Научниците од Универзитетот „Корнел“ во Њујорк неодамна спроведоа истражување во САД, чии резултати се доста интересни и даваат сосема нова перспектива и потенцијален лек за проблемите со хроничното воспаление.
Секако, доколку имате здравствени проблеми, јасно е дека првото нешто што секогаш треба да направите е да се јавите кај вашиот лекар за да ја примите терапијата, но секако не треба да ги игнорирате ниту резултатите од ова истражување.
Истражувањето е спроведено на повеќе од 1.200 луѓе од двата пола на возраст меѓу 34 и 84 години, а било фокусирано на влијанието на секојдневните прошетки во парковите врз здравјето на луѓето, поточно, на хроничните воспаленија. Резултатите од истражувањето покажаа дека постои поврзаност помеѓу времето поминато во природа и шетањето во паркови и пониските нивоа на хронично воспаление. Ваквите резултати се доста ветувачки, а јасно е дека научниците ќе продолжат со понатамошни истражувања бидејќи еден ден би можеле да покажат дека за подобра општа здравствена состојба на населението, од големо значење ќе биде да им се овозможи на луѓето пристап не само до болниците и клиниките, туки и до парковите и природата.
Интересно е што конкретната причина зошто природата и прошетките во паркот позитивно влијаат врз нашето здравје не се познати. Според една теорија, причината би можеле да бидат микробиомите што растенијата и почвата ги ослободуваат, кои реагираат со бактериите во човечкиот стомак и на тој начин го штитат човечкото тело од воспаленија поврзани со многу хронични болести, вклучувајќи рак и срцеви заболувања, додека друга теорија е многу поедноставна. Имено, шетањето во природа го намалува стресот, кој често се гледа како еден од главните предизвикувачи на воспаление.
Врз основа на добиените резултати, во истражувањето се нагласува дека за поединци, како прв третман за воспаление, лекарите би можеле да препишат дневни прошетки во паркот, наместо лекови кои можат да бидат скапи и можат да имаат несакани ефекти.
Како што покажаа бројни истражувања, можеме да дејствуваме проактивно и против болестите, пред сѐ внимавајќи што јадеме, но и со физички активности и вежбање, а секако би било корисно во нашето секојдневие да ги вклучиме прошетките во паркот и природата.
Извор:
Zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik