- Секогаш кога готвеше баба Доли, сите доаѓавме со трчање - се сеќава Мики Френк додека ја меша смесата за палачинки во керамички сад.
- Што беше толку посебно во палачинките на баба ти? - ја праша нејзиниот терапевт, Џули Охана.
- Нејзината љубов - одговори Френк.
- Тоа е дел од секој рецепт - потврди Охана.
Во текот на изминатите неколку месеци Френк ја истражува терапијата со кулинарската уметност, еден од најновите трендови за самогрижа. Практиката го комбинира готвењето со традиционална терапија, специјалност на Охана.
Методот е релативно нов во рамките на полето на терапијата и советувањето и се покажа како корисен за луѓето што се соочуваат со депресија, анксиозност и други проблеми со менталното здравје. Ова делумно се должи на нејзиниот медитативен аспект.
- Станува збор за вежбање на свеста. Кога се обидувате да ги анализирате работите, да скратите одредени работи, навистина ќе влезете во ритам. Ќе се фокусирате на она што го правите, ќе бидете во моментот и нема да мислите на другите работи - вели таа.
Тоа е проактивно преземање на контролата врз вашата физичка и ментална благосостојба. Серијата „Останете добро“ нуди чекори од експертите што можете да ги преземете за да го прифатете здравото живеење на долг рок.
Френк зачекори во кујната со Охана во надеж дека ќе најде подобар начин да се справи со стресот што доаѓа со работата и нејзиното мајчинство. Таа е мајка на три деца.
- Дефинитивно чувствувам голем притисок меѓу моите приоритети, а тоа се моите деца, како и работата што ја сакам - вели таа.
За време на сесијата Охана и Френк приготвуваат два рецепти за палачинки: традиционални со путер со млеко и поздрава, овесна верзија. Со тоа Охана се надева дека ќе ѝ покаже на Френк дека може да најде рамнотежа во нејзиниот зафатен живот преку внимателно планирање.
Терапевтското готвење може да вклучува двајца, но може да учествуваат и цели семејства и вработени, во формат на работилница. Се прави различно од типичното советување.
- Кога сте во традиционална терапевтска сесија, навистина нема ништо друго освен фокусот на другиот, освен лицето со кое разговарате. За некои луѓе тоа е застрашувачко и непријатно. Кога си во кујната и правиш нешто со терапевтот, можеш да се релаксираш и да бидеш свој - додава таа.
Оваа терапија може и да го извлече максимумот од групните сесии.
- Ако си со група, дел од магијата за која мислам дека се случува е во интеракцијата со
луѓето со кои си во друштво. Ти навистина учиш да комуницираш и да решаваш проблеми со другите на начин на кој не можеш во други ситуации - вели Охана.
- Навистина учиш нешто што е добро за тебе, но и животна вештина што ни е потребна на сите - додава таа.