X
 02.03.2022 Живот

Постојаното изложување на големи катастрофи има долготрајно влијание врз здравјето

Постојаното изложување на големи катастрофи не ги прави луѓето ментално посилни, покажува неодамнешна студија на Школата за јавно здравје при Универзитетот „Тексас А&М“. Лицата што повеќе пати биле изложени на големи катастрофи покажуваат полоши резултати за ментално здравје.

Дополнително, истражувачкиот тим утврдил дека колку повеќе искуства имаат со такви настани, толку полошо е менталното здравје на лицата.

- Наидовме на обратна верзија од изреката - што не те убива, те прави посилен - истакна Гарет Сансом, водечки автор на студијата.

Тој и истражувачи од универзитетот проучувале лица од областа на Хјустон, која е подложна на урагани и поплави, како и на индустриски вонредни состојби. Резултатите од студијата биле објавени во списанието „Нејчурал хазардс“.

Од 2000 до 2020 година Тексас - една од американските сојузни држави кои се најподложни на природни катастрофи - бил погоден од 33 поголеми катастрофи, прогласени и од Федералната агенција за менаџмент на вонредни состојби. Многу од тие урагани, суши и поплави го погодиле Хјустон. Областа, исто така, била погодена и од вонредни состојби како експлозии и ослободувања на хемиски супстанции од блиските индустриски капацитети.

Според истражувачкиот тим, комбинацијата на природни катастрофи и вонредни состојби во индустриските капацитети претставува единствена можност за набљудување на влијанијата.

Тимот користел кратка анкета од 12 прашања за да собира информации. Со неа биле оценувани кумулативните влијанија од изложувањето за да се проценат промените со текот на времето, давајќи резултат и за менталното и за физичкото здравје.

Повеќето испитаници истакнале дека доживеале многу опасни настани во текот на изминатите пет години. Урагани и поплави (96,35%) биле најчесто искусените настани, по што следувале индустриските пожари (96,08), хемиските излевања (86,84) и торнада (79,82).

Тимот утврдил дека кај лицата што доживеале два или повеќе настани во изминатите пет години  просеците за менталното здравје паднале под очекуваните национални нивоа.

Резултатите од студијата помагаат во откривањето на долготрајните влијанија на несреќите врз менталното здравје. Уште поважно, тие ја потенцираат потребата за интервенции на јавното здравје насочени кон овие лица, како и кон заедниците каде што живеат.

Извор: Science Daily
Фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот