Коронавирусот предизвика хаос во целиот свет, однесе многу животи и сите нѐ затвори дома, но истовремено и ни го намали загадувањето на животната средина и нѐ натера да се свртиме кон самите себе. Поради тоа што е неизвесно дали и како ќе се патува ова лето, па можеби ќе мораме да се откажеме од грчките плажи, сите почнавме да ги разгледуваме убавините на Македонија и да планираме по некое патување во нашата прекрасна земја.
Доколку немате идеја кои места да ги посетите летово, имаме десет предлози за вас.
1. Кокино
Сте слушнале ли за Кокино? Ова е една од најстарите мегалитски опсерватории во светот. На ова место има големи камени блокови од каде што луѓето во минатото ги набљудувале небото, Сонцето и Месечината и според движењата на овие небесни тела изработувале календари и го мерење времето. Ова е идеално место за набљудување на прекрасното ѕвездено небо.
2. Водно
Доколку останувате во Скопје, првото место кое на сите им паѓа на памет кога станува збор за релаксација, секако, е Водно. Искачете се до Средно Водно, малку одморете, па продолжете кон врвот Крстовар, каде што се наоѓаат Милениумскиот крст и планинарскиот дом „Даре Џамбаз“.
3. Галичник
Галичник е познат по специфичната галичка архитектура, но и по традиционалната Галичка свадба. Свадбата се случува во лето, на празникот Петровден и трае два дена. Таа е одлична можност да видите како изгледале свадбите во минатото и какви биле свадбарските обичаи.
4. Свети Наум
Доколку планирате да ја посетите најпознатата летна дестинација во Македонија - Охрид, не смеете да го пропуштите манастирот „Свети Наум“, кој е сместен на висока карпа над езерото. Покрај манастирот, можете да ги видите и изворите на реката Црни Дрим, која потоа тече низ Охридското Езеро и повторно излегува кај градот Струга.
5. Смоларски Водопад
Смоларскиот Водопад е највисок во нашата земја, речиси 40 метри, и се наоѓа во подножјето на планината Беласица. Секако, ова е одлична дестинација за бегање од градската врева.
6. Пелистер
Националниот парк Пелистер е дом на ретки и ендемични видови растенија и животни. Едно такво растение е борот молика, а во водите на Пелистер живее и ендемичната пелистерска пастрмка. На Пелистер се наоѓаат и таканаречените Пелистерски Очи - две леднички езера познати и како Мало и Големо Езеро.
7. Дојранско Езеро
Дојранското Езеро е најпознато по еден стар и заборавен начин на ловење риби, со помош на птиците корморани кои ги бркаат рибите кон специјални стапици - дојрански мандри. Тие се, всушност, огради од трска во водата над кои некогаш има и мали куќарки од трска. Езерската вода, пак, е рај за сите сетила.
8. Тиквешко Езеро со Полошки манастир
Ако патот ве понесе накај Тиквешијата, задолжително треба да отидете до Тиквешкото Езеро, а можете и со чамец да одите до познатиот Полошки манастир, до кој не може да се дојде поинаку освен преку вода.
9. Богомила
Селото Богомила се наоѓа во подножјето на Јакупица и главната знаменитост во ова село е познатиот римски ѕидан мост на реката Бабуна.
10. Пештерата Пешна
Пештерата Пешна се наоѓа во близина на Македонски Брод. Влезот во пештерата е висок 40 метри, а од пештерата извира реката Пешница, која малку подолу се влева во реката Треска.
Се надеваме дека ова ќе ви биде само мал поттик за истражување на нашата прекрасна татковина.
Сите фотографии се преземени од „Википедија“.