на претпристапна помош (ИПА), како и други инструменти за поддршка на Европската Унија.
Со цел намалување на диспаритетите во развојот меѓу планските региони, Законот за рамномерен регионален развој предвидува годишно издвојување на средства од Буџетот на Македонија во висина од 1% од БДП. Притоа, овие средства првенствено се наменети за финансирање на проекти за развој на планските региони, при што 20 проценти се за развој на подрачјата со специфични развојни потреби, а 10 проценти за развој на руралните области. Сепак, според Стратегијата за регионален развој 2021-2031, Скопскиот Регион се издвојува со највисок развоен индекс во изминатиот период, што укажува дека обемот на јавните инвестиции сам по себе не е доволен за да се постигне посилен ефект на приближување на помалку развиените региони кон средно развиените и следствено до Скопскиот Регион.
Користејќи ги искуствата од паметната специјализација во ЕУ, изготвена е нацрт-стратегијата за паметна специјализација на Македонија 2023-2027. Таа ги зема предвид претходните стратешки документи во државата, како и стратешките насоки во Европската Унија. Во нацрт-стратегијата за паметна специјализација, како резултат на анализата за мапирање, утврдени се четири вертикални и две хоризонтални приоритетни подрачја во процесот на претприемничко откривање. Во вертикални приоритетни подрачја спаѓаат: Паметно земјоделство и храна со поголема додадена вредност; Информатички и комуникациски технологии; Електро-машинска индустрија (Индустрија 4.0); и Одржливи материјали и паметни градби. Во хоризонтални приоритетни подрачја спаѓаат: Енергија на иднината и Туризам. Сите приоритетни подрачја во Стратегијата за паметна специјализација се обединети во единствена визија за поттикнување зелен и одржлив развој преку вградување знаење, иновации и технологија за создавање производи и услуги со висока додадена вредност кои се конкурентни на домашниот и странските пазари.
Нацрт-стратегијата за паметна специјализација на Македонија 2023-2027 тргнува од досегашните вложувања во истражување и развој, кои се на релативно ниско ниво и изнесуваат околу 0,4% од БДП. И покрај извесниот напредок во изминатиот период, постојниот иновациски екосистем во државата е недоволно развиен. Тоа главно произлегува од слабите капацитети на истражувачките институции кои располагаат со ограничени финансиски средства за истражување и развој. Натаму, постои недоволна склоност за иновации во бизнис-секторот што ја намалува конкурентноста на компаниите на домашниот и светските пазари. Освен тоа, отсуствува рамка за пренос на знаења, односно канали за текови на знаења во економијата, како и координација меѓу различните институции при креирањето иновациски политики.
Освен горенаведените недостатоци на националниот иновациски систем кои директно ја условуваат примената на паметната специјализација, помалку развиените региони во Македонија се соочуваат и со голем број други предизвици во развојот кои се утврдени преку информации добиени од работа со фокус-групи. Прво, интензивната депопулација во изминатиот период значително го намали бројот на работоспособно население особено во руралните средини, што за компаниите создава проблеми за наоѓање доволен број работници со потребните квалификации и вештини. И покрај намалувањето на емиграцијата како резултат на порастот на реалните плати, сепак, еден дел од населението, особено младите размислуваат за иселување во странство, пред сѐ како последица на други фактори, како што се нискиот квалитет на живот, нефункционални институции, корупција и сл.
Студентите и младите генерално се задоволни од образовниот процес во државата, иако сметаат дека многу повеќе акцент се става врз теоријата отколку врз практичната работа. Освен тоа, многумина сметаат дека по завршувањето на студиите не се доволно подготвени веднаш да се вклучат на пазарот на труд. Затоа, неопходни се дополнителни форми на неформално образование преку кои би се пополниле празнините во формалното образование. Натаму, младите се доста резервирани за отпочнување свој бизнис, односно повеќето би избрале да работат за некој работодавец отколку да креираат свое претпријатие. Во тој поглед недостигаат идеи, но и реална поддршка од институциите, кои би им помогнале за постигнување успех во бизнисот. Имено, постои голема неизвесност и голем е бројот на нови бизниси кои не успеваат заради глобалната конкуренција и други ограничувачки фактори во регионот.
За да се надминат ваквите недостатоци, потребна е поголема поврзаност меѓу образовните и научноистражувачките институции, од една страна, со бизнисите, од друга страна. На тој начин би се одговорило на потребите за усогласување на образовните профили и студиските програми со потребите на компаниите. Посебно се нагласува потребата од дуално стручно образование, со што образовниот процес би можел да испорачува обучени работници со вештини и компетенции кои се бараат на пазарот на труд. Нивото на иновативност во компаниите е релативно ниско бидејќи тие се соочуваат со голем број проблеми во тековното работење, што го отежнува нивното фокусирање на развојот. На компаниите им недостигаат стручњаци кои би ги применувале најновите технологии и би воведувале иновации во работењето. Освен тоа, недостига државна помош за компаниите да можат повеќе да се насочат кон истражување и развој, а со тоа да ја подобрат својата продуктивност и конкурентност.
Помалку развиените региони имаат голем потенцијал за развој на земјоделството и сточарството. Притоа, неопходни се повеќе мерки во насока на окрупнување на парцелите, поголема сигурност на производителите преку загарантирани откупни цени на производите и регулирани детални урбанистички планови како услов за користење средства од ИПАРД-програмата. Сепак, сегашната продуктивност е ниска, што ја наметнува потребата од воведување нови технологии, како што се роботи и дронови во обработката на земјата или работа во фармите. Особено младите не ја гледаат перспективата да работат во земјоделството и сточарството доколку се реализира на екстензивен начин. Освен тоа, потребен е нов модел за развој на земјоделството преку формирање задруги од индивидуални земјоделци, со што би се постигнала економија на обем, а бизнис-процесите би се реализирале на поефикасен начин. Земјоделските задруги би овозможиле едукација особено за младите, а би се постигнала поголема стандардизација на производството.
Автор: проф. д-р Димитар Николоски, Економски факултет - Прилеп, УКЛО