X
 31.12.2021 Култура

Пораката од филмот „Не гледај нагоре“ е дека капитализмот ќе го платиме со нашите глави

Не е ни чудо што филмот „Не гледај нагоре“ (Don't Look Up) е еден од најголемите хитови на „Нетфликс“ овие денови. Дури и кога ќе го додадете Ди Каприо во улогата на секси научник, откачената Мерил Стрип како претседателка на САД (нешто како Хилари Трамп) и стандардниот одличен Марк Рајланс - чиј лик би можел да се нарече Илон Џобс - забавата е загарантирана.

Неколку многу јасни пораки

За филмот би одговарал и насловот „Идиократија 2: Последното шоу“. Само што овој пат идиократијата не е сместена во иднината, по неколку века, туку практично во сегашниот момент. Не ви треба многу за да ја разберете основната порака за неподготвеноста на нашата цивилизација да се справи со опасниот проблем. Авторите (Мекеј и Сирота) очигледно црпеле инспирација за овој заклучок од сето она што ни се случи во последните години, особено за време на оваа пандемија.

Народот е претставен како неподготвен да ја разбере сериозноста на ситуацијата, медиумите се занимаваат само со теми што ги сака народот - а на социјалните мрежи доминираат глупави мемиња и коментари од омраза. Врвот на сето ова е неспособната (американска, но не само американска) администрација, чија главна преокупација е како да дојде до гласови на изборите.

Поради тоа, НАСА (за среќа само во филмот) на чело има анестезиолог, а научниците можат да стигнат до јавноста само ако се згодни како Леонардо ди Каприо. Администрацијата почнува да ја решава кризата исклучиво од пиар-причини, прави целосен патриотски спектакл, а потоа се откажува затоа што мисли дека има подобро решение.

Силна главна порака

А тоа „подобро решение“ нè води до изненадувачка главна порака која е речиси марксистичка - оваа цивилизација нема да биде обземена од неспособна американска администрација, комерцијални медиуми, социјални мрежи, необразовани луѓе, па дури и комета со големина на Монт Еверест.

Според авторите, на човештвото ќе му пресуди капитализмот.

И дефинитивно не се мисли само на некои хипербогати бескрупулозни бизнисмени кои можат да командуваат дури и со американскиот претседател, туку на целата капиталистичка логика во која профитот е буквално поважен од судбината на целото човештво. Најинтересно е тоа што таквата порака, која воопшто не е тешко да се види, се наоѓа во медиумски и комерцијален американски филм. Да беа живи, Маркс, Енгелс и Ленин триумфално ќе изјавија по гледањето: „Зарем веќе не ви го кажавме тоа?“

Судбината на народот и судбината на елитата

А дека тоа е така, авторите само уште повеќе нагласуваат со споредување на судбината на обичните луѓе и општествената елита. На првите им останува само молитва за храбро прифаќање на судбината. Да, може да се каже дека оваа сцена на молитва е обид на авторот да му угоди на американското религиозно мнозинство, но сатирата е очигледна. Молитвата ја води млад човек кој категорично вели дека не го сакал евангелистичкото христијанство кое владее со Америка, туку го нашол патот до Бога. Во молитвата му се придружуваат целосни неверници, а сатирата станува уште поочигледна кога се гледа контраст со елитата која никому не се моли затоа што е доволно богата за да си плати за своето спасение.

И на крајот, авторите безмилосно ја прикажуваат оваа елита како куп голи идиоти со стомак, а конечната судбина (исто така гола) на американскиот претседател е и пресудата на цел систем.

Бран филмски антикапитализам

Овој филм навистина не е исклучок, но очигледно имаме тренд кој се вжештува во последно време. Погледнете го индискиот „Бел тигар“, ќе препознаете многу радикална порака за тоа како да се реши проблемот на капитализмот - толку радикална што дури и основачите на марксизмот би биле малку засрамени. Тука секако е и суперпопуларната (и суперквалитетна) серија „Игра со лигни“, во која на самиот врв се перверзни американски богаташи.

Сега тој тренд стигна и до бреговите на Америка и останува да се види дали на крајот гледачите сето тоа ќе го гледаат како обична забава.



Извор: Index.hr
Фото: Netflix
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура