X
 02.03.2021 Живот

Како Чешка западна во ковид-катастрофа од невидени размери?

На епидемиолошката карта на светот Чешка се појавува како мал остров на пропаст и мрак. Додека глобалниот број на новозаразени со коронавирусот опаѓа веќе шест последователни недели, централноевропската 10-милионска држава доживува рекордно ниво на нови инфекции.

Нова, поинфективна варијанта на вирусот се прошири низ целата земја, туркајќи ги чешките болници на работ на колапс. Бројот на починати во земјата само што надмина 20.000. Стапката на смртност е меѓу највисоките во светот.

Нема причина за земјата да биде меѓу најтешко погодените. Како релативно богата нација и членка на Европската Унија, Чешка има пристап до вакцини, медицинска опрема и технолошки решенија за следење на контактите. Има демократски избрана влада, а здравствениот систем е добар и почитуван и има прилично силна економија.

Но, сегашната катастрофа што ја погоди Чешка е резултат на десетици погрешни чекори, доцни одлуки и лоши пораки за јавното здравје.

Во петокот владата изјави дека нема друг избор освен да наметне строга блокада, додека голем дел од остатокот од светот почнува да зборува за олеснување на мерките.

- Владата имаше несреќна стратегија за донесување одлуки базирани врз тековните болнички капацитети, што значи дека честопати овие одлуки доаѓаат многу доцна - вели Јан Кулвејт, виш истражувачки научник на Институтот за иднина на човештвото при Оксфордскиот универзитет.

Тој вели дека бројот на пациенти во болниците претставува задоцнета слика на епидемијата, бидејќи луѓето имаат потреба од лекарска помош по некое време откако ќе се заразат.

- Постои многу голема разлика помеѓу усвојувањето на мерките навреме и чекање 10 дена. Доцнењето од 10 дена, кога бројот на репродукција е 1,4 значи двојно зголемување на епидемијата - вели тој.

Во петокот, говорејќи во парламентот, премиерот Андреј Бабиш призна дека неговата влада направила многу грешки, но рече дека не е време да се дискутира за минатото. Објаснувајќи ја потребата од нова блокада, тој рече:

- Разбирам дека е тешко, но многу е важно. Потребно е да го направиме ова заедно и се надевам дека сите ќе разберат и ќе ни дадат последна шанса за заедно да се справиме со ова.

Д-р Растислав Мадар, декан на Медицинското училиште на Универзитетот во Острава и еден од врвните епидемиолози во земјата, посочува на три одлуки како основна причина за сегашната криза. Првата одлука беше кога владата ги отфрли советниците, меѓу кои и самиот Мадар, и одби да го врати задолжителното носење маски во текот на летото; втората одлука беше кога реши да ги отвори продавниците пред Божиќ, а третата кога не успеа да одговори на новиот сој на вирусот што се појави на почетокот од јануари.

Мадар поднесе оставка кога Бабиш го поништи повикот на групата советници маските да станат повторно задолжителни, кога епидемијата покажа знаци на зајакнување кон крајот на август. Одбивањето маските повторно да бидат задолжителни се случи токму кога владата донесе одлука за повторно отворање на училиштата на почетокот од септември.

- Ова доведе до зголемена подвижност на речиси 2 милиона луѓе, па епидемијата експлодира - вели Мадар.

Најверојатно политиката беше дел од донесувањето одлуки.

ceska
Фото: CNN

- Ова беше моментот кога епидемијата повторно почна да се шири, а имаше време да се запре. Но, тоа не се случи бидејќи претстоеја избори - вели Дагмар Џурова, професорка по демографија и заменик-раководител на Катедрата за социјална географија и регионален развој на Универзитетот „Чарлс“ во Прага.

Таа не е единствениот експерт што укажува на изборите во октомври како клучен момент во битката против вирусот.

- Многу европски земји доживеаја втор бран, Чешка не беше единствена. Но, за разлика од другите земји, Чешка не успеа да го задуши вториот бран и мислам дека изборите играа улога во тоа - вели Кулвејт.

До крајот на октомври, тешките ограничувања беа неизбежни. Бабиш беше принуден да признае дека тој и неговата влада направија грешки во справувањето со епидемијата и ги молеа луѓето да се придржуваат кон мерките.

Но, се појави уште една грешка. Бидејќи инфекциите почнаа да се намалуваат, а се приближуваше Божиќ, владата стана нетрпелива и одлучи да ги игнорира сопствените правила базирани на податоци за тоа како повторно да ја отвори земјата.

Така, Чешка создаде таканаречен „ПЕС-систем“ кој требаше да ги утврди следните чекори на владата засновани врз епидемиолошката состојба; секое олеснување на мерките требаше да биде поткрепено со податоци. Нивото на ризик беше одредено од голем број фактори, вклучително и бројот на репродукција, стапката на позитивност и бројот на инфекции на 100.000 луѓе.

- Не ги почитуваа сопствените правила, системот им кажуваше нешто, но тие го игнорираа - рече Кулвејт.

- Не го издржаа притисокот и се согласија да почнат со укинување на некои ограничувања за луѓето да почнат да излегуваат на божиќниот шопинг, и покрај фактот дека инфекциите и понатаму беа поголеми отколку кога беше воведено заклучувањето - рече Мадар.

Друг проблем со чешкиот пристап беше недостигот на финансиска поддршка. Ова доведе до слаба усогласеност на правилата кај оние што едноставно не можат да си дозволат да ги почитуваат. На пример, им било кажано на луѓето дека ако се во карантин, ќе земаат 60 отсто од платата.

Со пораките на владата измешани со политиката почнаа да се шират и дезинформации.

- Секако, ова не се однесуваше само на Чешка, но се чинеше дека има повеќе луѓе што веруваат во теории на заговор и сметаат дека ризикот од вирусот е преценет - вели Кулвејт. И чешките медиуми придонесоа за одредена конфузија. - Така, медиумите имаа гостин кој велеше дека маските се корисни, но имаа и гостин кој велеше дека не се корисни. Имаа гостин кој велеше дека вирусот е опасен, но поканија и некој што велеше дека не е опасен.

Сето ова ја искриви реалноста.

- Се разбира дека се водат дебати во експертските кругови, но ако погледнете во областа на епидемиологијата, околу 95 отсто од експертите се согласуваат за консензусот и тогаш имате можеби 5 отсто што не се согласуваат, но во медиумите ова е претставено како 50:50, а потоа на социјалните мрежи тоа може да е 20:80 - додава тој.

Чесите би можеле да се посклони кон теориите на заговор затоа што нивната земја помина низ првиот бран релативно неповредена благодарение на предвремената одлука за заклучување.

- Како резултат, голем дел од општеството се чувствуваше како да не се случи ништо и мерките, кои дојдоа со огромна цена, не беа неопходни. Немаше доволно нагласување на фактот дека ништо лошо не се случи токму поради мерките - вели Џурова.

Во јавното здравство ова е познато како парадокс на успехот. Кога превентивните мерки функционираат добро, јавноста може да ја потцени сериозноста на ситуацијата и да верува дека превенцијата е губење време.

praga
Фото: Freepik

- Луѓето се соочија со последиците од мерките, но не и со последиците од вирусот, па имаше огромен скок на бројот на луѓе што почнаа да се сомневаат во сериозноста на болеста и ситуацијата - вели Кулвејт.

Чесите не се единствени во тоа што станаа жртви на сопствениот успех, но неможноста на владата да ги објасни проблемите ја влоши ситуацијата. Владата почна информативна кампања за вирусот, но најмногу се фокусираше на ограничувањата и од неодамна, на вакцините.

Тековната криза во Чешка делумно се сведува на новата, поинфективна варијанта на вирусот, првпат идентификувана во Велика Британија.

Џирова и Мадар велат дека земјата не посветува доволно внимание на новата варијанта, не секвенционирајќи доволно примероци за да открие колку е распространет новиот вид и како да се спречи ширењето низ целата земја. Ова е нешто што Британија успеа да го направи во јануари, со комбинација на многу строги мерки за заклучување и интензивно секвенционирање. До моментот кога Чесите почнаа со секвенционирање, новиот сој веќе беше доминантен.

- Мерките што сега се во сила се доволно силни за да ги намалат инфекциите на оригиналниот коронавирус, но не и новите варијанти - вели Кулвејт. Тој, Џурова и Мадар ја повикаа владата да ги заостри ограничувањата што е можно поскоро.

Моментално Чешка е во благо заклучување во споредба со други земји, вклучувајќи ја и Британија. Училиштата се затворени, освен за прво и второ одделение. Несуштинските продавници претежно се затворени, а рестораните се отворени само за храна за носење. Оваа недела мерките се заострија, па луѓето нема да можат да ги напуштат домовите освен за некои важни причини, а и најмалите деца ќе се префрлат на учење на далечина. Забрането е патувањето меѓу региони.

Но, експертите велат дека владата прави голема грешка што одбива затворање на фабриките.

- Новиот сој ги менува правилата на игра. Фабриките се отворени и луѓето патуваат со јавен превоз, што може да доведе до колапс на здравствениот систем - вели Мадар.

И главните синдикати на земјата повикаа на запирање на индустриското производство, но владата тврди дека овој потег ќе ги чини многу. Секторот сочинува околу 40 отсто од чешкиот БДП.

- Се плашам дека голем дел од чешката јавност и понатаму не сфаќа колку е лоша ситуацијата. Страшно е што некои луѓе го прифатија фактот дека гледаме 100, 150 луѓе како умираат на дневно ниво, и во тоа не гледаат ништо алармантно, туку нешто што е природно и неизбежно, а всушност е огромна трагедија - вели Џурова.

Извор: CNN
Фото:
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот