X
 01.11.2019 Култура

Новинарство со виртуелна реалност во фокусот на вториот ден на Истражувачкиот филмски фестивал

Технологијата може да се искористи за правење добро. Новинарството исто така може да помогне добри работи да му се случуваат на светот, со помош на технологијата да се обликува подобро општество за сите. Секако, преку квалитетно раскажани приказни кои ќе допрат до поширока публика. Ова се само дел од искуствата што со публиката на Истражувачкиот филмски фестивал - Скопје ги споделија новинарката Ана Јакимовска, доктор на науки од областа на вештачка интелгиенција, која има работено во престижни британски медиуми (Гардијан, Скај њуз, Би-би-си и Ченел 4), и Марија Фернанда Лаурет од „Контраст“, која работи ви-ар новинарство, синоќа на отворањето во „Кино Култура“.


Кристина Озимец, главен координатор на ИФФС

И двете на публиката ѝ презентираа што работат и како може со новите технологии новинарството  да ја преживее ерата на социјалните медиуми.

- Уште додека студирав беше јасно дека дигиталната ера ќе ја наруши секоја сфера од општеството, од финансиите, здравствениот систем до медиумите. Па кога помислив во кој дел може јас да дадам најголем придонес, секако, дека тоа беа медиумите. Ова е и многу возбудливо време за работа со медиуми затоа што алатките се лесни за користење, а досегот до публиката е побрз и поопсежен од кога било претходно, на пример, на телевизијата ѝ беа потребни 68 години за да дојде до 50 милиони гледачи, а оваа бројка корисници на „Твитер“ ја достигна за само две години - рече Јакимовска на дискусијата.

Taa додаде дека новинарството може апсолутно да преживее во оваа ера, но само вака:
- Апсолутно може да преживееме во оваа ера, но новинарите мора да бидат подобри од интернетот. Тоа е голем предизвик, но тие мора да останат доследни на овој предизвик. Интернетот е злобен, ни ја уништува работата - со ваква мисла не може да победиме во играта. Тие мора да ѝ докажат на публиката што ги гледа дека знаат за што зборуваат, ги разбираат нештата и дека може да работат во синергија со технологијата - рече Јакимовска.



Фернанда Лаурет објасни што значи ви-ар новинарството.
- Виртуелната реалност има навистина друг тек на работа. Многу сме зависни од технологијата. Работата вклучува многу етички прашања, мора да сме многу внимателни кога снимаме и на луѓето од околината јасно да им се уочи дека се снима со 360 камера бидејќи таа практично го снима целиот простор, нема рамка. Работиме на многу важни теми, на пример, проблемите на бегалците. Виртуелната реалност овозможува да го почувствувате просторот, па гледајќи ги бегалските кампови, на пример, ја доживувате таа клаустрофобија. Едноставно со помош на виртуелната реалност ги носиме гледачите во животите на луѓето кои се дел од важни општествени теми - рече Лаурет.
Фестивалот го отворија Кристина Озимец, главен координатор на ИФФС, и Милан Живковиќ од „Фридрих Еберт Скопје“, кои се партнери на фестивалот.
„Студентски и младински новинарски иницијативи – потенцијалот на неформалното новинарско образование“ е темата за која денеска се дискутира во „Кино Култура“ во Скопје, на вториот фестивалски ден. На дебатата учествуваа: Емилија Петреска, Сефер Селими, Ангела Петровска, Милена Атанасоска-Манасиева, а ќе ја модерира Даниел Евросимоски.

Потоа следуваат дури три работилници. Во 12:30 часот ја имаме работилницата „Новинарство со виртуелна реалност за заштита на правата на бегалците“. Марија Фернанда Лаурет ќе претстави дел од иновативните начини на известувања кои „Контраст“ ги прави за правата на бегалците и човековите права. Со помош на ви-ар опремата присутните ќе имаат можност да погледнат снимки со виртуелна реалност. Работилницата со Марија Фернанда Лаурет е поддржана од Претставништвото на УНХЦР во Скопје.

Во 13:30 часот на работилницата „Немам што да кријам“, Кирилс Соловјовс, ловец на багови, активист за креирање ИТ-политики и најистакнатиот етички хакер во Латвија, ќе открие каква цена плаќа општеството кога луѓето сметаат дека нема што да кријат. Интересна за публиката ќе биде и работилницата во 16:30 часот - „Инстаграм за новинари“. Со примерот на наградуваниот инстаграм-канал @maedelsabende, Верена Ламерт ќе покаже како новинарите да дојдат до публиката на оваа платформа.



Во 17 часот е проекцијата на филмот „Мрачно место“, а следува дискусијата за програмата за жени-новинари, можности за промени во медиумската сфера. Верена Ламерт, уредничка во германската радио-телевизија WDR, ќе го сподели искуството за комуникација со помладата публиката на теми од феминизмот. Таа ќе им се придружи на учесничките во Програмата за жени-новинари на ПИНА, чија работа ќе биде прикажана во рамките на дискусијата. Оваа програма за жени-новинари на ПИНА е дел од проектот „Жени новинари за посилно граѓанско општество“ поддржан од Цивика Мобилитас.
Во дискусијата ќе учествуваат: Вања Мицевска, Џемилиана Абдулова, Верена Ламерт, Кристина Озимец, а ќе ја води Ивана Митровска.
Во 19 часот е закажана дебата на тема „Владината борба против дезинформации – можност за цензура, неопходен чекор или само план на хартија?“ Гости на дебатата ќе бидат: Џелал Незири, Назим Рашиди, Жанета Трајкоска, Александар Србиновски, Зоран Бојаровски, а ќе ја модерира Васко Маглешов.
Во 20:30 часот е проекцијата на филмот „Времето на децентрализиран интернет доаѓа“, а со документарецот „Чистачите“ во 20:45 часот ќе заврши вториот фестивалски ден.



Платформата за истражувачко новинарство и анализи - ПИНА заедно со партнерите ФЕС – Скопје од 31 октомври до 2 ноември годинава во „Кино Култура“ по третпат го организира Истражувачкиот филмски фестивал - Скопје, неколкудневен настан посветен на новинарството и медиумите. Фестивалот е од интернационален карактер и дел од настаните се на англиски јазик. Влезот за сите настани е бесплатен.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура