„Алиса во земјата на чудата“, „Декамерон“, „Мајсторот и Маргарита“, „Метаморфози“ се само дел од насловите што во времето кога биле издавани или подоцна биле забранувани, а денес се лектири во некое ниво на образованието
Книгата е моќно средство за комуникација. И сите стравови дека новите технологии ќе ја истиснат, уништат, паѓаат во вода зашто таа издржала многу. Во некои режими книгите биле спалувани, конфискувани, цензурирани, но тие пак си го наоѓале патот на слободата и дел од нив навлегле во образовниот систем на многу земји во светот.
Забраната на книги постои од почетоците на државата, и нормално, поради судирот власт – писател – вели професорот Александар Прокопиев од Филолошкиот факултет.
Фото: Pixabay
-На пример, во времето на Октавијан Август биле забранети книгите на Овидиј поради неморал, а поетот бил казнет со доживотен прогон од Рим. Поради неморал во книгата „Мадам Бовари“, му е судено на Гистав Флобер. Во времето на големите диктатори, на пример, Сталин или Хитлер, не само што се забранувале дела на некои големи писатели (Пастернак, Булгаков, Ахматова, Томас Ман) туку многу од нив се убиени или, пак, се самоубиле од мака (Мандештајн, Цветаева, Есенин, Цвајг)... „Црните листи“ на книжевници постоеле и ќе постојат и во т.н. демократски режими, наспроти милениците на власта кои се помагаат со високи хонорари, награди – вели Прокопиев.
Не постои законска цензура во Македонија
Во Македонија бил цензуриран „Хамлет од Долна Мрдуша“ од Иво Брешан, а денес се учи на Факултетот за драмски уметности, ни објасни професорката Наташа Аврамовска од Институтот за македонска литература. Претставата била цензурирана во Македонија во 70-тите години, а имало расправа зад затворени врати, објаснува Аврамовска.
Таа го посочува примерот на „Метаморфози“ од Овидиј, која денес е факултетска лектира.
Кај нас не постои законска цензура. Никој не може да забрани издавање на одредено дело. Од Министерството за култура велат дека немаат ингеренции да влијаат врз одреден автор или издавач. Цензурата официјално не постоела ниту во поранешна Југославија, а слободата на говорот била загарантирана во Универзалната декларација за човекови права на ООН. Главно оружје на цензорите бил законот, но и многубројните неофицијални одлуки што биле носени во највисоките кругови на Комунистичката партија. Законот за печат од 1945 година ја гарантирал слободата на печатот. Било забрането да се печати нешто со кое на некој начин се руши уставниот поредок на земјата, се навредуваат пријателски земји или државни тела на Југославија. Таквата широка дефиниција оставала место за злоупотреба и цензура.
„Мојата борба“ на македонски ги разбранува интелектуалците
Во 2005 година, кога издавачот „Ѓурѓа“ од Скопје ја издаде „Мојата борба“ од Адолф Хитлер на македонски, имаше благи реакции во јавноста. Во некои земји таа е забранета, како Шведска, Русија, а во Германија лани беше најпродавана книга. Како што објави „Дневник“, интелектуалци реагираа зошто книгата била издадена без пригоден предговор во кој би биле објаснети социолошките причини зошто беше оправдано нејзиното објавување баш тогаш. Издавачот Никола Костески побарал од неколку универзитетски професор да напишат предговор за делото, но тие одбиле да го сторат тоа под изговор дека немаат време. Министерството за култура не даде пари за ова дело, а издавачот тврдеше дека ја издал од пазарни, а не од идеолошки замисли.
Постојат многу светски примери кои некогаш, кога се создавале, биле непријателски настроени и биле забранувани, но нивната вредност со текот на времето била обелоденета и некои од нив се изучуваат и во нашите образовни процеси. Еве примери на книги што некогаш биле забранети, а денес се лектири или се популарни кај нас:
„Алиса во Земјата на чудата“ од Луис Керол (лектира во основно)
Книгата на Чарлс Додсен, познат по псевдонимот Луис Керол, првпат била забранета во Њу Хемшир во 1900 години, 35 години по објавувањето. Причината била дека романот „поттикнувал сексуална фантазија и мастурбација“. Притоа не се наведува кој дел од приказната води до таков заклучок, ами се повикува на сексуалноста на самиот автор, оти постоеле шпекулации дека сакал деца и дека омилени „музи“ му биле децата. Тоа никогаш не било докажано, пишува српски... Во Кина била забранета во 1931 година зашто генералот Хо Чиен одлучил дека е опасно што „животните зборуваат како луѓето“. Последна цензура се случила во САД во 60-тите години кога била критикувана дека наводно зборува за дрога – гасеница која пуши наргиле (или нешто друго), Алиса јаде „магични печурки“.
„Декамерон“, Џовани Бокачо (лектира за прва година гимназија)
Џовани Бокачо напишал сто новели во 14 век, а збирката ја нарекол „Декамерон“. Десет млади во обид да ја избегнат чумата се затвораат во летниковец во близина на Фиренца и таму ги раскажуваат приказните. Приказните се главно за љубов, а доколку ги читате како возрасни, може да се толкуваат и како прикриена сексуална алузија.
Во 600 година оваа книга неколку пати била забранета. Прво во Италија, од средината на 15 до почетокот на 16 век, сите примероци биле спалени. Подоцна била забранета и во САД; од 1923 до 1931 година. Во 20-тите години била забранета и во Австралија.
„Мајсторот и Маргарита“, Михаил Булгаков (се изучува на факултет)
По успехот на многубројни претстави, една отишла предалеку, барем според мислењето на советскиот режим. „Пурпурен остров“ (1929) предизвикала бурна реакција, претставата била веднаш забранета, а кариерата на нејзиниот автор била уништена. Исплашен од поголеми санкции, Булгаков ја спалил првата верзија на „Мајсторот и Маргарита“ и побарал да емигрира во Франција. Барањето му било одбиено со закана дека ако се обиде да ја напушти земјата, ќе биде убиен. Неговата жена Јелена Шиловска го охрабрила и покрај сѐ да го напише романот, кој го завршил во 1940 година, само неколку недели пред смртта. Таа дури по 25 години успеала да го објави романот, кој бил цензуриран. Кружеле илегални верзии, кои денес се читаат.
„Сатански стихови“ - Салмaн Ружди
Речиси не постои листа со забранети книги на која не се наоѓа овој наслов. Во денешно време ниедна друга книга не предизвикала такво внимание. Објавена е во 1988 година и го возбуди муслиманскиот свет, кој протолкувал дека со неа се навредуваат пророкот Мухамед и исламот. Иранскиот ајатолах лично издал фатва со која ги повика сите муслимани, ако имаат можност, да го убијат авторот. Поради опасностите од убиство, Ружди цела деценија беше под заштита на британската полиција. И преведувачи на книгата на јапонски и на турски јазик биле убиени во 90-тите години на минатиот век.