X
 31.07.2024 Здравје

Добро е да ги знаете овие психолошки совети за одењето на годишен одмор

Дали веќе ги обележувате деновите на календарот додека во главата имате визија за безгрижно лежење на плажа со книга в рака?

Многу претходни студии покажале дека оние што редовно одат на одмор го намалуваат ризикот од прерана смрт за приближно 20 проценти, а има и други позитивни придобивки, како што е намалување на ризикот од срцев удар. Исто така, има многу придобивки од одењето на одмор кои се рефлектираат со подобро расположение и здравје, ниво на енергија, општо задоволство, како и пониско ниво на напнатост.

На оваа тема зборува психологот и психотерапевт Тина Панжиќ и потсетува дека одењето на одмор е исклучително важно бидејќи, лаички кажано, ги полни батериите“, односно ја враќа состојбата на организмот во рамнотежа.

- За жал, поради деловните обврски, кои изгледаат сè понапорни, повеќето луѓе континуирано работат надвор од сопствените граници, што последователно доведува до сè почесто исцрпување (т.н. синдром на исцрпеност). За да се избегне телесниот замор на физички, емоционален и когнитивен план, неопходно е да имате годишен одмор. Има и поранешни студии за оптималната количина, односно за времетраењето на годишниот одмор, што би било целисходно за телото навистина да се одмори и да се балансира, но денес е сè потешко да се зборува за униформни потреби. Имено, има сè повеќе различни видови работни места, барања на тие работни места и посветеност која се бара од вработените за да може да се определи просечно времетраење на годишен одмор. Понатаму, постои и фактор на личен капацитет и/или вештини за справување со силно стресни ситуации, оние што го трошат организмот во најголема мера. Во идеална деловна организација, потребното времетраење на одморот треба да се разгледа со користење на поиндивидуализиран пристап, барем според барањата на работното место, но во реалноста тоа е тешко изводливо. Понатаму, времетраењето на годишниот одмор не е единствениот фактор за неговиот успех, туку и начинот на кој го поминуваме - вели психологот Панжиќ.

Можеме ли целосно да се исклучиме?


Денес, додава таа, сè потешко е да се опуштиме на одмор поради големото присуство на уреди, социјални мрежи и разни канали за комуникација кои нè одвлекуваат од сопствените потреби.

- Годишниот одмор треба да служи за да го вратиме контактот со себе и да му дозволиме на телото да функционира според сопствениот деноноќен ритам и природните потреби. Тоа значи да спиеме кога се чувствуваме поспани, да се будиме на природен начин, да бидеме во движење кога му е потребно на телото, да се одмориме кога ни е потребно и што помалку да зависиме од надворешните влијанија. Но, денешните комуникациски канали го попречуваат опуштањето и одморот бидејќи постојано ни носат надворешна потреба за нешто (шопинг, храна, гледање, читање, движење, информации и сл.) - посочува таа.

Еден од добрите совети е да го минимизирате и да го ограничите периодот во кој отворате е-пошта и се враќате на деловниот идентитет иако сте на одмор. Добро е овие начини и потреби претходно да се договорат со шефовите и да се држиме до договореното. Имено, поради постојаната работа, на повеќето луѓе им е тешко да се откажат од контролата и одговорноста и да се ограничат само на она што е потребно. Ако не можеме самите да си поставиме граници, треба да побараме помош, било од колеги или блиски луѓе, кои ќе нè предупредат дека времето за контакт со работата е ограничено, советува Панжиќ.

Одморот е првенствено состојба на умот


Како што додава таа, стандардните две недели годишен одмор не се доволни за обновување на телото, но сè што можеме да намениме како одмор треба добро да се искористи.

- Повторувам, должината не е единствениот услов за успешен годишен одмор бидејќи е важно да се работи на ограничување на сопствениот деловен идентитет и олабавување на одговорноста и контролата. За жал, сè повеќе луѓе се сметаат за незаменливи. Би сакала да истакнам дека годишниот одмор служи за зачувување на работната способност и компетентност, бидејќи замислете како најдобриот автомобил би возел без гориво, ако не ги наполниме батериите, нема да можеме функционираме на долг рок. Понатаму, не е неопходно да се оди некаде на одмор, но помага да се оддалечите од секојдневието. Само физичкото дистанцирање или промената на средината ни помага полесно да ги оставиме секојдневните идентитети и начини на живеење и да бидеме поотворени за промени - смета психологот.

На многу луѓе често им е тешко да се вратат од годишен одмор.

- Свеста за неопходноста од постојани промени и динамика и емотивно зрелиот поглед на животот овозможуваат полесен премин од еден во друг режим. Како што завршува ноќта, а наутро изгрева сонцето, така завршува годината и повторно започнува работниот активен период. Неопходно е да се одржи динамиката на работната активност и одмор. Многу едноставен совет – сфатете дека е од витално значење да си дозволиме да се одмориме. Гледано во однесувањето, сите животни живеат според динамиката на лов и одмор, а неопходно е и ние да ја зачуваме. Ако која било страна од гореспоменатата динамика е прекумерна, или одмор или работа, настанува стагнација, а со тоа и патологија. Треба да бидеме свесни дека нашиот капацитет за работа е ограничен и да си најдеме свој репер и да се трудиме што повеќе да имаме здрава динамика помеѓу одморот и работата. И на крајот, одморот е состојба на умот, затоа одете на одмор со свесна одлука дека одите на одмор - заклучува Панжиќ.

Извор: tportal.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје