X
 01.07.2026 Живот

Шведско чистење пред смртта - тренд кој звучи морбидно, но всушност го олеснува животот

Не станува збор за некаква морбидна опсесија со смртта, туку за многу практична идеја - да се ослободиме од работите што веќе не ни требаат додека сè уште можеме самите да одлучиме што ни е важно, а што ќе остане само како товар за оние што доаѓаат по нас.

Станува збор за тренд што се нарекува шведско чистење пред смрт, односно döstädning. Тоа е кованица од шведските зборови dö - смрт и städning - чистење.

Идејата е едноставна: кога ќе дојдеме во позрели години, или и порано ако така сакаме, би требало да почнеме да го отстрануваме сето она што со години сме го натрупувале, а повеќе не ни треба. Не за да живееме во празен простор, туку за да си го олесниме секојдневието, а на своите најблиски еден ден да им заштедиме време.

Авторката на книгата „Нежната уметност на шведското чистење пред смрт“, Маргарета Магнусон, објаснува дека ова не е обично бришење прашина или рибање подови, туку траен облик на организација кој го прави животот поедноставен.

- Отворете ги вашите плакари и почнете да ги вадите работите што не ви требаат. Што мислите, кој ќе се занимава со тоа кога вас ќе ве нема? - порачува Магнусон.

Иако името е чудно, суштината е животна. Помалку неред значи помалку секојдневна иритација, помалку изгубено време и повеќе простор за она што навистина ни значи. Магнусон вели дека животот станува попријатен кога ќе се ослободиме од вишокот бидејќи нередот е непотребен извор на нервоза.

Психолозите и социолозите главно се согласуваат дека ваквото расчистување може да донесе вистински придобивки. Животот во поуреден простор може да го намали чувството на стрес и преоптовареност. Кога околу нас има помалку хаос, полесно е да се почувствува помалку хаос и нас. Истражувањата покажаа дека нередот во домот може да биде поврзан со повисоко ниво на стрес, полошо расположение и послаба концентрација.

Тука е и психолошкиот ефект на минимализмот - среќата не доаѓа од куп предмети, туку од односите, искуствата и нештата што имаат вистинска вредност. Кога ќе го отстраниме вишокот, полесно препознаваме што ни е навистина важно.

Но, шведското чистење пред смрт има и друга, посуптилна димензија. Тоа нè соочува со фактот дека ништо не трае вечно, ниту пак ние. 

Наместо да не зборуваме за смртта, овој процес може да биде начин таа тема да се отвори помирно, попрактично и без паника.

Тоа не значи дека треба да се фрлат сите спомени. Напротив, поминувањето низ старите предмети може да биде емотивен и вреден процес. Некои работи нè потсетуваат на луѓе, односи, патувања, љубов и делови од животот кои не сакаме да ги заборавиме. Но, токму затоа има смисла да се направи разлика меѓу она што го чува споменот и она што само зафаќа простор.

Се разбира, ваквиот пристап не е за секого. Некои луѓе сакаат ред и се чувствуваат подобро кога имаат контрола врз просторот. Други воопшто не го доживуваат нередот како проблем.

Ако сакате да го пробате шведското чистење пред смрт, не мора да почнете драматично. Доволно е да отворите една фиока, една полица, една кутија. Прашајте се дали го користите предметот, дали го сакате или некој друг би имал поголема корист од него.

Можеби ќе откриете дека можете да живеете со помалку работи отколку што мислите. А можеби, со помалку предмети околу себе, ќе имате повеќе простор за она што не може да се спакува во кутии - луѓето, времето, мирот и сопствениот живот.

Извор: 6yka.com
Фото: Screenshot/YouTube

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот