X
 06.08.2021 Наша тема

Д-р Елена Величкова-Никова, вонреден професор, Институт за органска технологија: 7 предности за градење кариера во прехранбена технологија и биотехнологија

Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, како дел од УКИМ, е факултет со долгогодишно искуство во истражувањата во различни области кои навлегуваат во сите сфери на живеењето. Оваа истражувачка дејност резултира со низа проекти: национални, билатерални и меѓународни, кои нудат одлични можности како за вработените така и за студентите. На последниот повик од МОН за билатерална соработка со Република Кина, нашиот факултет доби дури 3 проекти на насоките: металургија, дизајн и менаџмент; полимерни материјали и прехранбена технологија и биотехнологија.

Првиот проект од насоката за металургија, дизајн и менаџмент е со наслов Трансформација на индустриски отпадни прашини во нови функционални материјали под раководство на д-р Перица Пауновиќ, ред. професор. Овој проект ги истражува можностите за имплементирање на лебдечката пепел од металуршката индустрија и термоелектрани, како и металуршките трошки (од производството на феро-никел), како зајакнувачко средство на полимерни композити-геомембрани, како и нивното имплементирање во полимерни бетони.

Вториот проект од насоката за полимерни материјали со наслов Дизајн на полимерни/TiO2 мезопорозни нанокомпозитни мембрани за прочистување на вода е под раководство на
д-р Александра Бужаровска, ред. професор, во соработка со Ningbo University of Technology, од НР Кина. Цели на овој проект се:
1. Добивање различни мезопорозни мембрани со различни постапки, за прочистување вода;
2. Испитување на фотокаталитичката активност на нанополнилото;
3. Одредување на ефикасноста на мембраните со користење моделни раствори.

Нашиот проект на насоката за прехранбена технологија и биотехнологија Примена на јадливи филмови за продолжување на рокот на траење на јагоди и домати под раководство на колегата д-р Дарко Димитровски, вонреден професор, во фокусот ги има јадливите филмови или јадливите превлеки.

Изглед на јадливи филмови

Главната цел на овој проект е да се продолжи рокот на траење и да се подобри сензорната и нутритивната вредност на климактерични плодови со брз процес на зреење, како што се јагодите и доматите, што резултира со брзо скапување преку нанесување на јадливи филмови со активни компоненти. Јаглехидратни и протеински јадливи превлаки се користат за да се зголеми рокот на траење на овие плодови чувани при различни услови. Плодовите се превлeкуваат со различни формулации на филмови кои овозможуваат бариерни својства и го забавуваат скапувањето на плодовите. Се испитуваат и неколку активни компоненти како инхибитори на микробен раст, но и како нутритивни и сензорни подобрувачи. Ефективноста на превлаките се оценува преку следење на промените на неколку параметри: микробна инфекција, загуба на влага, брзина на респирација, боја на ткиво и лушпа, цврстина, рН вредност, титрациска киселост, растворливи суви материи, содржина на редуцирачки шеќери, а се прави и сензорна евалуација.
Јагодата е еден од најнежните и брзорасипливи плодови како резултат на брзата респирација, загубата на влага и подложноста на загадување од габи. Поради тоа, постојат многу студии за продолжување на времето на складирање на свежи јагоди со користење на различни техники и активни компоненти.
Доматот продолжува да созрева и по бербата поради што може да презрее многу брзо. Најважните атрибути за квалитет на свежите домати за потрошувачите се текстурата и бојата. Текстурата зависи од цврстината на ткивото и јачината на лушпата така што омекнувањето за време на складирањето, дистрибуцијата и зреењето на доматите може да биде голем проблем поради нивната подложност на оштетување и микробно расипување. Ова може да резултира во губење на квалитетот и ограничен рок на траење на доматите.

Предностите на ова истражување се: намалување на економските загуби поради брзото скапување и фрлање на плодовите, зголемена достапност и погодност за консументите нудејќи им минимално третирани продукти со карактеристики на свежи.
Овој проект дава рамка за продолжување на истражувањата и на други овошја и зеленчуци и ќе придонесе за унапредување на знаењата на одгледувачите и преработувачите од Р.С. Македонија и Р. Кина и ќе има економски ефект на двете држави. Исто така ова истражување ќе биде база за долгорочна соработка меѓу универзитетите Св. Кирил и Методиј и Northwest A & F.

