Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Денес тие се членови на менаџерски тимови и ги водат најуспешните компании во земјава. Ова се приказните на успешните Македонци што ќе ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите
„Често оперативецот е шефот. Од него зависи сè, дури и мојата работа, иако јас сум му претпоставен. Јас треба да набљудувам, да прашувам, да слушам за да научам. Ако имаш факултет, не значи дека си најдобар. Поединецот е најважен и неговата улога во целиот тим. А сите ние постоиме за неговото височество - купувачот. Тој е за нас сѐ“, вели Борис Ацковски, оперативен менаџер на целиот производствен процес на безалкохолни пијалаци во „Пивара Скопје“. Тој раководи со фабриката каде што се произведува пијалакот број еден во светот - „Coca-Cola“. Заедно со останатите брендови, годишно произведува по 65 милиони литри безалкохолни пијалаци. Почнал да работи во „Пивара Скопје“ пред 15 години како супервизор на смена, за денеска да е дел од топ-менаџментот. Ова е неговата приказна.
Тука се создава пијалакот број еден во светот
Уште во основно училиште многу го привлекувале математиката и физиката. Одел на натпревари и било сосема логично да продолжи во „Орце Николов“ или во „Корчагин“.
- Неколку другари се решивме за „Орце“. Супер школо. Имам многу убави спомени и другарства кои сè уште траат. Кога дојде време да се запишам на факултет, бев на крстопат бидејќи паралелно тренирав ракомет. Сепак, се решив за Електротехничкиот факултет (насока елкетроенергетика). Факултетот беше тежок и бараше голем ангажман. Предавања, вежби, колоквиуми за да поминеш полесно на испит. Во втора година веќе беше полесно, си фаќаш ритам. Не бев најдобар, но бев солиден студент. Почнав во октомври 1994, дипломирав во ноември 1999 година - раскажува тој.
Додека студирал, мислел дека ќе проектира централи, трафостаници, бидејќи таква му била струката. Но, ниту еден ден не го работел тоа што го учел (освен праксата во „ЕМО-Охрид“, во проектантското биро во Сарај).
Во тоа време потешко се наоѓаше работа
Дипломирал и дошло време да бара работа. За разлика од денес, тогаш имало помалку можности и потешко се наоѓала работа. Конкурирал на повеќе места - му било важно да почне нешто да работи. Така почнал во „Хајтек“, фирма за производство на електронски принтани плочи за автомобили која во тоа време била на почетоците. Работел на дизајн на плочите. Имал познавања од електротехника, компјутери, па лесно го научил целиот процес.
- Но, тоа беше работа врзана за компјутер, седење 8 часа, да ги подготвуваш плочите за производство. А јас имам подинамичен темперамент. И ден-денес ми е тешко кога треба неколку часа да се затворам во канцеларија, да работам на извештаи. Потоа почнав и во делот за производство, тоа повеќе ми одговараше, ги учев процесите, организацијата на работа. Таму останав три години - раскажува Ацковски.
Со семејството
Во меѓувреме се оженил. Син му денес има 13 години, а неговата сопруга е економист, финансиски директор во позната градежна фирма во Скопје. Набрзо откако се оженил излегол оглас за „Пивара Скопје“. Неговото CV му било спремно, но никако не се решавал да го испрати. Последниот ден сопругата го испратила ковертот.
- Си велев дека за џабе ќе аплицирам. Таму конкуренцијата е огромна. Во „Хајтек“ ми беше убаво, ме исполнуваше работата. Но, работев во смени, па не бев слободен за викенд. По некое време ми се јавија од „Пивара Скопје“. Почнаа тестирања, па неколку интервјуа и почна да се движи процесот. И така почнав да работам во „Пивара Скопје“ во 2004 година. Почнав во фабриката за производство на безалкохолни пијалаци како супервизор на смена. И пак работев во смени. Таква ми беше кармата, но веќе бев навикнат - се шегува Ацковски.
„Оперативецот е главниот“
Во „Хајтек“ научил многу, како се организира производство, контрола на квалитет, безбедност при работа и многу лесно се вклопил во новата средина. Но, во „Пивара Скопје“ бил опкружен со многу добри луѓе, од оператори на машини до претпоставени, кои го вовеле во работата. Во тоа време сите нововработени поминувале низ циклус од две недели. Имале обуки да се запознаат со фирмата, како функционираат секторите, вработените, што е тимска работа, комуникација, квалитет итн.
- Тоа беа интензивни обуки, по 8 часа во училница, доаѓаа претставници од сите сектори и зборуваа за нивниот дел од работата. Интересно беше. Потоа преминав во делот каде што требаше да работам и лесно можев да го направам првиот чекор - веќе имав предзнаења. Тоа е добро во „Пивара Скопје“ - не очекуваат од тебе првиот ден да ги завршиш работите. Имаш одреден период за да се адаптираш на средината. Важно е во тој период да покажеш дека можеш добро да комуницираш со луѓето, дека сакаш да учиш, дека си љубопитен и се интересираш. Кога ќе ти дадат некоја задача, среќен си. Јас и колегата две години делевме ист компјутер. Заедно нè примија на работа како инженери на производство. Осум часа дневно минував во производство, ги учев процесите. Компанијата инвестирала во мене и некој ми овозможил сето тоа да го научам, да ги следам работите, да стекнувам знаење, за потоа да дадам резултати. Тоа е ретко - вели Ацковски.
Компанијата инвестираше во мене
Секој ден му бил предизвик. Делот каде што работи има многу техника – машини, опрема, различни инсталации, за струја, гас, вода, автоматизирани машини со камери за инспекции. Од технички аспект му била задоволена желбата за техника и тоа што го студирал. Но, имал простор и многу да учи, па со текот на времето од електроинженер станал и технолог и машински инженер.
- Низ годините го надградував знаењето. Сега знам и за технологија и за микробиологија, безбедност на храна, машинско инженерство повеќе отколку електро. Битно е да сакаш да учиш, да те интересира. Околу тебе има луѓе со големо знаење и треба да го искористиш тоа. Имав голема среќа, почнувајќи од обичен оператор кој работи на машина до директор на производство, сите имаа големо знаење. Најмногу ќе научиш од оперативецот. Ако седнеш до него, прашуваш, разговараш, ако собираш информации, сè ќе ти објасни. Тој е цело време тука, 8 часа е до машината, ја гледа, знае како работи, го знае секое делче, секое шрафче. Ако сакаш да научиш, ќе ти каже. Само треба да му пристапиш правилно, да му помогнеш кога треба. Ако си завршил факултет, не значи дека ти си на некое повисоко ниво. Тој е главниот. Колку сакаш да учиш, да помагаш, да се интересираш за работата на другите, така тие ќе те прифатат - дециден е Ацковски.
Големиот тест
Низ годините видел секакви ситуации. Луѓе што со три дена работа сакаат да раководат со тимот. Не може така, вели тој. Додека не ја научиш работата на луѓето со кои работиш, не можеш да го раководиш тимот.
- Не ја знаеш тежината на нивната работа. Или ќе го преоптовариш или нема да биде искористен. Денес имам тим кој е под 30 години. Ја раководат целата фабрика. Она што го бараме, што го гледаме кај поединецот е колку сака да прима знаење, да комуницира, да напредува, да учи повеќе од она што треба да го работи - објаснува Ацковски.
Во првите години работел како супервизор на смена во фабриката за безалкохолни пијалаци. Имал свој тим, ја водел смената. Почнале да постигнуваат одлични резултати. А компанијата има систем да ги идентификува луѓето што даваат добри резултати и имаат желба и капацитет да направат дополнителен чекор.
- Со текот на времето компанијата ти дава можност да учиш, напредуваш, има разни обуки, од аспект на организација, менаџирање со луѓе, лидерство, финансии. Компанијата инвестира во твоето знаење и вештините се зголемуваат со текот на времето. Меѓутоа, компанијата инвестира само во вработени кои даваат сигнал дека сакаат да се инвестира во нив - дециден е тој.
Со колегите во акција на чистење на кејот на Вардар
Тогаш му бил доделен проект во „Пивара Скопје“. Во двете фабрики требало да имплементира нови системи на управување на работата Lean Manufacturing Management. Корпоративниот проект се реализирал во цела Coca - Cola корпорација, а нему му била дадена можност да го води проектот во Македонија. Веќе имал искуство од повеќе фабрики во регионот - во Белград, Костинброд кај Софија, Загреб, Сараево. Учел, собирал искуство. Новиот систем бил успешно имплементиран и тоа му отворило врата за да напредува во кариерата.
- Тоа беше еден вид тест. Ги имплементиравме системите и во наредните години имавме многу големи придобивки - од аспект на ефикасност, продуктивност, намалување на трошоците. И така станав менаџер на целото производство на безалкохолни пијалаци - Coca - Cola, Fanta, Sprite, Schweppes и сите екстензии и различни вкусови што доаѓаат по нив. Од лани имаме и негазирани пијалаци - Next Joy кои ги произведуваме тука. Тоа, исто така, беше мој проект. Ме унапредија во оперативен менаџер за безалкохолни пијалаци - раскажува Ацковски.
Како функционира производствениот дел на безалкохолни пијалаци во „Пивара Скопје“
Денес ги води сите процеси што се однесуваат на безалкохолните пијалаци во „Пивара Скопје“ - увоз на безалкохолни пијалаци, планирањето на испораките (бидејќи од различни земји се увезуваат различни суровини), делот на производство, контрола на квалитет, безбедност и здравје при работа, одржување и инженерски проекти, сите процеси. Буквално сè од почеток, од планирање на суровини и репроматеријали, испораки, пристигнување, складирање, претворање во готов производ до дистрибуција.
Годишно произведуваат по 65 милиони литри безалкохолни пијалаци. Најголем дел се за нашиот пазар, но дел се извезуваат. Ацковски објаснува дека Coca – Cola корпорацијата секаде функционира исто - организацијата, начинот на работа, процесите, организациската структура е буквално прекопирана. Можеби фабриката има различна големина, но суштината е иста. Тоа е еден систем кој мора секаде да биде ист. „Пивара Скопје“ е единствената фабрика во светот каде што вработените можат да бидат дел од два система – на Coca Cola HBC и на Heineken. Секаде во светот се одвоени, само тука функционираат заедно. Така вработените црпат знаења од двата система, од секој аспект - на организација, луѓе, пазари.
Знаењето мора да им се пренесе на младите
- Главна обврска ни е да го покриеме домашниот пазар. Тоа ни е мисија број еден. Не смееме да останеме без производ на македонскиот пазар, па потоа сè што имаме екстра како капацитет можеме да го искористиме за да задоволиме потреби и во регионот - објаснува Ацковски.
Повеќе од јасно е кој е најбараниот и најпродаваниот производ. Повеќе од 50 отсто од вкупното производство отпаѓаат на брендот Coca - Cola, а во останатата половина се надоврзуваат останатите пијалаци. „Пивара Скопје“ е дел од Coca - Cola HBC – овластена компанија за производство на безалкохолни пијалаци на The Coca - Cola Company и оперира во вкупно 28 земји во Европа и во Нигерија, Африка. Работат и на многу заеднички проекти со другите земји.
Компанијата не те остава во комфорна зона
Пред 15 години бил одговорен за тим од тројца или петмина. Важно му било да нема проблеми во неговата смена, да обезбеди производ со квалитет, безбедноста и здравјето на вработените да не бидат загрозени, да има соодветни услови за работа, да исполни норма, да го држи тимот мотивиран. Денес раководи со 65 луѓе кои ги координираат, ги организираат сите процеси, буквално целата фабрика.
- Секоја повисока позиција носи поголема одговорност, и тоа е нормално. Тоа секој си го избира. Ние не сме изолиран остров, не работиме за себе, туку за „Пивара Скопје“ и важно е компанијата да продаде производ на пазарот. Сите ние сме во служба да го продадеме тој производ, да има највисок квалитет на пазарот, во секое време. И сите планови ги правиме во таа насока. Компанијата не те остава да бидеш во комфорна зона, цело време ти нуди нови предизвици. И тоа е добро - те држи буден, ти дава можност да учиш, а тоа е многу важно. Лично сум учествувал во многу проекти што биле поврзани со други сектори - финансии, комерција, логистика, секаде каде што имало потреба, сум се вклучувал во проектите. Дури ми давале да водам проекти што се надвор од мојот сектор. И тоа е добро бидејќи добиваш нови хоризонти. Можеби ќе се пронајдеш во некој друг дел од работата - раскажува Ацковски.
Бидејќи пазарот и купувачите се најважни, секој од вработените оди на терен за да види што се случува таму, како треба да бидат поставени производите и рекламите во продавниците и маркетите. Секој вработен треба да го чуе гласот на купувачот.
- Тој што го купува производот за нас е сѐ . И правиме сè за да го задоволиме. Да ги слушнеме реакциите. Тој што работи во производство не ја знае тежината на работата на тој што работи во Комерција, кој секој ден се соочува со задоволни или незадоволни купувачи. И си размислува: „Јас работам на машина, во три смени, сигурно на колегите од Комерција работата им е поедноставна“. Но, кога една недела ќе го придружува ќе види каков му е работниот ден и ќе сфати дека воопшто не е едноставно. Така сите ние стануваме свесни што ни е важно како компанија – објаснува Ацковски.
Сè што е претерано не чини
Вели дека ни самиот не може да ѝ одолее. „Да, ја пијам, ја сакам. Највкусна е“.
- Постојано даваме нови предлози и опции. Освен стандардната Coca – Cola, потрошувачите може да ја консумираат и Coca - Cola Zero. Сите што сме дел од овој бизнис сме амбасадори на овој производ, секој вработен поединечно. И знаеме од што е составен производот и тоа секаде го промовираме, им го објаснуваме на луѓето. На сите што нѐ прашуваат им ја кажуваме препорачаната доза што треба да се испие и нагласуваме дека треба да се биде физички активен. Сè пишува на декларацијата. Сè што е претерано не чини и нашата девиза е сè да се консумира умерено - вели Ацковски.
Сè што е претерано не чини
Во 1920 година The Coca - Cola Company првпат го употребила ликот на Дедо Мраз во божиќните реклами. Неколку години подоцна компанијата помогнала да се создаде ликот на старецот со бела брада кој денес е неизоставен дел од новогодишните празници во целиот свет.
- За нас, најфреквентен период е пред Нова година, тогаш најмногу се продава. Се разбира, покрај јули и август кога надвор има над 40 степени - вели Ацковски.
Дека целата компанија постои за потрошувачите и купувачите и нивните барања, покажува и телефонската линија на која може да се јави секој, задоволен или незадоволен. Ако забелешката се однесува на делот на производство, вработените од овој сектор мора во рок од еден ден да го исконтактираат купувачот или потрошувачот, да му одговорат на прашањата, да му објаснат сè што го интересира. Често тоа го прави и Ацковски.
- Имаше едно интересно прашање: „Откако ќе го отвориш шишето, колку време може да стои на трпеза и да пијам?“ Реков дека додека му е вкусна, може. Шегата настрана, на секое шише има рок на траење и до тој датум ние гарантираме дека производот ќе биде добар, отворен или затворен - вели Ацковски.
Не можеме да си дозволиме протекции, а да нема квалитет
Дали пред 15 години мислел дека денес ќе стигне до оваа работна позиција? Ацковски вели дека на почетокот не можеш да знаеш што те очекува.
- Мислам дека човек не треба да си поставува конкретни цели, туку да го најде тоа што го исполнува, да се обидува да добие повеќе знаење за да научи повеќе. Секој може да стигне онаму каде што не ни претпоставувал. Искрено, не сум си поставил цел да бидам тука. Развојот на настаните ме доведе дотука. Генерално „Пивара Скопје“ претпочита така да функционираат работите. Како систем не можеме да си дозволиме да работат врски и протекции, а да нема квалитет - објаснува Ацковски.
Таков е системот на компанијата. Секоја година има оценување, креирање индивидуални развојни планови врз основа на перформансот што го дал вработениот во изминатиот период. Оцените ги даваат претпоставени, луѓе што се на исто ниво со поединецот. Ацковски вели дека тоа е многу отворен процес - ако сакаш да одиш напред, мораш да го исполниш тоа што се бара од тебе.
- Системот е така дизајниран што квалитетот мора да излезе на површина. Можеш да бидеш во сè најдобар, но ако немаш добра комуникација со луѓето, мора да го надминеш тој недостаток. Па ќе се направи план како да го надминеш и да направиш промена кај себе. Ако не, тоа веднаш сугерира дека твојот потенцијал не е на нивото што го бара компанијата. Самиот систем ги води работите. Има многу јасни критериуми, правила, кој, што, каде и како треба - објаснува Ацковски.
Акција за чистење на Матка
Така се прават развојни планови за подолг период, за 2-3 години и се позиционира местото до каде треба одреден вработен да напредува.
- Има отворена комуникација и сѐ функционира. Отворено го прашувам секој вработен во мојот тим каде се гледа себеси за 2-3 години, да направиме план како да стигне таму. Мојот успех е ако јас го доведам него дотаму - дециден е Ацковски.
Што значи најдобра Coca - Cola во цел свет?
На сите што би сакале да бидат дел од компанијата им порачува да бидат упорни, истрајни, да сакаат да се соочат со предизвиците, да не бегаат, да не отстапуваат, да сакаат да учат, да бидат љубопитни, да соберат што повеќе знаење. Секоја работа е искуство плус, што во иднина ќе се исплати на некој начин. Кога денес би бил студент што бара работа, повторно не би избирал што ќе работи.
- Како студент сум работел и во пекарница и во кафулиња. И сето тоа ме довело тука. Познанства, постојано нови контакти или упорност, сето тоа е плус што во некоја ситуација ќе те издвои од другите - вели Ацковски.
На прашањето дали чувствува сатисфакција што раководи со фабриката која го произведува најпознатиот пијалак во светот, тој одговара:
- Бидејќи го произведувам, чувствувам одговорност дека производот мора да биде 100 отсто квалитетен. Не смеам да направам грешка. Зошто Coca - Cola е број еден бренд? Затоа што квалитетот е секогаш врвен и секаде е ист. Нема разлика. Каде и да одиш, го добиваш истото. Предизвик е, но и задоволство. Можеш да се пофалиш дека ја правиш најдобрата Coca - Cola во светот. Интересно е. Особено што можеш со другите да се споредуваш бидејќи имаме такви информации од околните земји. Coca - Cola произведена во „Пивара Скопје“ беше двапати избрана како најдобра во цел свет. Тоа значи дека сè што излегло од нашата фабрика на пазарот било со 100 отсто квалитет. Нема никакво отстапување од стандардните параметри за квалитет што ги пропишува компанијата. Тоа што им го даваме на купувачите е 100 отсто добро и формулата за најдобра Coca – Cola во светот се должи на комбинација од најквалитетни суровини, најсофистицирана опрема и најважно од сѐ - квалификувани и добро мотивирани вработени - завршува Ацковски.