X
 31.07.2023 Живот

Еве што велат истражувањата за пријателите на работното место

Веројатно ве советувале да не станувате премногу блиски со колегите од работа. Меѓутоа, едно истражување покажало дека 57 отсто од луѓето сметаат дека работата е попријатна доколку имаат добар пријател на работното место. Друго истражување покажало дека двајца од 10 работници мислат дека имаат најдобар пријател на работното место.

Мариса Кинг, професор по организациско однесување на Школата за менаџмент на „Јејл“, вели дека според истражувањата, пријателствата на работното место носат многу придобивки.

- Поддршката од колегите ги намалува стресот и прегореноста, ги подобрува ефикасноста и продуктивноста и ја зголемува ангажираноста на вработените - вели Кинг.

Анкета во САД покажала дека дури 82 отсто од испитаниците работат барем со една личност која сметаат дека им е пријател. 29 отсто од нив имаат колега кој истовремено им е најдобар пријател. Друга анкета спроведена на жени покажала дека оние жени што имаат најдобра пријателка на работното место почесто имаат доживотен партнер отколку оние без пријателка на работа.


Фото: Pixabay

Кога станува збор за возрасните групи, помладите лица би сакале да имаат повеќе пријатели на работа, а оние со повисока работна позиција имаат повеќе пријатели на работното место. Пријателствата на работното место зависат и од индустријата. На пример, оние во превозната индустрија имаат просечно 10 пријатели на работа, а оние што работат во областа на правото имаат просечно три пријатели на работа.

Моќта на пријателите од работа

Луѓето често се поврзуваат со колегите преку споделени искуства во компанијата или организацијата. Во случај на присуство на токсична атмосфера на работното место, колегите се поврзуваат преку заедничките негативни искуства. Меѓутоа, оваа врска не е ограничена на токсичната околина.

Дури и на пријатните работни места на луѓето им треба пријател кој ќе ги слушне нивните проблеми на работа и надвор од работата. Понекогаш, едноставното споделување шеги со колегите прави да се чувствуваме подобро на работа. Сето ова влијае врз работата на целата компанија, па затоа лидерите треба да поттикнуваат поврзаност помеѓу вработените, пишува „Светскиот економски форум“.

Извор: World economic forum
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот