Акад. проф. д-р Љупчо Кеверески од Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, на 23 октомври 2024 година, беше претставник во интернационалниот тим на предавачи (Македонија, Србија, Словенија...) во Истражувачката станица Петница (ИСП), во селото Петница, во близина на Ваљево, Србија.
Овој центар за развој на надареноста и талентираноста е најстарата и најрепрезентативна институција од тој вид на Балканот и пошироко, која е формирана во 1982 година.
Професорот Кеверески одржа работилница на тема: „Мотивациски стратегии за развој на надареноста и талентираноста“. Во работилницата беа вклучени 40 ученици од основни училишта во Србија. Целта на работилнициата беше да се претстават современите стратегии кои придонесуваат да се развие мотивацијата кај надарените и талентираните со осврт на нивната внатрешна мотивација.
Средбата со програмскиот директор на ИСП, проф. д-р Станислав Милошевиќ од Катедрата за астрономија при Математичкиот факултет на Универзитетот во Белград, беше искористена во насока на развој на концептот „Талентите на УКЛО, УКЛО и талентите“. Меѓу другото, беше ставен акцент на перспективите на едукацијата на надарените и талентираните во сите нивоа на едукација (основно, средно и универзитетско образование). Посетата отвора можност за циркулација на талентите од нашиот образовен простор со цел да ги развиваат своите потенцијали. Беше истакнато неговото задоволство за интензивирање на соработката со нашите образовни институции во насока на развој на надареноста и талентираноста кај учениците од разните институционални нивоа.
По процесот на селекција, учесниците имаат можност да ги направат првите чекори во науката во најсовремена опрема, со која ќе работат најдобрите млади научници од речиси сите институти и факултети во Србија. Извонредно опремените кабинети и лаборатории се мултифункционални и флексибилни и им овозможуваат на младите да искусат научно истражување за реални проблеми со помош на професионална научна опрема. Истражувачката станица Петница е место каде што заинтересирани средношколци, на кои редовниот образовен систем можеби не им е доволен и кои сакаат астрономија, физика, електротехника, компјутери, математика, биологија, хемија, геологија, медицина, социологија, антропологија, психологија, историја, лингвистика, археологија или графички дизајн се идните нејзини посетители. Целта на програмите кои се реализираат е да се идентификуваат мотивирани и заинтересирани средношколци кои не мора
да имаат најдобри оценки, но да сакаат наука.
Фотографии: приватна архива