X
 01.08.2022 Наша тема

Седум матуранти растурија во математика на државната матура

Оваа година седум ученици од нашата земја се истакнаа на државната матура по предметот математика со нивните одлични оценки и перцентилен ранг од 99, 97, покажуваат статистиките на Државниот испитен центар.

Станува збор за матурантите: Сања Василова од „Добри Даскалов“ во Кавадарци, Бојан Димовски од „Коле Неделковски“ во Велес, Снежана Колева од „Јахја Кемал“ во Скопје, , Ребека Манева од „Коле Неделковски“ во Велес, Драгана Петрова од „Раде Јовчевски-Корчагин“ во Скопје, Алек Крстев од „Орце Николов“ во Скопје и Ангела Ристовска од „Јосип Броз Тито“ во Битола.

Според Сања, клучно за нејзиниот успех е следењето на инстинктот, љубовта кон математиката, желбата и задоволството.

Матурантката Сања Василова од Кавадарци смета дека за успех во математиката, покрај трудот, е потребен и талент.

- За да запловиш во водите на математиката, освен труд, потребен е и талент, кој се поседува од мали нозе. Сите сакаме да го искористиме талентот што го поседуваме и да се избориме за посакуваната позиција во општеството бидејќи ќе се најдам на патот кој ќе зависи само од мене и јас ќе бидам креаторот на мојата иднина - вели таа.

Вели дека самостојно се подготвувала за испитот по математика и дека доволно се подготвувала во текот на четирите години и немала потреба од приватни часови. Таа се двоуми помеѓу Природно-математичкиот факултет, насока математички студии во Скопје, и ФИНКИ, иако смета дека за неа е пресудна љубовта кон математиката.


Сања Василова

Факултетот ФЕИТ беше мој избор уште од мали нозе, вели Бојан Димовски

Спремајќи го испитот по математика, матурантот Бојан Димовски од Велес се трудел да ја избегне сета паника бидејќи смета дека таа е причинител за неуспех, поради што правел рамнотежа меѓу учењето и излегувањето и социјалниот живот генерално.

Повторувањето на материјалот за испитот го почнал во второ полугодие, без приватни часови.

- При првите неколку подготовки во јануари и февруари сфатив дека околу 90 отсто од материјалот ми се свежи и дека немам потреба од толку интензивни подготовки. За испитите се подготвував сам, а понекогаш организиравме и некои неформални групни подготовки со другарите.

Тој планира додипломски студии да заврши во Скопје на Факултетот за електротехника и информациски технологии зашто уште од мал му се допаѓала таа сфера.


Бојан Димовски

Континуитетот во учењето е клучен за успехот – вели Снежана Колева

Матурантката Снежана Колева од „Јахја Кемал“ вели дека за нејзиниот успех на државната матура се заслужни нејзината упорност, трпението, посветеноста и континуираното учење. Според неа, добрата организација на времето посветено на учење придонела да не го скрати социјалниот живот.

- Во животот треба да сме подготвени во некој временски период да жртвуваме дел од задоволствата заради остварување повисоки долгорочни цели и континуиран напредок.

Таа ги подготвувала испитите околу 6 месеци, а последните 2 месеца малку поинтензивно. Исто така, Снежана сама се спремала за испитите, но голема улога имале и нејзините професори од училиштето кои им посветувале доволно внимание на наменски дополнителните часови за подготовките на матурата кои им биле од голема корист.

Колева сака да студира бизнис и информатика, па планира своето високо образование да го започне во Македонија на ФИНКИ - одделот за примена на информциски технологии, а постдипломските студии на некој универзитет во Европа.


Снежана Колева

„Седнуваш со цел да научиш и не стануваш додека не си сигурен дека е совладан материјалот“ е мотото по кое се водела Ребека Манева од Велес

Ребека Манева од велешката гимназија „Коле Неделковски“ како елементи за успех ги издвојува дисциплината и посветеноста. Таа успеала да направи рамнотежа помеѓу ученичкиот и социјалниот живот, поминувајќи го времето во учење заедно со нејзините пријатели.

Одвоила по една недела за подготовки за секој од екстерните предмети, иако неколку месеци претходно присуствувала на бесплатните подготовки организирани од универзитетот АУЕ – ФОН.

- Се снабдив со материјал кој требаше да го поминам во тој период и рамномерно го распределив низ деновите што ги имав на располагање. Се подготвував сама, со морална поддршка од пријателите. Неколку месеци пред испитите присуствував на бесплатните часови одржани од професори од универзитетот АУЕ - ФОН, поточно на часовите со професорката Катерина Аневска на која сум ѝ многу благодарна бидејќи објаснувањата беа јасни и навистина корисни во развивање на логиката.

Ребека планира високото образовани да го почне на ФИНКИ, а желбата за овој факултет се јавила уште кога се запишала во средното стручно училиште „Коле Неделковски“, каде што многу се заинтересирала за програмирањето.


Ребека Манева

Драгана Петрова ќе студира на ФИНКИ бидејќи програмирањето ѝ е предизвик и страст

За Драгана Петрова, континуитетот и посветеноста се најважните чекори за успех. За неа, од клучно значење биле подготовките организирани во нејзината гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“.

- Подготвувањето за матурските испити се сведува на моето четиригодишното средно образование кое одигра голема улога во знаењето потребно за постигнување одлични резултати на испитот. Со интензивна подготовка започнав еден месец пред полагањето на испитот, поминувајќи по неколку часа дневно во решавање задачи. Сепак, за моето богато познавање на математиката е заслужна мојата професорка Кристина Гелмановска, која неуморно одржување дополнителни часови и се трудеше максимално да одговори на секоја нејасна задача.

Драгана ќе го продолжи образованието на ФИНКИ зашто смета дека технологијата е иднината на човештвото, па сака да биде дел од новите софтверски проекти со кои би им се олеснил животот на луѓето.


Драгана Петрова


Успешен човек е тој што може добро да го организира своето време, вели Алек Крстев

Алек Крстев од „Орце Николов“ открива дека нема некоја тајна за успехот, но дека со упорност сѐ се постигнува. Тој смета дека социјалниот живот не смее да страда за сметка на академскиот и обратно.

- За матурата се подготвував неколку недели на приватни часови со професорот Тони Стојмановски и дополнителни часови со професорката од училиште. Исто така, многу ми помогнаа и прирачниците и искуствата од матурантите кои пред мене полагале матурски испит по математика.

Тој планира да се запише на ФИНКИ бидејќи програмата што ја нуди факултетот е спој на областите кои најмногу го интересираат - математика и информатика.


Алек Крстев

Ангела Ристовска ќе оди на Архитектонскиот факултет во Љубљана

Ангела Ристовска од „Јосип Броз Тито“ - Битола вели дека редовното учење е клучно за нејзиниот успех, иако тоа звучи како типичен родителски совет. Дополнително, фаќањето белешки ѝ било олеснителна околност пред полагањето на ваквите испити, а целата подготовка траела околу еден месец. Во однос на социјалниот живот, учењето немало негативно влијание врз него.

Архитектурата отсекогаш ѝ била пасија, па планира своето образование да го продолжи на љубљанскиот факултет за архитектура.

- Полето за кое сум заинтересирана уште од почетокот на средното образование е архитектура, па се надевам дека од октомври ќе станам студент на Архитектонскиот факултет во Љубљана. Словенија е преубава земја која изобилува со можности за младите. Приемниот испит, кој беше на почетокот на јули, ми даде шанса да ја доживеам Љубљана и нејзиниот одлично организиран образовен систем. Запознавањето студенти и професори ми ја зацврсти мојата одлука дека тоа место би било идеално за мене. Дополнително, тука е и фактот што образованието е квалитетно и за нас Македонците е бесплатно.


Ангела Ристовска

Фото: приватна архива
Подготвил: Јована Трајковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема