X
 10.02.2021 Здравје

Дали навистина треба да правиме по 10.000 чекори дневно?

Многу експерти за здравје советуваат да се прават 10.000 чекори дневно. Ова е тешко остварливо за оние што работат со полно работно време и имаат дополнителни обврски.

Како бил добиен овој број од 10.000 чекори?

Се претпоставува дека целта потекнува од педометар произведен од „Јамаса клок“ што се продавал во 1965 г. во Јапонија. Уредот бил наречен „Манпо-кеи“, што се преведува како „метар за 10.000 чекори“. Оттогаш ова е цел што се препорачува од експертите и е вклучена во паметни часовници и апликации за мобилни телефони.

Доколку некој сака да ја постигне оваа цел, би требало да пешачи околу два часа или од 6,5 до 8 километри дневно.

Што велат истражувањата?

Постојат истражувања што покажале дека оваа цел го подобрува здравјето на срцето и менталното здравје и го намалува ризикот за заболување од дијабетес. Од друга страна, ново истражување од „Харвард“ покажало дека околу 4.400 чекори дневно се доволни за подобрување на здравјето кај жените. Било забележано дека ризикот од рана смрт се намалувал како што се зголемувале чекорите, но сè до 7.500 чекори. Не биле забележани дополнителни придобивки од пешачењето повеќе од оваа граница.

Светската здравствена организација препорачува најмалку 150 минути физичка активност со умерен интензитет неделно или 75 минути со голем интензитет.

Освен тоа, неодамнешно истражување од Универзитетот на Тексас покажало дека телото побавно ги преработува маснотиите кога се пешачи помалку од 5.000 чекори дневно. Физичката активност го намалува и ризикот за хронични болести, како деменција и одредени ракови, а може и да го подобри имунолошкиот систем.

Но, со оглед на истражувањата, се чини дека не мора да правиме 10.000 чекори дневно за да ги имаме сите здравствени придобивки.

Автор: Линдзи Ботомс
Извор: weforum.org
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје