Со интерактивната содржина на третиот ИФФС првпат на фестивалот на посетителите им се нуди увид во виртуелната реалност и најактуелните иновативни техники во новинарството во светот
Меѓу иновативните можности и можните нарушувања на приватноста стојат медиумите, растргнати меѓу потрагата по вистина и притисокот да испорачаат што повеќе кликови.
Со интерактивната содржина на третиот ИФФС првпат на фестивалот на посетителите им се нуди увид во виртуелната реалност. Во холот на „Кино Култура“ со помош на VR очила фестивалските гости ќе имаат можност одблизу да ги доживеат документарните приказни на иновативното студио Контраст од дигиталниот оддел на „Ал Џезира“. Овој дел од програмата на фестивалот е поддржан од УНХЦР Скопје.
Преку интерактивниот краток филм „Крадејќи ти ги чувствата“ секој ќе може да открие како апликациите, користејќи вештачка интелигенција, ги читаат емоциите од неговото лице. И овој сегмент, како и другите фестивалски содржини, е бесплатен и отворен за сите посетители.
Третото издание на ИФФС ќе го отвори новинарката Ана Зафирова со панел-дискусија посветена на борбата за опстанок и интегритет на новинарството во светот на социјалните медиуми, по што ќе биде прикажан „Големиот упад“ („Тhe Great Hack“), документарен филм за скандалот со Кембриџ аналитика и злоупотребата на личните податоци на фејсбук-корисниците.
За предизвиците со кои се соочуваат медиумите денес, како и насоките во кои може да се исползуваат иновативните алатки, Зафирова ќе разговара со Марија Фернанда Лаурет од Контраст и Ана Јакимовска, докторка на науки од областа на вештачка интелигенција, која има работено во престижни британски медиуми како Guardian, Sky News, BBC и Channel 4.
Покрај презентацијата за покривање актуелни социјални проблеми преку документарци со виртуелна реалност, на
ИФФС ќе се зборува и за новите дистрибутивни модели преку video on demand платформите, за користење блокчејн-технологија во онлајн-медиумите, за правото на приватност и заштита на податоци на интернет, за иницијативите за неформално новинарско образование за млади новинари, како и за прекугранични соработки на новинари од земјава и соседна Грција.
- Богатата фестивалска програма не ги заобиколува ниту актуелните домашни теми, па на ИФФС ќе ги слушнеме ставовите и стравовите на искусни новинари врзани со предложениот акциски план на Владата за борба против дезинформации и лажни вести. Фестивалот повторно нуди широка палета на работилници и разговори за најновите трендови во медиумите и на социјалните мрежи. Со гостинката од Германија, уредничката Верена Ламерт, ќе разговараме како успешно да се користи „Инстаграм“ за пласирање на горливите прашања кои ја засегаат помладата публика – велат од ИФФС.
Организаторот на ИФФС,
Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, неодамна започна две нови програми – Програма за жени новинарки и Програма за мобилно новинарство, кои ќе се презентираат на дискусиите.
Филмската програма на ИФФС опфаќа документарци за децентрализиран интернет („The Decentralized Web is coming“), модерирање на содржините што се шират по социјалните медиуми („The Cleaners“), онлајн-закани кон новинарки („A Dark Place“), за ширењето на десничарска пропаганда во Европа („How Steve Bannon's far-right 'Movement' stalled in Europe“) и за иновативниот истражувачки колектив Белингкет („Bellingcat - Truth in a Post-Truth World“).
Годинава ИФФС првпат ќе прикаже и игран филм, драмата „Официјални тајни“, заснована на вистински случувања. Филмот каде што Кира Најтли ја игра Кетрин Ган, која споделувајќи тајни документи се обидела да ја спречи американската инвазија врз Ирак, ќе се прикаже во МКЦ како дополнителна програма на третото издание на Истражувачкиот филмски фестивал - Скопје.
Истражувачкиот филмски фестивал - Скопје, кој е медиумски настан посветен на истражувачкото новинарство и други медиумски теми и трендови, се одржува по трет пат во организација на партнерите Платформа за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА и ФЕС Скопје, а годинава поддржувач е и УНХЦР – Скопје.
Првата година фестивалот беше посветен на „свиркачите“, додека лани главната тема беше посветена на потрагата по вистината и справувањето со дезинформациите.
Влезот за сите настани е бесплатен.