Неговиот филм „Дафне: Егзекуцијата“ ќе биде прикажан утревечер во 20:45 часот во „Кино Култура“, а тој ќе биде и еден од новинарите што ќе дебатираат на тема „Безбедноста на новинарите во Европа: Кој го штити новинарството“
Тој е еден од сценаристите на телевизиската крими-серија „Субура“, првата италијанска серија некогаш прикажана на „Нетфликс“. Карло Бонини, новинар на „Ла Република“ и сценарист, гостува на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје што го организира Платформата за истражувачко новинарство – ПИНА и ќе се одржува од денеска до 27 октомври.
Филмот снимен според негово сценарио
„Дафне: Егзекуцијата“ ќе биде прикажан утревечер (26 октомври) во 20:45 часот во „Кино Култура“, а Бонини ќе биде еден од говорниците на дебатата на тема „Безбедноста на новинарите во Европа: Кој го штити новинарството“, што ќе се одржи на 27 октомври, сабота, во 12:30 часот во „Кино Култура“.
Со Бонини разговараме за истражувачкото новинарство во Италија, но и за тоа кои вредности еден новинар не смее никогаш да ги заборави во својата работа.
Охрабрува ли фактот дека мала земја како Македонија одлучила да организира фестивал кој става акцент на истражувачкото новинарство?
- Апсолутно. Сметам дека истражувачкото новинарство е императив за здрава демократија. Затоа, каде и да се дискутира за истражувачкото новинарство или е тема од јавен интерес, тоа е добра вест за демократијата.
Колку е важно истражувачкото новинарство денес? Што Ве насочи да работите на ова поле?
- Информирано јавно мислење е императив за слободно и свесно општество и истражувачкото новинарство е основната алатка за јавното мислење да биде такво. Новинарството беше мојата прва љубов. Бев во средно училиште кога почнав да издавам ученички неделник. Многу одамна, за несреќа... Оттогаш, известувам. И сѐ уште кога се будам наутро, не можам да помислам на друго нешто што би можел или би го правел. Постои една стара шега која вели - да се биде новинар е подобро отколку да се работи. Би рекол дека новинарството и истражувачкото новинарство се демократски придонеси на дневна основа за подобро и попристојно и слободно општество.
Отворена ли е Италија за истражувачките новинари? Дали институциите се доволно транспарентни за да одговорат на Вашите прашања?
- Италија е отворено општество и сѐ уште држава каде што може да се работи добро новинарство. За жал, сѐ уште е држава каде што одговорноста на јавните сили не ѝ е силна вредност и „политичката“ неказнивост сѐ уште е честа појава. Тоа не е добро за новинарството затоа што новинарството е начин да се покажат јавните и приватните моќници и да се направат одговорни.
Институциите се прилично транспарентни, но сѐ уште многу далеку од стандардот на земја како што се САД.
Кажете ни повеќе за снимањето на „Дафне: Егзекуцијата“. Беше ли тешко да се сними филмот, имајќи предвид дека работевте еден многу важен случај?
- Снимањето на филмот беше инспиративно искуство, и од професионален и од човечки аспект. Напорот и предизвикот да се работи на убиството на колешка, знаејќи дека истражувачите на нејзината егзекуција беа сокриени зад темните интереси што таа ги откри со нејзината истражувачка работа. Истовремено беше истрага на убиство и истрага за врвното достигнување на новинарството на Дафне.
Карло Бонини
Што би ги советувале студентите по новинарство од Македонија? Кои се најважните постулати и вредности според кои треба да се градат како идни новинари?
- Секогаш кога помлади колеги или студенти на новинарство ме прашуваат што треба за да станат новинари во вистинска смисла на зборот, мојот одговор е да се развиваат неколку едноставни принципи:
*Не заборавајте дека тоа што вашето новинарство го открива или прикажува не постои за да го нагласи вашето его, туку всушност да се превенира - тоа што се случило, да не се случи повторно. Новинарството ѝ служи на вашата заедница.
*Секогаш хранете го сомнежот. Не давајте ништо за џабе. Никогаш. Особено ако тоа звучи како потврда на вашето верување и убедување. Новинарството е составено од „прашања“, „прашања“ и „прашања“ повторно, што им ги поставуваме на луѓето што ги истражуваме и сами на себе.
*Избегнувајте секаков вид конфликт на интереси за да останете слободни и никогаш не заборавајте дека пристапот што го имаат новинарите е алатка за да се копа до приказните, а не начин да ве заведат јавните и приватните моќи или интереси.
*Читајте, читајте и повторно читајте. Со цел да научите новинарство, мора да го „крадете“ новинарството од оној што се докажал дека е најдобар.
Имате успешна ТВ-серија според Ваша книга. Дали подготвувате нешто ново за публиката на „Нетфликс“ или можеби игран филм?
- Мојата книга за Дафне само што излезе во италијанските книжарници. В година „Нетфликс“ ќе ја прикажува втората сезона на „Субура“ и веќе почнувам да работам на третата сезона. Во меѓувреме, почнувам истражување за нова книга, но тоа сè уште е тајна.