X
 01.06.2021 Живот

Британија вакцинира 60 отсто од населението, а бројот на заразени повторно расте. Што се случува?

Во Британија бројот на заразени со коронавирусот повторно се зголеми во последните неколку недели, и покрај фактот што речиси 60 отсто од населението ја примиле првата доза на вакцината досега.

Треба да се напомене дека ова е мало зголемување, но експертите предупредуваат дека овие бројки можат да бидат показател за доаѓањето на третиот бран.

Имено, во Обединетото Кралство, од крајот на април до средината на мај, се регистрирани 1.600 до 2.600 случаи на инфекции дневно, а во последните две недели тие бројки скокнаа на повеќе од 4.000. Ова е неспоредливо со врвот од вториот бран во јануари кога имаше повеќе од 60.000 новоинфицирани дневно. Сепак, се работи за двојно зголемување на инфекциите, што ги загрижи експертите.

И покрај напредокот на програмата за вакцинација, здравствените советници сè уште не знаат дали ова мало зголемување на инфекциите ќе резултира со посериозни бројки и, следствено, зголемен број хоспитализации и смртни случаи.

Планот за олабавување на мерките под знак прашалник?


Според истражување спроведено од англиското јавно здравје, сојот на коронавирусот што првпат се појави во Индија (Б.1.617.2) се шири побрзо од оригиналната верзија и е до одреден степен отпорен на вакцините. Со оглед на зголемениот број заразени и големиот процент на индискиот сој, планот на владата за понатамошно олеснување на мерките во Англија, кој треба да стапи во сила на 21 јуни, е под знак прашалник.

Министерот за вакцини Надим Захави на гостувањето во емисија на Би-би-си изјави дека не може да ја исклучи можноста за забрана на некои мерки засега, додавајќи дека официјалното соопштение ќе биде објавено на 14 јуни.

- Треба да ги разгледаме сите податоци. Би било сосема погрешно сега да предвидувам. Во моментов немаме доволно податоци. Постојат некои делови од земјата каде што Б.1.617.2 буквално не постои и сè е прилично стабилно; додека во другите овој сој го зазема местото на варијантата Б.1.1 .7 - рече Захави.



„Се чини како Британија да е на почетокот на третиот бран“


Д-р Мартин Меки од Школата за хигиена и тропска медицина на Универзитетот во Лондон верува дека започнал третиот бран во Велика Британија.

- Веќе можеме да видиме дека во некои делови на земјата сегашните мерки не се доволни за да се запре зголемувањето на бројот на случаи. Ова изгледа како да сме на почетокот на третиот бран. Поради овие нови бројки, треба да направиме повторна процена за натамошното олеснување на мерките - изјави Меки.

Д-р Пол Хантер од Универзитетот во Источна Англија се согласува дека ширењето на индискиот сој во Велика Британија укажува на рани знаци на трет бран, како и д-р Рави Гупта од Универзитетот во Кембриџ, кој исто така предупредува на можноста за нов бран.

- Ако работите почнат да се развиваат онака како што мислам дека би можеле, трет бран веројатно ќе има. Ќе биде голем бран на инфекции, при што ќе има смртни случаи и тешки заболувања - рече Гупта, додавајќи дека укинувањето на мерките во Англија треба да се одложи до летните одмори, кога е намалена можноста за ширење на вирусот во образовните институции.

50 отсто позаразен од британскиот сој?

Според податоците од научната публикација „Аур ворлд ин дата“, во Велика Британија најмалку 57,5 отсто од населението ја примиле првата доза на вакцината до 28 мај, додека најмалку 36,7 отсто ги примиле двете дози. „Волстрит журнал“ наведува дека до 29 мај дури 74 отсто од граѓаните во Велика Британија ја примиле првата доза, а 47 отсто и двете дози.

Но, и покрај големиот број вакцинирани, бројот на инфекции повторно почна да расте. Експертите сметаат дека причината за ова е комбинацијата на попуштање на мерките поради наглото опаѓање на бројот на заразени и големиот број вакцинирани и истовременото појавување на позаразен вид на коронавирус кој е донекаде отпорен на вакцините.

Имено, според последните податоци, дури 38,5 отсто од новите инфекции во Велика Британија припаѓаат на видот Б.1.617.2.

Научниците сè уште не знаат точно колку е позаразен индискиот сој од претходните верзии на вирусот, а целосната вакцинација (со обете дози) во голема мера треба да заштити од индискиот вид. Но, Б.1.617.2 сè уште ги загрижува експертите од две причини. Прво, овој вид може да биде дури 50 отсто позаразен од британскиот, и второ - една доза на вакцината заштитува значително помалку од индиската отколку од британската верзија.

vakcina
Фото: Freepik
Дали вакцините нè штитат од индискиот сој?

Според англиското јавно здравје, единечна доза на вакцина во случај на британскиот сој е 50 отсто ефикасна во спречување на симптоматска болест, а во случај на индиска само 33 отсто. По добивањето на втората доза, ефективноста на вакцината се зголемува во просек до 81 отсто.

Според истражувањето „Ефективност на ковид-вакцините против варијантата B.1.617.2“ објавено пред една недела во базата на податоци „Медрексив“, првите дози вакцини на „Фајзер“ и на „Астра зенека“ штитат 33,5 отсто во случај на индискиот сој и 51,1 отсто во случај на британскиот сој.

Разликата во ефикасноста на вакцините е особено забележлива по втората доза. Вакцината „Фајзер“ штити 87,9 отсто од симптоматската инфекција со индискиот сој и 93,4 отсто со британскиот. Две дози на „Астра зенека“ штитат 59 отсто.

Извор: The Guardian | Index.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот