X
 01.01.2022 Наша тема

Успесите на студентите ја победија короната. Ова се најчитаните теми на Факултети.мк во 2021 година

Годинава ја започнавме во очекување вакцини против коронавирусот, надевајќи се дека ќе се вратиме во нормала. Во време на пандемија, кога сите живеевме во малите граници околу нас, студентите од Македонија ги срушија сите бариери и ни покажаа дека не е сè така црно како што изгледа. Во морето теми што ги напишавме за коронавирусот, мерките, вакцините и сите случувања поврзани со пандемијата, нашите читатели најмногу сакаа да читаат за студентите од нашата земја кои постигнаа големи успеси и завршија на врвни универзитети.

Во продолжение ви ги пренесуваме темите на Факултети.мк што привлекоа најголемо внимание во текот на 2021 година.


Тешко е да кажете „не“ кога ќе ве примат на „Харвард“ , вели Мила Ивановска од Битола. Универзитетот ќе ѝ ги покрие сите трошоци

Таа успеа да влезе во 240. странски студенти што оваа есен ќе го почнат школувањето на Универзитетот со најдолга традиција во Америка

„Кога ни пристигна потврдата дека сум примена на 'Харвард', два дена со моите родители не можевме да поверуваме дека тоа е вистина. Пресреќни сме“. Вака една од најнаградуваните средношколки од Битола, Мила Ивановска, која годинава е матурантка во гимназијата „Јосип Броз Тито“, го опишува чувството откако успеа да се запише на најпрестижниот и најелитен американски универзитет - „Харвард“ во Масачусец, САД.



За ПАП - 60 денари, ехо и породување се бесплатни... Кои гинеколошки прегледи следуваат на државен трошок?


Пациентките кои не се бремени кај избраните матични гинеколози треба да имаат бесплатни дијагностички прегледи со ултразвик или познат како ехо-преглед, колпоскопија и на земање брис. Сите гинеколошки и микробиолошки прегледи, како и биохемиски анализи, вклучувајќи го и самото породување за секоја бремена жена во земјава, без разлика дали е здравствено осигурана или не, се бесплатни. Ова го овозможуваат прописите кои се на сила. Но, тие не секогаш се почитуваат.



Студенти од Македонија добија половина милион долари за алатка за рекламирање на „Редит

Никола Велковски е 22-годишен студент од Скопје кој заедно со уште двајца негови соученици, Стефан Котевски и Томислав Јуруковски, студенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, направи револуција во информатичкиот сектор. Тие создале маркетинг-алатка наречена Ховитцер (Howitzer), која ја намениле за рекламирање на американската социјалната мрежа Редит (Reddit), место за собирање вести, оценување интернет-содржина и дискусија.

Нивниот подвиг ги прави единствени во светот што ја имаат користено „Редит“ за маркетинг-цели и единствени што имаат направено маркетинг-алатка за „Редит“.

Никола, како еден од основачите на Ховитцер, вели дека нивниот продукт успеал да стигне до 2.000 долари месечен прилив по еден месец од лансирањето, а по само пет месеци ја добиле најголемата странска иницијална (pre-seed/seed) инвестиција за софтверска компанија во Македонија досега - 500.000 долари.




Димче Ацков изгради екосело од кал и слама, а сонува да му подари шума на човештвото

Екологист, заштитник на природата, авантурист. Велешанецот Димче Ацков, кој пред неколку години го изгради единственото екосело во Македонија во близина на реката Тополка во Велес, е сето она кон што сме се стремеле, но сме му свртеле грб кога сме се заглавиле меѓу градските ѕидини.

А, на неколку стотици метри пред некогашната „Порцеланка“, меѓу грмушките ѕиркаат куќичките со заоблен покрив слични на сцените од филмот „Хобит“, кои Димче ги изградил од камен, кал и слама. Меѓу нив веднаш се чувствува енергијата што тој постојано ја потенцира при своите обуки за градба на кои досега учествувале стотина луѓе.



Смеам ли да се вакцинирам ако имам алергија на антибиотик? Проф. д-р Никола Пановски ги разрешува дилемите

Дали доколку некој е алергичен на одредени антибиотици, треба да се вакцинира и дали вакцината може да ја активира алергијата, која можеби се случила еднаш досега и тоа можеби пред повеќе од десет години.
Ова се прашањата на сè почестата дебата на социјалните мрежи за тоа дали вакцината има влијание врз здравјето на луѓето или не. Еден од последните примери се алергиите.

На што се должи тоа? Дали станува збор за страв од вакцина, лажни вести или оправдана претпазливост? Едни од најчестите прашања во групите за размена на ковид-искуства на „Фејсбук“ се дали алергија на пеницилин или цефалексин може да има некоја контраиндикација од вакцинацијата.



Овие професори им оставија најголем впечаток на студентите

Професорите се закитија со оригинални пофалби, на пример, кул професори кои работат како машина, па студентите рекоа дека тие ќе им бидат пример до крајот на животот.
Најмногу пофалби убедливо доби Горан Илиќ од Правниот факултет од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, но и професорката Ана Павловска-Данева, редовен професор на Правен факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.



Доника Клења од Дебар е најдобриот студент на Универзитетот во Бристол

Процентот на странски студенти на Универзитетот во Бристол е 17,3% , на Универзитетот во Данди е 22%, што значи мнозинството се домашни студенти. Доника Клења, 22-годишна студентка од Дебар, е најдобар студент на Универзитетот во Бристол, Англија, од областа на клеточна и молекуларна медицина, а пред еден месец ги започнала докторските студии во Данди.



Мила Билеска ќе студира физика на „Принстон“: Ако успеам да дадам одговор на некои од дилемите во науката, мојот сон ќе се оствари

Едноставно сакам да спознам сè од областа на физиката и да најдам решение за сѐ уште неодговорените прашања, бидејќи физиката ја сметам за основа на целокупното постоење и функционирање. Во различните нејзини гранки се содржи целата мудрост на универзумот. Пред нас стојат голем број дилеми, неодговорени прашања, и доколку успеам да дадам одговор на некои од дилемите во науката, мојот сон целосно ќе се оствари. А дотогаш ќе собирам знаење во текот на моите студии на „Принстон“, ќе поставувам прашања, ќе барам одговори и би сакала да ја цитирам мојата баба: „Мила, знаењето што ќе го стекнеш е само твое и има моќ да те однесе каде што ќе посакаш“, ни изјави Мила Билеска.



Најдобриот студент во Македонија - Ева Богоевска на 16 години запишала факултет, а дипломирала со чиста десетка

Ева Богоевска на 21 година стана студент на својата генерација и студентка со највисок просек во земјава. Дипломирала виолина со чиста десетка на Факултетот за музичка уметност. Положила 70 испити, од прв пат и во рок, сите со десетки.
Државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ ја прогласи за најдобар студент со највисок просек од 10,00 за 2019/2020 година. Таа е најдобра од сите студенти од државните факултети.



Димитар од Струга ја доби наградата за врвен студент по медицина во Љубљана

Димитар Трифуноски од Струга е четврта година на Медицинскиот факултет во Љубљана и е добитник на Плечниковата награда. Достигнал врвни резултати по предметите анатомија, хистологија, ембриологија и патологија. Работи како демонстратор на Институтот за микробиологија и имунологија. За тоа како успеал да постигне одлични резултати со кои ја стекнал титулата врвен студент и ја добил Плечниковата награда, во интервјуто за Факултети.мк Димитар вели: „Станува збор за индивидуална награда која Медицинскиот факултет во Љубљана ја доделува на студент во четврта година кој во претходните 3 години, или „претклиничкиот“ дел на факултетот, достигнал врвни резултати по предметите анатомија, хистологија и ембриологија и патологија. Секоја година бројката на студенти е различна. Оваа година во цела генерација од околу 200 студенти, наградата ја добивме јас и уште 12 колеги. Во однос на тоа, еден професор на факултетот ми честита и ми кажа дека сум можеби единствениот странец што ја добил оваа награда. Плечниковата награда е за исклучителни резултати при гореспоменатите предмети. Јанез Плечник e познат словенечки анатом и патолог, завршил медицина во Виена, каде што учествувал и во истражувањето на крвните групи. Основоположник е на Институтот за патологија во Љубљана, како и брат на познатиот словенечки архитект Јоже Плечник.“


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема