Фудбалот, Украина и цените на горивото се меѓу нештата што жителите на Македонија најмногу ги гуглале во текот на 2022 година. Традиционално, Факултети.мк ви ги пренесува најпребаруваните нешта за изминатата година во неколку категории.
Ќе почнеме со сите категории, каде што во најпребаруваните теми се најдоа преведувачот на „Гугл“, Македонија, времето и Скопје. Најпребарувани термини во оваа категорија се „translate“, „google“ и „time“.
Во категоријата работа и образование меѓу најгугланите теми се 2023 и 2022, но и грузискиот град Цагери, што можеби посочува на друго пребарување, со оглед на тоа дека годинава немаше некои настани поврзани со овој град. Меѓу најгугланите термини во оваа категорија годинава влегоа студентскиот дом „Пелагонија“ и субвенционираниот студентски оброк.
Во категоријата уметност и забава во најгуглана тема, но и термин е „Евровизија 2022“. Македонците гуглале и за серии и квизови.
Податоците за гуглањето во категоријата книги и литература покажуваат дека годинава најголемо внимание на Македонците им привлекле сериите „Куќата на змејот“ и „Венсдеј“. Сепак, некако во најгуглани термини во оваа категорија се провлекол и граничниот премин „Богородица“.