X
 31.08.2023 Образование

Интервју со Ивана Петреска, франшизер на IQ UP! училишниот центар во Прилеп: „Секое дете има потенцијал кој со правилна насока и поддршка може да блеска“

Зад вратите на IQ UP! училишниот центар во Прилеп се крие еден нов свет на образование, каде што фантазијата и науката се спојуваат во хармоничен танц. Тимот на Факултети.мк имаше чест да ја следи таа мелодија и да разговара со Ивана Петреска, франшизер на IQ UP! училишниот центар во Прилеп.

Ивана не само што ни го отвори светот на IQ UP! едукацијата, туку и ни покажа како секој детски сон може да стане реалност преку квалитетна едукација и соодветен пристап. 

Откријте како квалитетната едукација може да ги промени животите на учениците и да ги оспособи за иднината, преку инспиративни приказни и визијата на Ивана за образованието во 21 век.

Како дојдовте до идејата да станете франшизер на IQ UP! во Прилеп?


Мојата идеја да станам франшизер произлезе од фактот дека социјалните, технолошките и економските промени го ставаат под притисок стандардниот модел на учење. Увидов дека се наметнува потреба од образовен модел кој ќе им овозможи на учениците да развијат адаптивни вештини кои ќе им помагаат успешно да се справуваат со неизбежните промени и предизвици на современиот свет. Тимската работа е клучен аспект во современото општество и предизвик за успешно функционирање. Подготвувањето на децата за тимска работа мора да започне од мали нозе. Интегрирањето на тимската работа во образовниот систем е неопходно за да бидат подготвени да работат во групи и да градат социјални вештини кои се клучни за нивниот личен и професионален развој.



Накратко објаснете ни што е IQ UP!?

IQUP! образовниот концепт е комбинација од СТЕАМ мултидисциплинарен пристап на учење дополнет со литература и програмирање. Овај концепт им овозможува на учениците вклучување во реални проекти, истражување, анализирање преку интересни игри, мозочни вежби и активности, кои овозможуваат практична примена на теоретската содржина.
Целта на програмата е да им дадеме на нашите ученици знаење и вештини кои ќе ги применуваат на долг рок, без разлика на областа во која понатаму ќе одлучат да се надградуваат. Исто така, им овозможува развој на интелектуални вештини (логика, креативност, аналитичко размислување, решавање проблеми, меморија, развој на идеи) и развој на социо-емоционални вештини (самодоверба, комуникациски вештини, тимска работа, почит и емпатија) кои се неопходни за целосен развој на личноста.



Кои се клучните разлики помеѓу IQ UP! образовниот модел и традиционалниот образовен систем?

Во традиционалното образование учениците се во позиција на пасивни слушатели, каде што наставникот дава информации додека учениците слушаат. Акцентот често е на меморирање и репродукција на информации, без фокус на разбирање, критичко размислување или апликација на знаењето. Учениците се третираат како хомогена група со слични потреби и темпо на учење без да се земе предвид нивната различност. Содржината се пренесува според строго дефинирана програма без можност за приспособување на интересите и потребите на учениците. Знаењето се поделува во одделни предмети без интеграција помеѓу нив. За разлика од тоа, СТЕАМ-едукацијата им овозможува на учениците да ги видат врските помеѓу различните дисциплини, да развиваат критичко размислување, да стекнат практични вештини, како програмирање, изработка на проекти и експериментирање. Учениците стануваат активни учесници во образовниот процес и ќе научат како да го применуваат знаењето во реални ситуации. СТЕАМ-едукацијата им дава можност да се развиваат како целосни личности со разнострано знаење и вештини, подготвени за опкружување кое брзо се менува.



Како реагираат децата на Вашиот забавен и иновативен образовен модел и која е најинтересната реакција што сте ја виделе досега?

Во текот на часовите сведоци сме на многу моменти на восхит при изведување на експериментите и активностите. Кога децата ќе ги видат резултатите од нивните активности и дејствија, поттикнати се да истражуваат понатаму и да учат со задоволство. Бурните реакции кај децата се доказ дека учењето може да биде забавно, а не само формална активност. Ваквите моменти на радост го потврдуваат значењето на интерактивното учење, каде што децата се активни учесници и имаат можност да истражуваат, да ги изразуваат своите мисли и да се вклучуваат во процесот со позитивност и ентузијазам.



Дали имате некоја инспирирачка приказна или ситуација поврзана со ученик или родител која би сакале да ја споделите со нашите читатели?


Во нашиот едукативен центар дојде Филип, ученик кој имаше 90 проценти оштетување на слухот. Филип користеше апарат за слушање и немаше потреба од користење на знаковен јазик од страна на едукаторот и соучениците во неговата група. Филип имаше огромна желба да ги прошири своите знаења и да се стекне со нови вештини. Доби огромна поддршка и посебно внимание како од едукаторите кои работеа со него така и од учениците кои беа со него во групата. Сите заедно му помогнавме да го надмине ограничувањето кое доаѓаше од оштетениот слух. На крајот од учебната година со сигурност можеме да кажеме дека Филип беше меѓу најдобрите ученици. Неговата посветеност и страст кон учењето и IQUP! програмата која е приспособена на потребите на секое дете доведоа до неверојатни резултати.



Кога би требало да го опишете IQ UP! училишниот центар во Прилеп како книга, филм или музичко дело, кое би било и зошто?

Кога би требало да го опишам IQ UP! училишниот центар како филм, тоа би бил научнофантастичен филм кој би го нарекла „Научниот авантурист“. Овај жанр би го одбрала зашто има потенцијал да ги прикаже различните аспекти на IQ UP! едукацијата преку имагинативни и креативни сценарија. На почетокот на филмот сите аспекти од IQ UP! едукацијата би се прикажале како посебни карактери. Науката би била „Среќниот сензационалист“ кој го истражува светот и открива нови факти. Технологијата би била „Техничкиот тркач“ кој изработува уреди и решава технички предизвици. Инженерството би го нарекла „Креативниот“, кој дизајнира и гради. Уметноста би била „Визуелниот волшебник“, карактер кој би донесувал визуелна магија во целото искуство. Во различни делови на филмот различните карактери развиваат различни приказни, влегуваат во различни предизвици за на крајот да се обединат за да решат голем предизвик.

Што би им препорачале на родителите во Прилеп?

На сите родители во Прилеп би им порачала да веруваат во своите деца и да ги поддржуваат во нивните стремежи и соништа. Секое дете има уникатен потенцијал кој со правилна насока и поддршка може да блеска. IQ UP! Центарот во Прилеп е тука да ги оспособи децата за иднината, но домашната поддршка и љубов се незаменливи. Образованието е патување, а најубавите патувања се оние на кои се оди заедно. Затоа, бидете активни учесници во образовниот процес на вашите деца и заедно пишувајте го нивниот успех.
Ги повикувам сите заинтересирани родители, кои сакаат да ја почувствуваат магијата на IQ UP! едукацијата, да се регистрираат за бесплатен пробен час на овој линк.



(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование