Стотици Австралијци побегнаа во центрите за евакуација бидејќи пожарот во предградието на Перт продолжи да се шири и да претставува закана за заедниците.
Во пожарот, најголем со кој се соочил градот досега, изгореа 9.000 хектари, уништувајќи 71 дом. Шест пожарникари се здобиле со повреди обидувајќи се да го изгаснат пожарот. Противпожарните служби очекуваат дополнителни предизвици. Тие ги повикуваат заедниците во близина на пожарот да се подготват за заминување или да се засолнат.
Главниот град на Западна Австралија е среде заклучување поради коронавирусот. Државните власти ги повикаа луѓето да ѝ дадат приоритет на нивната безбедност, пред ризикот од вирусот кој се смета за многу мал. Перт беше заклучен цели пет дена поради само еден заразен во градот.
- Ако сте во карантин и од вас се бара да се евакуирате, тогаш ќе се евакуирате - изјави комесарот за пожари Дарен Клем.
Официјалните лица ги повикаа луѓето да носат маски и да се самоизолираат онаму каде што е можно во центрите за евакуација.
Пожарот во Вурлоу, кој почна во понеделникот, има периметар од 100 километри и гори околу 30 километри источно од центарот на Перт. Силните ветрови во вторникот предизвикаа негово брзо ширење и направија пожарникарите да не можат го изгаснат.
Се проценува дека ветровите ќе дуваат со 75 километри на час денеска, потенцијално носејќи го пожарот кон нови населени места. Издадени се предупредувања за евакуација за заедниците северно и североисточно од Перт.
Во вторникот Перт беше задушен од чад што го претвори небото во портокалова боја, а на моменти паѓаше пепел над домовите. Беше проценето дека делови од градот имаат најлош квалитет на воздухот. Официјалните лица издадоа предупредувања за јавно здравје со кое ги повикаа луѓето да останат внатре и да избегнуваат да дишат чад.
Австралија се соочи со екстремни пожари во источните држави минатото лето, но овие области во голема мера доживеаја поладни и повлажни услови оваа година, под влијание на временскиот феномен „Ла Нина“.
Властите предвидоа дека другата страна на државата, Западна Австралија, ќе забележи најголема опасност од пожар ова лето.
- Западна Австралија во голема мера ги пропушти врнежите од дожд во 2020 година, па делови од јужниот и југозападниот брег очекуваат услови за пожари над нормалното - предупреди Центарот за пожари и природни опасности минатиот декември.
Во вторникот, заменик-комесарот за пожари Крег Вотерс рече дека областа не видела толку големи пожари, но во последните неколку години земјата се соочила со пожари што ескалирале преку ноќ.
- Променливата клима и дефицитот на влага во почвата влијаат врз тоа како се однесува пожарот - рече тој.
Австралија во просек се загрева за 1,4 степен од почетокот на националните записи во 1910 година, според нејзините агенции за наука и временска прогноза. Тоа доведе до зголемување на бројот на екстремни топлински настани, како и денови со поголем ризик од опасност од пожар.
Извор:
ВВС
Фото: Screenshot/BBC