X
 01.01.2019 Наша тема

Бугарски пасош, топла вода во студентски, нов дечко! Ова се желбите на студентите за 2019 година

На анкетата „Студенти, што посакувате во Новата 2019 година“ на Факултети.мк одговорија 150 читатели. Добивме сериозни одговори, но има и хумористични и љубовни

„Намалување на трошоците во секој поглед - партиципацијата за додипломски и посебно за последипломски студии е превисока, како и цените на книгите, укинување на бесмислени давачки како ИИКСА и уплата од 100 денари за секоја потврда за редовен студент. Третманот кон студентите да биде хуман, професорите да бидат пред сè наши пријатели, па потоа наши ментори, да нè насочат, поддржуваат и мотивираат на нашиот пат кон подобра иднина. Факултетот да биде место каде што ќе сакаме да одиме, а студентскиот дом - место каде што ќе сакаме да живееме“.

Овој одговор на студент од Македонија убаво и комплексно ја опишува состојбата во која живее, учи и се развива нашата интелигенција. На анкетата „Студенти, што посакувате во Новата 2019 година“ на Факултети.мк одговорија 150 читатели. Добивме сериозни одговори, но има и хумористични и љубовни. Ова се дел од нивните желби за Новата 2019:



- Вработување со добра плата.
- Повеќе пари.
- Да дипломирам.
- Да ги положам сите испити.
- Да престане принтањето на дипломи, бидејќи образованието ни ескалира. Нетактично е големи професори и авторитети да молчат!
- Само сакам да ги положам поголемиот дел од презапишаните предмети 80%.
- Функционална држава со функционални политичари. Толку.
- Да положам Дискретна математика.
- Сè да биде нормално.
- Да се иселам од Македонија.
- Стабилизација на државата, успешни реформи во образованието, здравството...
- Работни места што нема да бидат зафатени, уште необјавени, од партиски кадар.
- Пааа, добро платена пракса, а потоа вработување со добра плата :)
- Да положам Математика.
- Да се запознаам со Дедо Мраз.
- Поголеми можности за работа како студент.
- Здравје.
- Топла вода во студентски.
- Повеќе можности за самостојни студентски проекти, додатна настава за оние студенти што сакаат да ги прошират своите знаења, повеќе можности за платена пракса, достоинствено мени во студентските домови, попусти и разни поволности за студентите во книжарниците, кафулињата, бутиците и сл.
- Поголема хуманост.
- Платена пракса.
- Работа надвор од Македонија.
- Да нема испити.
- Виза да добијам бидејќи аплицирав за странство.
- Здраво тело и здрав ум.
- Да завршам факс пред да се распадне факултетот.
- Да се иселам од државава.
- 8-ка Напредно програмирање кај Маџаров.
- Читална за студентите во Штип.
- Бугарски пасош.
- Да ги положам предметите кај професорот Константин Бахчеванџиев на ФДТМЕ.
- Пракса на ФДТМЕ.
- Можност за вработување по завршување на студиите без потреба од партиска книшка.
- Да положам сè, а да не ги пропуштам новогодишните празници.
- Подобри услови во факултетските згради, поквалитетно образование, иницирање иновативност кај студентите. И секако здравје, среќа, успех.
- Сите десетки.
- Оценките да си ги поправам.
- Малку подобра минимална плата.
- Квалитетни студии.
- По можност да е потопло на Правен и да положиме сè во оваа испитна.
- Казнена сесија на Филолошки факултет.
- Да положам градска и кај Владо.
- 10-ка Маркетинг.
- Подобри услови во студентските домови и пољубезни службенички на студентски прашања.
- Да положам, другото не е битно, и онака веќе немам социјален живот.
- Намалување на притисокот од луѓето.
- Посакувам повеќе 10-ки, омразата да исчезне и љубов, позитивна енергија да шири секоја индивидуа во Македонија....
- Стипендија по можност.
- Топла вода во студентските домови!!! Разновидна храна!
- Дипломирање и запишување на добри мастер-студии во областа на ликовната уметност.
- Да фатам услов за 4-та година на Медицински.
- Да положам Физиологија со функционална анатомија ☺
- 6-ка Статистика за бизнис и економија.
- Да не се паѓа во приватна квота.
- Подобро образование.
- Да положам биохемија – ПМФ.
- Нов дечко.
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема