Новата верзија на „Гугл Хром“ доаѓа со опции кои ќе израдуваат многу корисници на овој пребарувач
Уште пред неколку месеци од „Гугл“ најавија нова опција во својот пребарувач „Хром“ - групирање на табовите. Оттогаш технолошкиот гигант ја тестираше можноста, а таа сега им е достапна на сите корисници, на кои ќе им се овозможи поедноставно и попрегледно сурфање, односно уредно распоредување на табовите.
Многу корисници при сурфањето отвораат десетици табови и не можат да се снајдат, а таа опција би требало да им биде од помош за полесно снаоѓање. Имено, групирањето на табовите, како што кажува и самото име, овозможува спојување на повеќе табови во една група. Тоа може да се направи со десен клик на табот и бирање на опцијата „Add tab to new group“ (Додај го табот во нова група). Со повторно кликање на десниот клик може на таа група да ѝ се стави и име и боја.
На пример, групирањето на табовите им овозможува на корисниците во една група да си ги стават сите вести од спортот, во друга вестите од технологијата, во трета некои важни статии кои мораат да ги прочитаат тој ден итн. На постојните групи може да им се додадат нови табови со класично влечење или повторно со десен клик и додавање на табот во група (при што треба да одберете во која група сакате да го додадете табот или да направите нова група), односно може да се отстранат од некоја група или да се затвори целата група. Кога табовите од некоја група не ви се потребни, можете едноставно да ги соберете за да не ви заземаат простор во горниот дел од „Хром“, односно повторно да ги проширите кога ќе ви бидат потребни.
Уште една корисна новина која „Гугл“ ја најави и која би требало да биде достапна во иднина е прегледност на отворените табови. Ако сега ја доближите стрелката над отворениот таб во горниот дел од пребарувачот, ќе ви се покаже само името на отворената страница, додека во иднина ќе има преглед на целата страница.
Од „Гугл“ најавија и дека во текот на идните неколку недели ќе додадат опција за потполнување на ПДФ-документи и нивно снимање директно од „Хром“. Ако го отворите документот повторно, ќе можете да продолжите каде што сте застанале.
При најавувањето на новите опции, од „Гугл“ ги предупредија корисниците дека сите опции не се достапни веднаш за сите корисници. За да го одржат „Хром“ стабилен, некогаш е потребно одредено време додека да станат достапни за сите.
Извор и насловна фотографија:
dnevnik.hr