Дополнително, работата со јадливите филмови и искористувањето на отпадот од прехранбената индустрија, ни овозможи продлабочување на темата преку екстракција на антоцијани од лушпите на бобестите овошја и грозјето и нивно инкорпорирање во превлеки. Тоа доведува до развој на превлеки кои ќе се користат како рН индикатори (интелигентно пакување) и ќе укажуваат на расипувањето на храната преку промена на бојата, што ни овозможи соработка со Кралското хемиско друштво (Royal Chemical Society) од Велика Британија и добивање на уште еден проект со наслов: “Зачувување на планетата чекор по чекор: намалување на отпадот од храна користејќи интелигентно пакување”(Saving the planet one step at a time: reducing food waste using intelligent packaging), каде што колешката д-р Мишела Темков, доцент, ќе престојува на Универзитетот во Манчестер и ќе работи на добивањето на овие интелигентни филмови.



Хитозански филмови со антоцијани од аронија

Д-р Елена Величкова-Никова: „По природа сум вљубеник во науката и се одлучив за природни науки со инженерски пристап и го направив вистинскиот избор. ТМФ беше портал кој ме поврзуваше со врвни светски универзитети и ми овозможи да бидам дел од многу семинари, работилници, тренинг школи, кои ми помагаа да се изградам во академска личност каква што сум денеска и да станам вонреден професор на свои 40 години.“



Д-р Елена Величкова-Никова

Јас по природа сум вљубеник во науката. Мојата прва љубов беа јазиците и завршив јазична гимназија во „Јосип Броз Тито“ - Скопје, и мислев дека ќе студирам англиски јазик и ќе го освојам светот. Но по завршувањето на гимназијата некако не ми се избистрија тие размислувања и се одлучив за природни науки со инженерски пристап и мислам дека го направив вистинскиот избор. Дипломирав во предвидените 5 години, бидејќи толку траеше факултетот порано, и како добар студент со висок просек, моите професорки и менторки ме пратија на студиски престој во Лисабон, Португалија, за изработка на дипломска работа и ми се отворија нови видици и нови апетити за истражување, експерименти, иновации и нови идејни решенија на веќе постојните процеси и производи. Потоа се јавив на конкурсот за помлад асистент и почнав да го чекорам академскиот пат. Магистерската теза од областа на биотехнологијата ја изработив во соработка со Бугарската академија за науки, а за докторската теза од областа на прехранбената технологија престојував на Универзитетот Лунд, оддел за прехранбена технологија и нутриционизам во Шведска и на Универзитет за земјоделие, насока за прехранбена технологија, контрола на квалитет во Португалија. Целокупниот образовен процес (прв, втор и трет циклус студии) го запишав и завршив на ТМФ и тоа беше портал кој ме поврзуваше со врвни светски универзитети и ми овозможи да бидам дел од многу семинари, работилници, тренинг школи итн. кои ми помагаа да се изградам во академска личност каква што сум денеска и да станам вонреден професор на свои 40 години.



Јагоди со хитозански филм




Јагоди со хитозански и восочен филм
Зошто баш Прехранбена технологија и биотехнологија?


Студиската програма Прехранбена технологија и биотехнологија е целосно посветена на процесите кои ја следат храната од нејзиното собирање од нивите/фармите до крајниот производ. Се изучуваат сите аспекти поврзани со природната состојба на храната во нејзината сирова форма, како и сите чекори на нејзина трансформација до вкусни производи следејќи ги притоа квалитативните карактеристики (физичко-хемиски, сензорски, нутритивни и микробиолошки) во сите фази од производството.

Самата програма е компатибилна со повеќето европски студиски програми од областа на прехранбената технологија и биотехнологијата со што нуди можности за мобилност (студирање на еден семестар во странство), признаена диплома во странство (доколку сакате да продолжите со студиите надвор од државата) и секако одлична отскочна штица за вработување како во земјата така и надвор од неа. Предметите не се само теоретски, изобилуваат и со практична лабораториска работа, изготвување на проектни задачи и решавање на конкретни технолошки процесни проблеми.

Постојат огромен број на предности за студентите кои ја одбираат биотехнологијата како нивна кариера, бидејќи оваа област сè уште има огромен потенцијал за развој и проширување. Еве неколку предности зошто да одберете Прехранбена технологија и биотехнологија и студии на Технолошко металуршки факултет Скопје:

1. Нуди огромен потенцијал на студентите

Предноста на прехранбената технологија е тоа што им нуди огромен потенцијал на студентите бидејќи храната/прехранбената индустрија е секогаш актуелна, секогаш спремна за технолошки напредок и иновации и секогаш во функција да им го олесни и подобри животниот стил на луѓето следејќи ги нивните потреби и нови трендови (функционална храна, лесно достапни оброци, готови оброци, високо-нутритивни, ниско-калорични, безлактозни, безглутенски итн.).
Од друга страна пак, биотехнологијата е интердисциплинарна наука и во себе вклучува различни области од рекомбинантна ДНК, преку клонирање и генетика до применета микробиологија за производство на сосема секојдневни производи како лебот, виното, пивото, ферментирани млечни и месни производи, антибиотици и слично. Примена има во фармацевтската индустрија, земјоделието, ветеринарството, производството на храна и пијалаци, производството на специфични хемикалии и заштита на животната средина.

2. Практично искуство и меѓународни студентски пракси

Студентите запишани на ТМФ имаат свои студентски здруженија во кои може да членуваат и да се дружат. Да се запознаваат со колеги од другите технички факултети од земјава и од странство и да ја шират својата мрежа на пријатели. Овие здруженија нудат можности за летни пракси и стекнување на практични искуства.

3. Можност за меѓународна студентска мобилност

Студиската програма на прехранбена технологија и биотехнологија, впрочем како и останатите студиски програми на ТМФ, е во согласност со Болоњската декларација им овозможува на студентите од сите три циклуси на студирање да поминат еден или два семестра во странство на некој од партнерските универзитети.

4. Активно учество во проекти

Студентите кои се заинтересирани за истражување вон наставната програма може да бидат вклучени во истражувачките тимови на различните проекти кои се актуелни во моментот и да се стекнат со дополнителни знаења и вештини. Притоа имаат шанса своите резултати и достигнувања да ги презентираат на некои конгреси, конференции, па дури и да заработат и да бидат платени доколку проектот го предвидува тоа.

5. Вашиот придонес во различни сектори е важен

Прехранбените технолози и биотехнолози можат да придонесат во различни сектори и индустрии. Тие можат да работат и да придонесуваат во областа на медицинската, фармацевтската, прехранбената индустрија, сточарството, клеточната биологија, земјоделството, заштитата на животната средина и многу други, каде што можат да бидат или директно вклучени во производствените погони или пак да нудат нови решенија за постојни процеси и секако да работат на решавање на тековни проблеми поврзани со производството.

6. Може да работите во кој било сектор

Прехранбена технологија и биотехнологија како кариера е една од најдобрите одлуки што можете да ги преземете за својата иднина, бидејќи би имале планина полна со можности да работите во различни водечки индустрии, вклучувајќи медицински, производствени, земјоделски, фармацевтски, индустриски производи, контролни лаборатории, како и во научноистражувачки центри и институти и владини и невладини институции поврзани со храна. Изберете ги работните сектори според вашиот сет на вештини и вашите идни аспекти за кариера.

7. Огромен раст во кариерата

Светски признаената диплома ви нуди можност за развој на кариерата и академски и практично. Од академски аспект , продолжување на втор и трет циклус студии како во земјава, така и надвор од неа, без потреба од дополнителни испити, преполагања и слично. Од практичен аспект знаењето со кое ќе се здобиете ќе ви го олесни напредувањето и усвојувањето на нови вештини и предизвици.
Но, за да бидете постојано во тек со времето, потребно е секогаш да ги надградувате вашите вештини. Познавањето на најновите алатки и технологии е императив за да се одржувате во живот во оваа област. Исто така, растот на кариерата е многу висок во оваа област, можете да започнете од нулто ниво и да стигнете и до позицијата на научник исто така.

Прехранбената технологија и Биотехнологијата нудат реномирани и престижни работни места за оние кандидати кои имаат добра база на знаење и се отворени за работа на нови технологии, како и голем опсег во правење кариера како во нашата земја така и надвор во други развиени земји.

Сите информации околу студиската програма како и за останатите во рамките на ТМФ може да добијат на официјалната страница на ТМФ, преку информативните онлајн сесии или со посета на кампусот. Сите актуелности и настани редовно се споделуваат и преку официјалните профили на Facebook и Instagram.
Идните студенти сега можат да размислат и да донесат вистинска одлука и да го продолжат својот образовен процес на студиската програма за Прехранбена технологија и биотехнологија на Технолошко металуршкиот факултет во Скопје.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема