X
 09.08.2018 Наша тема

Студирање на државните универзитети во Македонија. Колку ќе платите за диплома, за титула магистер, доктор на науки

На УКИМ има 23 факултети, грубо пресметано, ако се пополнат сите места, на факултетите ќе бидат уплатени речиси 3,5 милиони евра


Задоволна сум од магистерските студии, но колку таа титула ќе ми служи во животот и дали ќе ми донесе напредок во кариерата, вели В.С. од Скопје, која до крајот на годинава на Филолошкиот факултет ќе треба да ја одбрани магистерската теза. Факултети.мк деновиве објавува серијал од мини-истражувањето за тоа колку невработени магистри и доктори на науки има во Македонија, а колку занаетите се дефицитарна професија. Резултатите покажаа дека од осамостојувањето до денес во земјава дипломирале вкупно 164.234 студенти. Според последните податоци на Агенцијата за вработување на Република Македонија, во моментот има 12.133 невработени граѓани со високо образование, вкупно 957 магистри и 34 доктори на науки.


Уписите почнуваат кон крајот на месецов

Колку чини студирањето на прв, втор и на трет циклус на поголемите државни универзитети во земјава, а колку слободни места има за академската 2018/2019 година?
Очекувано, на „Св. Кирил и Методиј“, најголемиот универзитет во Македонија, има најмногу места. Годинава има место за вкупно 11.661 студент – 5.913 ќе бидат редовни, 4.573 ќе се запишат како редовни со кофинансирање, а 1.175 ќе се запишат како вонредни студенти. Првиот рок на пријавување е на крајот од месецов (30 и 31 август), вториот рок е на 13 и 14 септември, а третиот – на 24 септември.

Дали титулата ќе ми донесе напредок во кариерата?

На УКИМ има 23 факултети. Најголемиот број студенти запишани во редовната државна квота ќе плаќаат по 200 евра, оние со кофинансирање ќе плаќаат по 400 евра, исто како и тие што ќе се запишат вонредно. Грубо пресметано, ако се пополнат сите места, на факултетите на УКИМ годинава ќе бидат уплатени 3.481.800 евра.


Вториот циклус студии чини различно, најмногу зависи од бројот на семестри

Вториот циклус студии на УКИМ чини различно, во зависност од семестрите. В.С. е запишана на втор циклус студии на Филолошкиот факултет во Скопје. Таа за партиципација издвоила околу 1.500 евра, за целиот циклус студии, кој траел два семестра, плус третиот предвиден за одбрана на магистерската теза.
- Дополнителни трошоци имав само околу литературата, кои се незначителни, и околу печатењето на трудот, кое, во зависност од тоа колку е голем и дали се печати во боја или црно-бел, чини најмалку 400-500 денари од примерок. На факултет треба да се однесат пет примероци – вели таа.
На прашањето колку е задоволна од тоа што го добила за сумата што ја платила, таа вели:
- Барем кога станува збор за моите професори, јас сум задоволна. Предавањата и консултациите беа редовни, а професорите беа достапни за да ме посоветуваат и да ме насочат. Е сега, колку таа титула ќе ми служи во животот и ќе ми донесе напредок во кариерата, тоа е сосема друго прашање.

На УГД место за 5.037 бруцоши

Вториот циклус студии чини од 1.500 до 3.000 евра, во зависност од тоа дали се едногодишни или двегодишни студии. На УКИМ годинава има отворено магистерски студии за 5.029 студенти.


На УКИМ годинава има место за 833 студенти на докторски студии

Што се однесува до третиот циклус, докторски студии, кандидатите треба да исполнуваат одредени услови предвидени од секоја матична институција. Бидејќи секој факултет има различни пропозиции, цената е индивидуална. Според огласот, на УКИМ годинава се отворени 833 места за докторски студии. Цените грубо се движат од 3.000 до 5.000 евра, но во зависност од факултетот и програмата, доплатата на коментари чини од 250 до 500 евра, истражувањето во рамките на докторската теза чини од 500 до 1.500 евра и слично.

На Универзитетот „Гоце Делчев“ годинава има место за 5.037 бруцоши. Од нив 3.078 ќе се запишат во редовната квота, за која годишно се плаќа 100, односно 200 евра во зависност од програмата. Има место за вкупно 1.064 студенти, кои со кофинансирање ќе плаќаат 100, 200 или 400 евра годишно, и 895 вонредни студенти кои ќе плаќаат по 400 евра годишно.

На УКЛО место за 1.011 магистри

На втор циклус студии има место за вкупно 977 студенти – 718 редовни и 259 вонредни.
- Школарината за студирање на втор циклус студии е целосно на товар на студентот и таа изнесува: за редовните студенти 400 евра за семестар, а за вонредните студенти 500 евра за семестар. За одбрана на магистерски или специјалистички труд студентите плаќаат по 300 евра десет дена пред денот на одбрана. Странските студенти плаќаат двојно повеќе – пишува во пропозициите на УГД.
На овој универзитет во наредната академска година докторски студии ќе може да запишат 19 студенти (со дополнителни места за уште девет). Сите траат по три години (шест семестри) и изнесуваат 5.150 евра.


Битолскиот универзитет ќе прими 3.635 бруцоши

На битолскиот Универзитет ,,Св. Климент Охридски“ во наредната учебна година има место за 3.635 студенти. Тие што ќе се запишат редовно (2.005) ќе плаќаат 100, односно 200 евра, тие со кофинансирање (1.015 студенти) ќе плаќаат по 100, односно 400 евра, додека вонредните студенти (вкупно 615) ќе плаќаат по 400 евра.
За втор циклус студии има место за 1.011 студент и 235 специјализанти. Цените се движат од 250 до 800 евра за семестар.
На трет циклус студии на УКЛО во наредната учебна година ќе може да се запишат вкупно 54 студенти, а основниот износ се движи од 3.500 до 5.000 евра.

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема