По повод „ЕУ денот на талентите“ (25 март) на Педагошкиот факултет во Битола, денеска во 11 часот, ќе се организира научно-стручна дебата на тема „Надарените и талентираните во студентската популација“, со поднаслов „Одливот на мозоци – нова визуализација на реалноста“. Дебатата е во организација на словенечката амбасада во земјава, универзитетот од Ново Место, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола и Педагошкиот факултет - Битола.
- Целта е да се сензибилизира лаичката, посебно стручната јавност за неопходното подобрување на третманот на надарените и талентираните особено во високото образование бидејќи тоа е последната можност пред која може да се разговара и да се убедат дека и во сопствената земја можат да најдат причина за својот академски развој.
На средбата ќе учествуваат амбасадорот на Словенија, Милан Јазбец, градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, Сашо Коруновски, и деканката на Педагошкиот факултет, Валентина Гулевска. На средбата се поканети деканите и продеканите на високошколските институции на Универзитетот, како и други заинтересирани поединци кои ќе дебатираат за можностите и перспективите на надарените и талентираните во студентската популација.
Крајната цел на дебатата е да даде одговор на прашањата што, кој, кога, како треба да придонесе за развојот на надарените и талентираните со цел нивниот квалитет да биде цел на нашето образование што ќе донесе забрзан општествено, економски, научно-технички и друг просперитет.
- Ние сме предизвикани да ги предизвикаме сите оние што можат да дадат прилог на патот до целта наречена квалитет во образованието. Единствен компромис во потрагата по квалитетот на образованието на надарените и талентираните е тоа што не постои компромис - вели професорот Љупчо Кеверески од Педагошкиот факултет, кој ќе биде модератор на настанот.